Најновата анкета на јавното мислење, објавена вечерва на Македонската радио-телевизија во пресрет на локалните избори, покажува дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од двојно поголем рејтинг во однос на СДСМ.
На прашањето за која советничка листа би гласале, 27,1% од испитаниците се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ 10,5%. Потоа следуваат ДУИ со 9,6%, коалицијата ВРЕДИ со 8,6%, Левица со 5,9% и ЗНАМ со 4,0%.
Очекувањата за победа на изборите исто така се во корист на ВМРО-ДПМНЕ – 29,8% сметаат дека партијата ќе излезе како победник, наспроти 8,5% кои веруваат во триумф на СДСМ.
Анкетата укажува и на тоа дека за граѓаните личноста на кандидатот за градоначалник има многу поголемо значење од неговата партиска припадност. Дури 62,2% од испитаниците изјавиле дека карактерот и квалитетите на кандидатот се клучни за нивната одлука, додека само 24,5% ја ставаат партиската припадност како приоритет.
Што се однесува до излезноста, половина од гласачите планираат да гласаат. 40,5% изјавиле дека сигурно ќе излезат на избори, а 10,4% дека веројатно ќе гласаат. Сепак, висок е процентот на неопределени – 24,7% немаат став, додека 19,4% јасно рекле дека нема да гласаат.
Анкетата е спроведена телефонски во текот на септември на репрезентативен примерок од 1.126 испитаници.