КАХРАМАНМАРАШ (АА) – Последните единици на екипите за пребарување и спасување на Азербејџан, што пристигнаа во јужниот дел на Туркије, погоден од моќните земјотреси минатиот месец, ја напуштија областа Кахраманмараш, јавува Анадолу.
„Азербејџанската држава и народот на Азербејџан се секогаш со Туркије. Како што рече нашиот претседател (Илхам Алиев) откако ќе бидат отстранети урнатините, државата Азербејџан ќе застане покрај турската држава и нејзините браќа во изградбата на овие градови“, изјави за Анадолу шефот на тимот на Министерството за итни случаи на Азербејџан, Мухарем Хасанов.
Тој рече дека веднаш по земјотресите стигнале во Туркије, при што со 760 лица од персоналот започнале да придонесуваат за пребарување и спасување во јужните области Кахраманмараш и Хатај.
За време на овој процес, Хасанов рече дека успеале да спасат 53 лица од урнатините и се заблагодари на турскиот народ за нивната поддршка на тимот на Азербејџан.
„Тука имаше странски тимови, но не бевме третирани како еден од нив. Топлината на луѓето тука нè натера да го имаме ова чувство. Благодарен сум на турскиот народ што секогаш нè поддржуваше“, истакна Хасанов.
Повеќе од 46.100 луѓе загинаа во Туркије од земјотресите што ja погодија на 6 февруари, според официјалните лица.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 се случија со епицентар во Кахраманмараш и погодија 11 други области, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије, Елазиг и Шанлиурфа.
Погодени се околу 13,5 милиони луѓе во Туркије, како и многу други во северозападна Сирија.
Извор: www.aa.com.tr