Конверзејшн
(The Conversation е мрежа на непрофитни медиумски организации која објавува анализи, коментари, истражувачки извештаи и вести на интернет)
Најновиот мировен план за Блискиот Исток, спонзориран од САД, вчера беше претставен во Белата куќа и веднаш прифатен од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Предлогот, за кој американскиот претседател Доналд Трамп рече дека означува „историски“ момент кој е „многу блиску“ до завршување на двегодишната војна во Газа, сега ќе оди до Хамас. Палестинската група соопшти дека го разгледува документот, кој ѝ бил доставен од египетски и катарски посредници.
Доколку биде прифатен, непријателствата би завршиле „веднаш“, според планот. Но, со оглед на тоа што сите претходни обиди поддржани од САД досега пропаднаа, има причина за скептицизам. „The Conversation“ се обрати до Ашер Кауфман, експерт за модерен Блиски Исток и професор по мировни студии на Универзитетот Нотр Дам, да објасни што е различно во овој план – и како би можел да помине.
Кои се главните точки на новиот план?
Планот што го претстави Трамп во присуство на Нетанјаху се состои од 20 точки.
Доколку биде прифатен од Израел и Хамас, тој предвидува целосно повлекување на Израелските одбранбени сили од Појасот Газа во три фази.
Првата фаза би зависела од ослободувањето на преостанатите 48 заложници земени за време на нападот на 7 октомври 2023 година во Израел од страна на Хамас и Палестинскиот исламски џихад, од кои се верува дека 20 се живи. Во исто време, Израел би ослободил 250 Палестинци кои отслужуваат доживотен затвор, како и 1.700 жители на Газа уапсени по 7 октомври.
Оваа фаза, исто така, би овозможила хуманитарната помош веднаш да пристигне до очајното население во Газа.
Во втората фаза, Газа би била управувана од привремено преодно тело кое ќе се состои од технократски, аполитички комитет составен од Палестинци и меѓународни членови.
Комитетот би бил надгледуван од „мировен одбор“ предводен од Трамп и други шефови на држави, вклучувајќи го и поранешниот премиер на Обединетото Кралство, Тони Блер. Овој одбор, исто така, би ја надгледувал реконструкцијата на Појасот Газа и нејзиниот економски развој.
Членовите на Хамас би добиле амнестија доколку го положат оружјето, но исто така би морале да се согласат – заедно со другите членови на милитантните палестински фракции – да немаат никаква улога во управувањето со Газа.
Ќе се формира ново воено тело што ќе се нарече Меѓународни стабилизациски сили и ќе биде распоредено во Појасот Газа. Планот предвидува ова тело да биде составено од арапски и меѓународни партнери.
Само тогаш израелската војска целосно би се повлекла од Газа, по што планот за повоена Газа би се свртел кон економски преродба.
По што се разликува од минатите планови поддржани од САД?
Деловите од планот кои вклучуваат израелско повлекување, ослободување на заложници во замена за палестински затвореници и обезбедување масовна хуманитарна помош за Газа се слични на минатите договори, вклучувајќи го и последниот што пропадна откако Израел ги прекрши неговите услови во март 2025 година.
Но, има нови делови. Тие вклучуваат формирање на мировeн одбор и Меѓународни стабилизациски сили.
Првото дава конкретна структура на постарите идеи на Трамп за развој на Појасот Газа како претпријатие за недвижности; второто обезбедува рамка за меѓународни воени сили кои би патролирале во Појасот во догледна иднина.
Планот исто така споменува долгорочен хоризонт за самоопределување и формирање палестинска држава – точка што не беше покрената во претходните предлози, кои главно се фокусираа на завршување на војната во Газа, но занемаруваа да вклучат подолгорочен пат до државност.
Како би изгледала повоена Газа според овој план?
Трамп го гледа Појасот Газа како можност за развој на недвижен имот – тој го кажа тоа и во минатото, а повторно вчера зборуваше за можностите на крајбрежјето на Газа.
Како таков, неговата „визија за мир“ е осмислена главно низ призмата на економскиот развој.
Планот предвидува реконструиран појас поддржан главно од регионални актери кои би можеле да го стабилизираат регионот и да обезбедат, на краток рок, хуманитарна помош, а на долг рок, економски можности за жителите на Газа.
Администрацијата на Трамп и Израел се надеваат не само на Газа без Хамас, туку и на деполитизирано население на Газа во целост.
Без улога за Хамас, кој ќе ги претставува Палестинците во Газа?
Од планот не е јасно кој ќе ги претставува Палестинците. Но, читајќи меѓу редовите, може да се види можноста за обновена верзија на Палестинската управа, телото што номинално управува со делови од Западниот Брег, кое би можело да ја преземе улогата на „палестински технократи“. Точка девет од планот сугерира дека Палестинската управа би можела да има улога во иднината на Газа откако Палестинската управа „ќе ја заврши својата програма за реформи“, но не се вели што подразбира оваа програма за реформи.
Планот, исто така, сугерира дека палестинските полициски сили ќе бидат обучени и надгледувани од Меѓународните стабилизациски сили и стационирани во Појасот Газа. Тоа, исто така, навестува на можноста дека полицијата на Палестинската управа – која долго време е обвинувана од Палестинците дека работи во соработка со Израелците за да обезбеди безбедност на Западниот Брег – би можела да ја преземе оваа улога.
Нетанјаху долго време се спротивставуваше на разгледување на Палестинската управа како одржливо тело за управување со Газа во „денот потоа“ по војната.
Значи, ако овој план стапи во сила, прашањето за тоа кој ќе ја сочинува палестинската технократска администрација сигурно би можело да биде една од главните пречки.
Кои се шансите планот да биде прифатен?
Постојат две главни бариери.
Во Израел, Нетанјаху ќе треба да добие одобрение од екстремно десничарските членови на неговата влада, кои во минатото се спротивставуваа на сè што е помалку од продолжување на војната и конечно преземање на Појасот Газа од страна на Израел. Нетанјаху знае дека неговата политичка иднина зависи од тоа да ги задржи екстремно десничарските членови на неговата коалиција – и таа динамика ги поништи минатите настојувања за крај на војната.
За Хамас, ако овој договор се реализира, тоа би значело крај на неговото воено и политичко присуство во Појасот Газа. Како такво, политичкото и милитантното тело – кое управува со територијата од јуни 2007 година – ќе треба да биде во очајна ситуација за да ги прифати условите. Или можеби, Хамас конечно ќе биде свесен за очајната положба на жителите на Газа и ќе одговори на тоа.
Планот, како што е формулиран, им дава малку за што да се држат како постигнување откако Хамас предизвика двегодишна војна на 7 октомври 2023 година, со неподносливи жртви за Палестинците.
Не е далеку од вистината да се мисли дека Нетанјаху го поддржува планот на Трамп знаејќи дека шансите за негова реализација се многу мали. Во последните две години, Нетанјаху покажа дека е мотивиран главно од неговиот сопствен политички опстанок и нема да преземе никаков чекор што би го загрозил.
Со прифаќање на планот, тој го демонстрира својот сојуз со американскиот претседател. Исто така, може да му донесе на Нетанјаху вреден политички капитал во Израел: овозможувајќи му да се претстави како подготвен да ја заврши војната, но сигурен во сознанието дека веројатно ќе биде отфрлен од Хамас.
Со оглед на фактот дека планот нема конкретен временски рок, особено во однос на постепеното повлекување на Израел, тој исто така му купува драгоцено политичко време. Тоа би можело да му овозможи на Нетанјаху да се постави во подобра позиција на домашен план, со национални избори закажани за октомври 2026 година. Доколку Нетанјаху види дека јавното мислење се менува во негова корист, тој би можел дури и да продолжи со предвремени избори, како што често правеше во минатото, за да го искористи моментот.
Извор: vecer.mk