Длабочината на дното

June 22, 2023
2 mins read

Минатата среда, во 16.36 часот по средноевропско време, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, беше „длабоко растажена“. Се слушна дека близу Грција потонал бротче со стотина бегалци, кој претходно бил пресретнат од грчката крајбрежна стража.

Не само што Фон дер Лејен беше „длабоко растажена“ туку и „многу загрижена“ што се случи со исчезнатите. До денес би требало да знае дека се удавиле околу четири-петстотини луѓе, меѓу кои веројатно стотина деца.

Судејќи по твитер-профилот на шефицата на Европската комисија, нејзината „длабока растаженост“ траела цели 23 минути, откако истиот ден, во 16.59 часот, напишала дека ѝ е „задоволство“ што се наоѓа во официјална посета на Чиле.

Ако им се верува на извештаите, посетата минала добро и лавовско достигнување на Урсула фон дер Лејен е што, во интерес на народите и народностите на Европската Унија, таа успеа да потисне, не обична „растаженост“, туку „длабока растаженост“. Жената, прво и основно, е професионалец.

Вести за страшната – и толку непотребна! – смрт на стотици луѓе сепак некако стигна до насловните страници на весниците или во почетните минути на телевизиските вести во Западна Европа. Не е дека баш секој ден се дават 500 луѓе.

Да умреа 50-тина, можеби тоа немаше да биде вест, бидејќи тоа се случува доста често. Можеби тогаш „загриженоста“ на Урсула не би била „длабока“ туку нешто поплитка. Вака, колку повеќе луѓе одеднаш потонуваат во длабочините на Средоземното Море, толку подлабока е загриженоста.

Во последниве десет години се избројани околу 30.000 мртви во таа Сина гробница, онаму каде што сите одиме да си ги ладиме нозете.

Во септември 2015 година, тоа сè уште беше ударна вест. Сите светски медиуми ја објавија фотографијата од безживотното тело на тригодишниот Ајлан Курди, кое брановите го исфрлија на плажата кај Бодрум. Фамилијата бегала од војната во Сирија и од тоа остана само видео од мртво дете со главата закопана во песок.

Оттогаш до денес, Европската Унија морално банкротираше комплетно. Зашто толку многу луѓе не загинаа и покрај потезите на ЕУ и нејзините членки, туку токму поради тие потези. Затоа што како кербери ги штитат границите од голораките бегалци и нивните деца.

ЕУ бараше компромис помеѓу фактот дека земјите како Германија, Австрија или Шведска не можат да ги прифатат сите што се намерачиле таму – затоа што тогаш веќе нема да бидат земји со стандард на кој навикнале – и нивните декларативни западни вредности.
Компромисот е најден во политиката на толку критикуваниот Виктор Орбан – жица, полициски кучиња, патролни чамци, па кој ќе го пројде  тој смртоносен паркур, тој може некаде да бара азил.

Пред некој ден Европската Унија официјално реши процедурите за азил да се спроведуваат на надворешните граници, па одбиените баратели на азил итно да бидат депортирани, кај било. И после? После нека почнат одново низ лавиринтот страдања, можеби ќе имаат повеќе среќа.

Така, ЕУ најде мерка за западните вредности што може да ги поднесе – извезувајќи ја несреќата надвор од своите граници. Она што не го гледаме, не постои. Во ваква Европска Унија, Орбан би бил посоодветен шеф на Европската комисија – тој барем не се фолира.

Урсула фон дер Лејен, пак, е идеалниот бирократ кој среде ноќ може да ги изрецитира сите фрази за „вредностите“, за слободата на печатот, потребата да се вооружи Украина, за владеењето на правото и притоа да биде „длабоко растажена“, „многу загрижена“ или пак „крајно решена“.

Не е познато, на пример, дали Фон дер Лејен била загрижена или тажна кога, како министерката за одбрана на Германија, ѝ давала бизниси вредни стотици милиони евра на консултантската фирма „Мекинси“во која работеле нејзините деца, па тие ангажмани никогаш не биле завршени, ама парите се земале.

Пред истрагата, содржината на мобилниот телефон на Урсула мистериозно испарила, па не можело да се вештачи. Неколку години подоцна, мистериозно исчезнаа и пораките што таа приватно ги разменувала со шефот на „Фајзер“, пред да му нарача вакцини за 35 милијарди евра (види: Урсула набавила по 10 вакцини за секој граѓанин на ЕУ).

По сè изгледа, Урсула нема да банкротира финансиски, како што ЕУ банкротираше морално.

Борејќи се со кризи, ЕУ на своја страна ги задржа ладнокрвните факти – дека таму подобро се живее, дека возовите се побрзи, а градовите  почисти, дека дефинитивно вреди да се биде членка на ЕУ. Но, таа прокоцка една Голема идеја и симболичен капитал.

Кога смртта на петстотини невини луѓе носи само твит за „длабока растаженост“, тоа сведочи за длабочината на падот на твитерџиката и Унијата што таа ја предводи.

Немања Рујевиќ

 

ИЗВОР: off.net.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Tituj të nxehtë për verë të relaksuar me SkyShowtime

Следно

(ВИДЕО) Иницијатива од партијата на Макрон: Француското собрание да донесе резолуција за македонскиот јазик како Бундестагот

Latest from Blog

Весникот „Илинден“ одбележа 15 години – мост меѓу Македонците во Албанија и татковината

Тирана свечено беа одбележани 15 години од излегувањето на првиот број на македонскиот весник „Илинден“, гласило на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое претставува еден од клучните медиуми за информирање и афирмација на македонската

1,45 милиони денари за културно-уметничките друштва: Нов јавен повик од Општина Битола

Со цел збогатување на фолклорот, негова поголема афирмација, афирмација на Општината преку промоција на традицијата и поголема вклученост на младите кои ќе ја негуваат традицијата и културата во нашиот град, Општина Битола

Важно известување за корисниците на Бајненс платформата во Македонија: Наводната група на Вајбер не е официјален канал на Бајненс

Вајбер групата именувана како „111 Заедница za kriptovaluti“, како и пораките и комуникацијата што се споделуваат во неа, не се официјално поврзани со Binance и не се водени, одобрени или поддржани од Binance на кој

Британската министерка за надворешни работи ќе биде домаќин на разговори за повторно отворање на Ормуската Теснина

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој требаше да одржи телевизиско обраќање вчеравечер, во меѓувреме даде контрадикторни изјави за тоа дали е подготвен да ја запре војната со Иран или да ја ескалира.

„Безбеден град“: За 68.2% намалени прекршоците за минување на црвено светло споредбено со февруари

Во периодот од 01.03.2026 до 31.03.2026 од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 26.241 прекршок. -Од вкупниот број на регистрирани
Go toTop