(ВИДЕО) Што точно кажа Ахмети за Телма и Алфа?

January 16, 2023
4 mins read

Од неговиот говор, кој „360 степени“ го преведе на македонски јазик, јасно се слуша и гледа дека тој ги спомнува „Алфа, Телма, мелма“ како „непријатели на Албанците“. Оттука, објаснувањето на ДУИ дека Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓани, не држи вода

Во јавноста денеска се крена голема прашина откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на трибина во Гостивар викендов ги етикетира телевизиите Алфа и Телма како „непријатели на Албанците“.

Говорејќи за судирот во редовите на партијата, каде што група партиски функционери предводени од поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, остро се спротиставува на неговите најблиски соработници, пред сè, на вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Ахмети повика на единство и смирување на страстите.

„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма, мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“,

рече Ахмети.

По ова, од ДУИ испратија соопштение во кое објаснија дека лидерот Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните.

„На синоќешниот собир со граѓаните во Гостивар, претседателот на Демократската унија за интеграција, г. Али Ахмети зборуваше за недостигот на ангажман од страна на македонските политички партии со граѓаните во контекст на односите со Албанците, затоа што е вознемирувачка омразата кон албанските лидери на државните институции, која се прикажува од македонските граѓани во контактните емисии на македонските телевизии со етикети како Бугар Османи, Артан Груби терористот, навреди кон самиот Али Ахмети и другите. Тоа е последица на неработењето на македонските политички партии со граѓаните и намерното продлабочување на поделбите помеѓу народот. Г. Ахмети не спомна непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии“,

се наведува во соопштението на ДУИ.

Но што точно кажа Ахмети за телевизиите Телма и Алфа може да се слушне од видеото што ДУИ го објави на Фејсбук, а на кое го има и обраќањето на првиот интегративец, Ахмети. „360 степени“ го преведе токму делот во кој се спомнуваат медиумите, со контекстот во кој Ахмети го зборува тоа.

„Јас бев и затворен, имав 18 години кога ме тепаа, Јован се викаше шефот на УДБ во Кичево, зашто баравме факултет на албански јазик во Скопје, имавме иницијатива како студенти во тој период со Азис Положани и други. Јас сум се борел за право на збор, а кога станува збор за демократизација на политичката организација, никогаш не сум забранил различно мислење во ДУИ, напротив, ги охрабрив затоа што така се збогатува политичката организација. И сега, кому му служиме со овие движења што се прават, се разбира, на непријателите на Албанците, аплаудираат Алфа, Телма, мелма, што се овие, што добиваат Албанците кои беа поделени во минатото? Ништо не добија. Богатсвата мора да се чуваат, но и да ја кажам вистината, жал ми е бидејќи ми беа соработници. Да ви кажам право, не ми се допаѓа, им кажав дека грешат, од друга страна, не им беше лошо, неправда не им направив, функции имале цел живот, на нивна совест е тоа како размислуваат за работите понатаму“,

рече Ахмети.

Од неговиот говор јасно се слуша дека тој ги спомнува „Алфа, Телма, мелма“ посочувајќи ги како „непријатели на Албанците“.

Оттука, очигледно е дека објаснувањето на ДУИ дека Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, не држи вода. Точно е дека Ахмети на трибината во Гостивар зборувал за негативните реакции во јавноста во врска со уставните измени, како и за лошите и навредливи коментари за функционерите на ДУИ, но тоа го кажал во сосема друг контекст. Тој во овој дел од својот говор не спомнува дебатни емисии на телевизии, односно „непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии“, како што се наведува во соопштението на ДУИ.

„Многу внимателно ги слушам и ги следам реакциите во врска со уставните промени, плукаат змиски отров по Албанците, плукаат отров против ДУИ, против министри, високи функционери на ДУИ, па и навредливи прекари како Бугар Османи, терористот Артан Груби, да не зборуваме за мене, дали е тоа добро за нашата земја? Не, не е добро, а политичките партии имаат должност, политичките партии имаат одговорност да ја едуцираат масата, затоа што оваа држава е силна со силни Македонци и Албанци, со достоинствени Македонци и со достоинствени Албанци, со Македонци со идентитет и со Албанци со идентитет, ова е реалност, оваа држава е заедничка, а ексклузивноста во ова држава не треба да се тврди дека ја има едната или другата страна, затоа што лојалноста кон државата зависи од тоа колку државата и страните се лојални на другата страна. Ние Албанците сме ги поддржале нашите сограѓани Македонци, ние не сме ги оспориле ниту историјата, ниту идентитетот, ниту јазикот, напротив, нè имаа нас како сојузници, и не само нас тука што живееме заедно, туку и Албанија и Косово. Затоа, политичките партии имаат должност, бидејќи кога обичниот граѓанин се тероризира секој ден дека Албанците ни ја земаа државата, дека ДУИ владее со оваа држава, а Ковачевски е сенка на ДУИ, македонските министри се сенка на ДУИ, тие со тоа не ги почитуваат затоа што ние не земаме ничиј дел, министрите од ДУИ имаат морална, статутарна и програмска обврска и таа програма е координирана со коалициските партнери произлезена од програмите на политичките партии кои седнаа на маса за градење и преземање одговорност“,

вели Ахмети.

За изјавата на Ахмети денеска реагираа новинарските здруженија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и директорот на телевизија Алфа, Јани Бојаџи.

Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција во Владата, прашан како ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека Алфа и Телма се „непријатели на Албанците“, и самиот искритикува некои телевизии за тоа како се однесуваат.

„Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување ќе треба да го прашате него бидејќи за медиумите и јас имам свое лично мислење, така што единствено можам да кажам за моето лично мислење за тоа како одредени медиуми се однесуваат. Тоа ќе го прашате господинот Ахмети. Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика која тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“,

рече Ковачевски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Киев алармира дека на фронтот може да се појават 500.000 Руси

Следно

Почна судскиот процес за смртта на 135 луѓе на фудбалски стадион во Индонезија 

Latest from Blog

Каранфилова-Пановска: Убедена сум дека ќе го вратиме угледот, поддршката и победите на СДСМ

Убедена сум дека ќе го вратиме статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на единствената државничка партија во Македонија – нашиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, порача новата Заменичка-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,

Силно светнал ден

По повод 85 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, Рацин.мк го објавува првиот фељтон посветен на оваа клучна книга со којашто ѝ се отвори патот на современата македонска

Кавга меѓу Меџити и Витина за 6. еколошки автобуси кои допрва треба да возат по скопските улици

Министерот за животна средина Изет Меџити денеска се пофали дека со помош на Европската Унија се обезбедени 6 еколошки автобуси и дека тие во текот на оваа недела ќе бидат донирани на

Продолжува судскиот процес за двојното убиство: Кешишев го смени исказот

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за убиството на 14-годишата Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски. На претходните рочишта неколкумина, меѓу кои и човекот кој го возел Палевски во

СИРИЗА избра нов лидер

Пратеникот и поранешниот претседател на пратеничката група на СИРИЗА, Сократис Фамелос е избран за нов лидер на грчката опозициска партија по вчерашните избори на кои гласаа нешто повеќе од 70.000 членови и
Go toTop