На гласањето на вториот круг од претседателските избори, како што јави Анадолија, излегоа повеќе од 64,1 милиони луѓе, а сега започнува пребројувањето на гласовите за да се утврди исходот од трката помеѓу актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу
Сите избирачки места низ Турција се затворени. Гласањето во вториот круг од претседателските избори, кој се одржува денеска, заврши во 17 часот по локално време (16 часот по средноевропско време).
На гласањето излегоа повеќе од 64,1 милиони луѓе, вклучително и над 1,92 милиони кои претходно гласаа на избирачките места во странство, јави Анадолија.
Сега почнува пребројувањето на гласовите за да се утврди исходот од претседателската трка помеѓу актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу.
На вториот круг од изборите, својот глас го дадоа и кандидатите Ердоган и Киличдароглу.
Опозицискиот претседателски кандидат и лидер на опозициската Републиканска народна партија, Кемал Киличдароглу, заедно со својата сопруга Селви Киличдароглу, гласаше на избирачко место во Анкара.
Многу аналитичари очекуваат дека Киличдароглу ќе се соочи со тешка битка за да го замени актуелниот турски претседател Ердоган, откако во првиот круг помина полошо од очекуваното.
На избирачко место во Истанбул денеска гласаше и актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а на гласањето го придружуваше неговата сопруга Емине Ердоган.
Ердоган е фаворит за победа на изборите, по подобро од очекуваното пласирање во првиот круг од изборите.
Пред две недели се одржаа парламентарните и првиот круг од претседателските избори во Турција. Реџеп Таип Ердоган освои мнозинство во парламентот, додека за претседателската трка се одржува втор круг бидејќи ниту еден кандидат не доби просто мнозинство, односно повеќе од 50 отсто од гласовите.
Во првиот круг, актуелниот претседател водеше со освоени 49,52 отсто од гласовите, додека неговиот опозициски опонент освои 44,8 отсто од гласовите. Третопласираниот кандидат по број на освоени гласови во првиот круг од претседателските избори, Синан Оган, најави поддршка за Ердоган во вториот круг.
Извор: 360stepeni.mk