Заемната определба да се вложува во перспективите за македонистиката во Полска дава конкретни резултати. По одбележувањето на јубилејот 35 години Лекторат по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, од следната академска година, македонскиот јазик ќе се изучува и на додипломските студии на Универзитетот во Вроцлав. Определбата македонскиот јазик уште посилно да одекнува во светот не е само желба, туку секојдневно е стварност.
Ова меѓу другото го посочува директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска по завршувањето на 11. Македонско-полска конференција во Катовице и по чествувањето на јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Сосновјец.
– На Универзитетот на кој великиот Блаже Конески, кој е меѓу најзаслужните за воспоставувањето и развивањето на македонско-полските културни врски во минатиот век, во 1973 година бил прогласен за dokctor honoris causa, половина век потоа ќе се одвива настава по македонски јазик уште од почетно рамниште на додипломските студии. Се случува нешто на што нè обврзува историјата, затоа што на овој Универзитет, интересот за македонистиката е континуиран и потоа, особено заради успешната работа на Македонистиката работилница основана од еден од најистакнатите полски македонисти, акад. Јан Соколовски, кој и денес е постојано посветен на македонистиката што се потврди и на Конференцијата. Но, особено ни е драго што наставата во Вроцлав ќе ја изведува полската македонистка, д-р Марија Стришевска. Таа е семинаристка на школите на МСМЈЛК при УКИМ и сето она што преку лекторската настава и предавањата на школите во текот на изминатите години го вложивме во неа сега постанува влог во нови генерации полски македонисти. Ова е конкретен пример дека вложувањата во актуелните генерации странски македонисти не се само за сегашноста, туку пред сè за иднината на странската македонистика, нагласува Мојсова-Чепишевска.
Според неа, таквото вложување во новите, актуелни генерации странски македонисти е и само еден од патиштата кои водат до остварување на определбата на МСМЈЛК при УКИМ дека иднината треба да ја создадеме во сегашноста.
Веста за отпочнувањето со академска настава по македонски јазик на Универзитетот во Вроцлав, на Конференцијата и при чествувањето на јубилејот 35 години Лекторат по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет, беше соопштена од амбасадорот, д-р Илија Псалтиров.
– Значајно е што веќе се видливи и дипломатски заложби за статусот на македонистиката на странските универзитети и за поддршка на заложбите за развој на странската македонистика. Се надевам дека тоа не е привремена пројава, туку дека ќе биде постојана, секојдневна практика, затоа што странската македонистика мора да биде државен приоритет, одделно нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.
Годинава се навршуваат и точно триесет години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашата држава и Полска. Но, како што посочува Мојсова-Чепишевска, присуството на македонистиката на тамошните универзитети како и воопшто во сите други странски држави датира од пред официјалното воспоставување дипломатски релации по осамостојувањето на македонската држава и благодарение токму на лекторатите и воопшто на универзитетските центри на кои се изучува македонистиката, афирмацијата на македонистичките вистини, ставови и согледби се остварува толку силно и има традиција. Ама како што напоменува, и не треба да се запре само таму каде што веќе има традиција, туку треба да се продолжи со поставување темели за изучување на македонистиката и онаму каде што има интерес за неа, а сè уште воопшто не е присутна во високообразовната настава, за што МСМЈЛК при УКИМ постојано, меѓу другото се залага.
– Но, и онаму каде што веќе има традиција на интерес и посветеност за македонскиот јазик, литература и култура, потребни се вложувања и посветеност за таа да продолжи и да се случи ново поглавје на развојот на македонистиката. Затоа, во рамките на чествувањето на јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Сосновјец, со колегите од Полска и натаму разговаравме со конкретни предлози за унапредување на наставата по македонски јазик, литература и култура на Шлезискиот универзитет, со цел поттикнување и поголем интерес за македонистиката кај новите генерации студенти. Верувам дека и сето она за што разговаравме и го споделивме како предлог ќе се оствари, како што се оствари и сето она што го планиравме во рамките на чествувањето на јубилејот, истакнува Мојсова-Чепишевска.
Во однос на 11. Македонско-полска конференција која се одржа неделава, таа напоменува дека поминала одлично. Конференцијата ја остварила целта – истражувањата кои биле презентирани водат до нови заклучоци релевантни за македонистиката и полонистиката, но и отвораат нови прашања кои ќе бидат предмет на натамошни научни предизвици, кои можат да претставуваат и сегмент од натамошното продлабочување на соработката меѓу македонските и полските филолози.
– Оваа традиционална конференција во која има голем влог на колегите од Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е многу важна за развивањето на македонско-полските академски и културни врски. Впрочем, тоа се согледува и ако се земат предвид постигнувањата од нејзиното прво издание наваму и се сумираат фактите. Во исто време, и оваа, и сите други конференции кои ја поврзуваат македонската филологија со друга културна и академска средина се и иклучително важни за странската македонистика. Затоа што и на нив, клучен е придонесот на странските македонисти и секако можноста за споделување на нивните ставови, согледби и нови сознанија. Имајќи го предвид сето ова, ваквите конференции секогаш треба да наидуваат на поддршка, и од академската заедница и од државата, напоменува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.
По чествувањето на јубилејот 35 години Лекторат по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, како што нагласува Мојсова-Чепишевска, треба да се очекуваат и нови проекти кои ќе придонесат за натамошниот развој на македонистиката во Полска, за што изминативе денови и било разговарано во Катовице.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ИЗВОР: republika.mk