Само во втората по големина земја во НАТО сојузот, Турција, со децении се одвиваа практични вежби во кои војската прилично брутално ја контролираше демократски избраната власт.
Во првиот пуч во 1960 премиерот и лидер на Демократската партија Аднан Мендерес е осуден за велепредавство и е обесен. После пучот предводен од полковникот Алпарслан Туркеш, егзекутирани се и министрите за надворешни работи и финансии, додека министерот за полиција изврши самоубиство. Тогашниот претседател на државата исто така беше осуден на смрт, но казната беше ублажена и сменета со доживотна робија.
Две децении подоцна нова воена смотра на турската демократија изведе познатиот генерал Еврен, кога се уапсени 500.000 луѓе, а 50 се убиени.
Токму затоа и Реџеп Таип Ердоган ја извојува веројатно најзначајната победа во својот живот кога успеа политички и биолошки да го преживее воениот удар во 2016. Прекуокеанските пријатели како да не му простија што тој го прекина системот на демократија која се чува со бајонети. А изгледа дека и тој ним им нема заборавено.
Фатална епизода
Во бројните западни анализи на двата Ердогана, првиот кој можеби повеќе ја ценеше Сината џамија отколку Белата куќа но сепак постигна импресивни економски резултати, и вториот кој се однесува авторитативно, ја потиснува опозицијата и слободата на медиумите, како по правило се заборава дека меѓу двете ери се случува таа една ситница наречена воен удар, во кој тој и неговите најблиски соработници можеа да останат без глава.
Во тивката необјавена војна, во која со економски мерки е разнишана турската валута, а со медиумски операции се создава ликот на единствениот диктатор во западната воена алијанса, најдолговечниот владетел отомански трпеливо ги трпеше ударите и ја обновуваше суштинската самостојност на Турција. А на западните сојузници кои неговиот политички кредибилитет како во евергринот на Роберта Флак „нежно го убиваа“ им одговараше со огромна камата.
Веројатно никој подобро, преку еден случај, не ги исцрта безграничните размери на западното лицемерие, разликувањето на нашите демократи и туѓите автократи кои ја навредуваат интелигенцијата.
Ердоган ја извести светската јавност дека Џамал Кашоги, колумнистот на Вашингтон пост влезе во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул и таму исчезна. Кога големите американски сојузници и купувачи на оружје почнаа да тврдат дека Кашоги всушност излегол од конзулатот, Ердоган испорача аудио снимки и останати докази дека несреќниот новинар со американска адреса на живеење и критичар на саудискиот принц всушност е задавен, а неговото тело е распарчено и уништено.
Во САД, секако, беа длабоко загрижени и разочарани се додека не е постигнат договор за сериозно купување на американско оружје, но сепак Ердоган успеа да ја направи бесмислена приказната за лиценцираните демократски сојузници и оние кои не ја платиле лиценцата.
Западните естаблишменти се потрудија да се заборави фаталната епизода со Кашоги, новинарот кој е убиен на најмонструозниот начин во овој век.
Смртниот демократски грев
И само површен преглед на најголемите западни медиуми е доволен за да се утврди дека слободата на медиумските и опозициски организации во Турција се прекршува од ден во ден, додека за саудиската опозиција и слободни медиуми главно се молчи.
Сепак треба да се има разбирање за бастионите на демократијата – тие сигурно би се занимавале со правата на опозицијата и нерегуларните избори, кога такво нешто, опозиција и избори, би постоеле во Саудиска Арабија. Би се занимавале тие и со независните новинари, кога тие би постоеле. Постоеше еден, но влезе во конзулат и побара виза.
Таа епизода за „скршнувањето во заливските демократии“ всушност покажа зошто англо-американските служби толку сакаа да го испратат Ердоган во историја.
Откако со случајот Кашоги ја пренасочи американската грижа за демократијата од Анкара кон Ријад, саудиските владетели значително ги оладија односите со Вашингтон, а Ердоган покажа дека како лидер на голема држава и некогашна империја и има право така и да се однесува. И да делува како пример за лидерите во регионот.
Затоа и анализите според кои на турскиот лидер не му се простува недозволиво блискиот однос со Москва се површни бидејќи воениот удар се случува во периодот кога меѓу Ердоган и Путин се нижеа тешки инциденти, од соборување на рускиот авион до убиство на амбасадор.
Обидот за пуч всушност длабоко го наруши односите со главните формални сојузници, додека истовремено почнала ерата во воспоставување доверба со поранешните ривали. Неуспешниот пуч всушност даде шанса прв пат лидер на некоја голема НАТО држава да води целосно самостојна политика, што е смртен демократски грев во 21 век.
Четири проценти предност
Токму затоа и мајските избори се претворени во најголемо медиумско и социолошко чудо на изминатата деценија. Пред првиот круг во кој се натпреваруваа автократскиот, националистички и фундаменталистички Ердоган и умерениот, проевропски, суптилен Киличдароглу, сите истражувања до кои некако дошле Си-ен-ен, Би-би-си или слични служби покажуваа дека опозицискиот кандидат победува уште во првиот круг.
Никој од социолозите уште нема објаснето како тоа испитаниците во еден таков автократско, диктаторски режим можеле на истражувачите јавно да им кажат дека се опозиција, а тајно да гласаат за автократ.
Ѕвездата на британскиот јавен сервис после вториот круг од седиштето на опозициската коалиција ја известуваше светската јавност дека агенција под контрола на Ердоган објавува дека сегашниот претседател има 4% предност, додека други независни извори укажуваат на обратни резултати. Таа зборуваше дека трката е неизвесна и многу тесна, додека на улиците на Истанбул на големо се славеше победата на сегашниот и иден претседател.
Нејзината колешка дента снимила повозрасен адвокат на самиот излез од бирачкото место кој кажува дека гласа за опозицијата затоа што не може да живее во диктатура. Градоначалниците на двата најголеми градови, Анкара и Истанбул исто така од опозициски партии, изјавуваа дека автократскиот режим ќе се обиде да краде на изборите.
Кога на крај се испостави дека Ердоган победи со предност од 4% од гласовите, додека неговата партија пред две недели освои апсолутно мнозинство во парламентот, бројни истражувачи и социолози од институти расеани низ целиот свет почнаа да го оплакуваат длабоко поделеното турско општество. Не е јасно дали ако победеше со 30% разлика, Ердоган на целиот демократски свет ќе му покажеше дека беше и остана диктатор.
Кога победи со мала разлика од едвај два, три милиони гласови при излезност од речиси 90%, тогаш истиот тој свет го увери дека тој го поделил општеството. Како социолозите да не знаат дека поделбата на општеството всушност е столб на демократијата.
Крунскиот грев
Џорџ Буш Вториот победи со 300 гласови разлика во Флорида, но по тој триумф на демократијата ја обедини земјата во војната против Авганистан и Ирак. Трамп неодамна се обиде да го подели општеството, сомневајќи се во борењето на гласовите кое во САД трае десет пати подолго отколку во анадолиските села, но сите водечки медиуми му го ускратија правото да ја клевети американската демократија.
Меѓу двата круга кога ни најголемите занесеници и истражувачи од институтите повеќе немаа надеж во победата на „урбана, цивилизирана, млада“ Турција, демократскиот кандидат Киличдароглу вети дека ќе ги протера сите сириски бегалци, но борците за човекови права не се вознемирија нешто претерано.
Како што не забележаа ни дека на листата на Киличдароглу се наоѓаа отворени поборници за обновување на Османската империја, поранешни соработници на Ердоган кои грдно се разочараа во неговиот патриотизам.
Во тешката ноќ на екраните на чуварите на демократијата трошка оптимизам и радост внесе Ашли Ајтанбаши, соработничка на Брукингс институтот, која блескаше кога пред првиот круг се повикуваше на истражувања за заминувањето на Ердоган, но две недели подоцна на гостувањето на Си-ен-ен почна така што остана без зборови, за ѕвездата на телевизијата да и порача да се напие малку вода. По неколку часови, таа беше многу разочарана од говорот на опозицискиот кандидат бидејќи тој вети дека ќе продолжи да се бори за демократија. Мислам дека западните лидери би морале да му стават на знаење дека треба на некој друг да му дозволи да ја води опозицијата, заклучи таа.
Пред и по неа бројни аналитичари повеќе не се грижеа за состојбата на демократијата и човековите права, туку за судбината на лирата, инфлацијата, каматните стапки, увозот и извозот.
Иако повремено беа скандализирани од добрите односи со Русија, бројните коментатори, како во некое евтино кабаре, се трудеа да остават впечаток дека им е дојдено само до демократија, човекови права и стабилност на лирата. Никому не му падна на памет да го наведе крунскиот грев на турскиот владетел – дека се однесува премногу самостојно, како да верува дека е лидер на озбилна, голема држава.
„Што ви реков? Ќе бидеме заедно до гроб, а не до недела. Секогаш зборувавме дека оваа љубов не завршува тука и дека ова благословено патешествие нема да биде до пола. Секогаш зборувавме дека оние кои служат нема да бидат поразени. Секогаш зборувавме дека Турција нам ние е доверена, а ние сме и доверени на Турција,“ изјави во изборната вечер најдолговечниот турски лидер од основањето на републиката.
ИЗВОР: off.net.mk