Вучиќ: Гасниот интерконектор Бугарија – Србија ќе може да снабдува и други земји од Западен Балкан

2 mins read

Договорот за изградба на гасоводот Ниш – Димитровград беше потпишан во 2010 година, а работите на изградбата на гасниот конектор во Србија започнаа во февруари 2022 година

Претседателот на Србија Александар Вучиќ присуствуваше на почетокот на работите за изградба на гасен интерконектор меѓу Србија и Бугарија на бугарска територија во Костинброд кај Софија.

Вучиќ, кој беше пречекан од бугарскиот претседател Румен Радев, рече дека станува збор за важен европски проект и дека Србија ќе може да снабдува и други земји од Западен Балкан.

Според него, преку гасоводот во правец на Србија на годишно ниво ќе може да поминуваат 1,8 милијарди кубни метри гас, но тој е двонасочен, а од Србија ќе може да одат 150 милиони кубни метри гас годишно. Србија, додаде тој, подоцна ќе мора да ги зголеми своите капацитети.

„Ова е важен европски проект бидејќи ќе можеме да снабдуваме и други земји од Западен Балкан, каде ќе бидеме транзитна земја за нив, како што е Бугарија за нас. Бугарија е многу доверлива земја и во овие тешки услови не сме имале проблеми со Бугарија ниту еден ден“,

изјави Вучиќ.

Тој потенцираше дека станува збор за голема инвестиција.

„ЕУ донираше 49 милиони евра, добиваме и 25 милиони финансирање од ЕИБ кои се убедливо најповолни заеми, а од буџетот финансираме речиси 19 милиони. За нас овој проект значи вработување за нашите работници и овозможува да имаме повеќе енергетски избори и не поврзува со Европа, светот, со Грција, Турција, подоцна со Тапа и Танапа со азербејџански гас“,

забележа Вучиќ.

Гасниот интерконектор ќе биде во целосна синергија со терминалот ЛНГ во Александрополис и ќе биде врска до Јужниот гасен коридор со што ќе обезбеди алтернативно снабдување со гас од Каспискиот регион.

„Интерконекторот е залог за иднината, но и израз на волјата на нашите земји не само да градат билатерални односи, тој е и паневропска иднина заснована на солидарност и иновативни технологии. Тоа е пример за тоа како нашата одржлива соработката со ЕК води до взаемна корист не само за нашите земји. Тоа е пример за успешно спроведување на европската стратегија за достапна енергија. Овој интерконектор е успех и за Бугарија, бидејќи добиваме пристап до проширени пазари“,

рече бугарскиот претседател Радев.

На средбата по повод почетокот на работите за изградба на гасоводот присуствуваа министрите за енергетика на двете земји, Росен Христов и Дубравка Ѓедовиќ, како и извршниот директор на „Булгартрансгаз“ Владимир Малинов и Душан Бајатовиќ од „Србијагас“.

Вкупната вредност на гасниот интерконектор Ниш – Димитровград – Бугарија, според проценката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), е 85,5 милиони евра, од кои ЕИБ дава 25 милиони евра во форма на заем, 49,6 милиони е неповратно кофинансирање од ЕУ и ИПА-фондовите, додека остатокот ќе бидат трошоци што ќе се покриваат од буџетот на Србија и сопствени средства на ЈП „Србијагас“. Главен изведувач е „Главболгарстрој“.

Гасната интерконекција меѓу Србија и Бугарија, како што е најавено, ќе биде подготвена за оперативна работа кон средината на оваа година.

Работите опфаќаат изградба на двонасочниот главен гасен интерконектор МГ10 Ниш – Димитровград на територијата на Србија, меѓу системите за природен гас на Србија и Бугарија, како и изградба на четири мерно регулациони станици и придружни објекти.

Договорот за изградба на гасоводот Ниш – Димитровград беше потпишан во 2010 година, а работите на изградбата на гасниот конектор во Србија започнаа во февруари 2022 година.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

3.260 луѓе загинаа во сообраќајни несреќи во Франција 2022 година

Следно

Блинкен: Важно е да се усвојат мерки за деескалација на тензиите меѓу Израелците и Палестинците

Latest from Blog