Зеленски: Сакаме победа, во моментов нема околности за преговори со Путин бидејќи тој не си стои на зборот

2 mins read

Тој го повтори ставот на Киев дека Русија прво треба да ја напушти територијата на Украина и дека потоа може да се бара формат за организирање дипломатски преговори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека неговата земја е решена да победи во војната со Русија и дека во моментов не може да замисли ситуација во која би се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин.

„Не постојат околности во кои би можеле да разговараме со претседателот на Руската Федерација, бидејќи тој не си стои на зборот. Ние не му веруваме“,

рече Зеленски во интервју за американскиот Си-ен-ен.

Тој го повтори ставот на Киев дека Русија прво треба да ја напушти територијата на Украина и дека потоа може да се бара формат за организирање дипломатски преговори.

Зеленски најави дека е многу благодарен за посетата на американскиот претседател Џозеф Бајден на Киев минатиот месец.

„Тоа е важен сигнал до целиот свет дека САД нè поддржуваат. И мислам дека САД веруваат дека ќе победиме“,

рече украинскиот претседател.

На прашањето дали очекува САД да испратат борбени авиони Ф-16 во Украина, Зеленски рече дека прашањето за борбени авиони е тешко и дека Киев „чека да се донесе оваа одлука“.

„Навистина ни треба ова и апелираме до претседателот Бајден САД да започнат со обука на украински пилоти. Верувам дека САД ќе ни дадат шанса да го одбраниме нашето небо“,

рече Зеленски.

Тој е убеден дека борбените авиони би можеле да одлучат за победата на Украина во војната со Русија, но и дека Бајден и неговите соработници веруваат дека авионите во овој момент не се потребни.

Зеленски зборуваше и за повеќемесечните конфликти кои се водат околу Бахмут и изјави дека Киев е цврсто решен да го брани овој град од стратешки причини.

Тој предупреди дека Русија ќе има отворен пат низ источниот дел на земјата доколку го освои Бахмут. Зеленски рече дека тоа е „тактички важно“ за Украина и изјави дека военото раководство е обединето во својата одлука да ги задржи војниците во градот и да ја прошири одбраната на градот, кој е на работ да падне во рацете на руската армија по неколкумесечните напади.

Зеленски, исто така, го покани претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Мекарти, да ја посети Украина, со цел од прва рака да дознае за ситуацијата на теренот, што, според Си-ен-ен, е покана што доаѓа во момент на поделба во Републиканската партија околу тоа дали САД треба да продолжат да обезбедуваат помош за земјата која е нападната од Русија.

Мекарти во изјава за Си-ен-ен рече дека не планира да ја посети Украина и посочи дека Бајден не дејствувал доволно брзо за да ѝ помогне на земјата. Републиканецот од Калифорнија нагласи дека ја поддржува Украина, но не и бланко чек за Киев, пренесува американската телевизија.

Украинскиот претседател за време на интервјуто за Си-ен-ен им се заблагодари на грузиските граѓани што го носеле знамето на неговата земја за време на демонстрациите во вторникот и средата.

„Сакам да им се заблагодарам на сите што овие денови носат украински знамиња на плоштадите и улиците на Грузија. Сакам да ви се заблагодарам за нашата национална химна што беше пуштена во Тбилиси. Ова е гест на почит кон Украина и сакам да ја изразам мојата искрена почит кон Грузија“,

рече Зеленски.

Тој нагласи дека Украина сака членство во Европската Унија, но дека сака и Грузија и Молдавија да бидат таму и дека е убеден дека тоа ќе се случи. Украинскиот лидер зборуваше и за тоа како тој и неговото семејство се справуваат со војната, која влезе во втората година.

„Ќерка ми се запиша на универзитет и студира, а син ми оди на училиште во Украина. И двајцата се во земјата. Многу се слични на другите украински деца. Живееме со сирени“,

рече Зеленски.

Тој на крајот рече дека Украина сака војната да заврши и дека е решена да победи во овој конфликт.

„Сакаме победа. Не сакаме да се навикнуваме на војна, но се навикнавме на предизвици. Сите сакаат една работа, војната да заврши“,

нагласи Зеленски.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Лазаров ги избра ракометарите со кои ќе ја нападне Португалија

Следно

МААЕ по руските напади во Запорожје: Си играме со оган

Latest from Blog