(ВИДЕО) Сведоштво за Пеленица: Се лизгавме на депонијата, не знаејќи дека е загадена со линдан

January 8, 2023
3 mins read

Откако последниве години дивата депонија со линдан на Пеленица стана актуелна во јавноста, локалното население разбра дека некогашните ливади кои им биле замена за игралишта и кадешто го паселе добитокот, всушност се „легло“ на токсичен отпад. Жител на Љубош за „360 степени“ сведочи дека како дете на депонијата со линдан постојано играле, металните буриња се краделе, а на местото бил депониран различен отпад

Неколку децении по депонирањето, Министерството за животна средина и просторно планирање по спроведено теренско и лабораториско истражување неодамна соопшти дека на Пеленица има околу 40 000 тони чист отпад од линдан и 6 500 тони линдан помешан со други отпадоци

Детството ни помина на Пеленица, а неколку децении подоцна дознаваме дека таму е депониран канцероген отпад, вели за „360 степени“, 46-годишниот Сенад Арифовиќ од скопското село Љубош.

Тој пред неколку години од медиумските написи разбрал дека спомените од детството ги создавал на дива депонија со токсичниот линдан од Охис. Неодамна, и официјалните анализи на Министерството за животна средина (МЖСПП) потврдија дека на Пеленица несоодветно се депонирани околу 40 000 тони чист линдан и уште 6 500 тони линдан помешан со друг отпад.

Арифовиќ вели дека освен од хемискиот гигант, на локацијата гледал депониран отпад и од други фабрики.

„До самиот пат беше складиран отпад од ‘Стаклара’ и разни други индустриски капацитети тогаш што работеа во Скопје. Во задниот дел имаше јама каде што се складираше линданот од ‘Охис’. Имаше и импровизирана метална капија што подоцна беше одземена од луѓето што откупуваа старо железо. Низ капијата се влегуваше до јамата“,

ни покажа тој на лице место.

Јамата, вели Арифовиќ, всушност, била обична голема дупка, која подолго време стоела отворена. Се чувствувала и јака миризба, но тоа не ги спречувало како деца да се забавуваат.

„Летно време мирисаше повеќе. Зиме дупката се полнеше со вода од дождови и кога ќе се замрзнеше со дебел слој од лед, ние како деца се лизгавме во неа, каде што беше складиран линданот. Некаде до 1996 година јамата беше комплетно отворена. Обична дупка“,

сведочи Арифовиќ.

Тој тврди и дека отпадот бил растурен во и околу јамата, а локалното население се служело со бурињата.

„Тоа беше како калуп, во форма на буре. Бурињата беа растурени. Бурињата ако биле метални се извадени, народот го земаше лимот, луѓето кои правеа ќумбиња и такви работи“,

вели Арифовиќ.

Тој е убеден и дека токсичноста на местото населението буквално ја почувствувало на сопствена кожа.  

„Се случуваше ’86-’87 година, не само на мене, на мои другари, соселани, деца поготови, на сите ни излегуваа плуски по рацете, чиреви ги викаа тогаш. Лично нас, мене и моите браќа кога татко ни не носеше во тогашен Завод за здравствена заштита, ни кажуваа дека тоа е реакција од Чернобил. Такви ни беа сознанијата тогаш. Никој не знаеше дека канцерогена материја е складирана тука. Сега последниве четири години, лично јас дознав дека се работи за линдан“,

вели нашиот соговорник.

Катастарски парцели и гугл – снимка од локацијата со нејзиното опкружување

Пред да ја посетиме локацијата, Арифовиќ за „360 степени“ претходно кажа и дека добитокот што порано пасел на Пеленица, пцовисувал. Тој не ја исклучува можноста и неговата генерација да носи последици од несоодветното депонирање на остатоците од линданот оти вели дека во Љубош долги години вода се пиела од бунари.

„Во Љубош е добиена градска вода 2000 година со донација од Тајван. Таа година прекинато е пиењето од бунарска вода. Значи сите извори што беа, народот што имаше бунари во Љубош, сите потекнуваат од оваа страна, населението ја земаше водата од оваа страна на Пеленица“,

вели тој.

Сведоштвото на Арифовиќ кореспондира со тезите на вработени во ОХИС, кои велат дека остатоците од производството на линдан, од фабриката се транспортирани до Пеленица во буриња. Но, неодамнешните анализи на ресорното министерство покажаа дека во подземната депонија нема метални буриња, ниту пак дека постојат подземни бетонски базени.

„Се наиде само на едно метално буре со отпад, другите буриња можеби биле отстранети во минатото, а содржината од истите расфрлана на локацијата. Нема индикации дека се случило значително одлагање на отпадот од HCH во буриња на депонијата“,

соопшти МЖСПП.

Според досегашните сознанија, локацијата до 1961 година се користела за ископ на глина за керамика, што резултирало со голема јама. Подоцна, во 1976 година, јамата послужила за хемискиот гигант „Охис“ да го депонира отпадот од производството на линдан, поточно – делта паста. Освен остатоците од линданот, анализите на ресорното министерство покажале и присуство на други видови опасен отпад, како и градежен шут.

Сo линдан е контаминиран и површинскиот слој на парцелите. Нема прецизна информација до каде продрел во почвата, а освен земјиштето, контаминирани се и подземни води.

Од ресорното министерство неодамна соопштија дека од три опции за ремедијација (минимална, средна и максимална), највисока оценка добила минималната.

„Со оваа опција се спречуваат/ограничуваат сите еколошки ризици со спречување на миграцијата на загадувачите во и надвор од локацијата. Ова се постигнува со покривање на локацијата, вклучувајќи го и насипот, за да се спречи директен контакт со контаминираната површинска почва и да се ограничи идната инфилтрација на дождовните води во локацијата“,

информираа оттаму.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, соопштувајќи ги првичните резултати за „360 степени“, кажа дека министерството ќе се погрижи и за земјиштето и за подземните води.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ЌЕ ЧЕКАМЕ ДОЛГО ЗА СЛЕДНИОТ СПОЕН ВИКЕНД – до крајот на јануари не очекува уште еден неработен ден, еве кој месец има рекордни неработни денови

Следно

Лула вети дека ќе ги казни демонстрантите кои упаднаа во бразилскиот Конгрес

Latest from Blog

9 години стои само карабина – 2025-та ново ветување за објектите двата факултети на УКИМ

Изградени се до фаза на карабина и со години стојат така. Никако да се завршат двата објекти предвидени за факултети во Скопје. „Изградбата на објектите на факултетите на УКИМ започна во 2015

[Видео] Лазар Аврамовски и новата димензија на „Седна баба да вечера“ која нема да ве остави рамнодушни

Музичкиот и мултимедијален уметник Лазар Аврамовски деновиве го објави своето најново музичко и видео дело. Овој пат тој ја обработи „Седна баба да вечера“, хумористичната народна песна, со што ѝ откри една

Талески: Се остварува сомнежот дека на ДПМНЕ и одговараат тензиите за да ги избегнат клучните теми за кои ги лажеа граѓаните

СДСМ ги осудува настаните кои се случија на денот на албанското знаме, но она што го одбележа овој настан е жалниот привид што го видовме од премиерот Христијан Мицковски и министерот Панче

Јаневска: Светска банка препознава дека образованието е владин приоритет и ќе продолжи да помага во неговиот развој

Исклучително е важна поддршката која Македонија ја добива од Светската банка за да го подобри квалитетот на образованието и да го зајакне овој клучен столб на севкупниот општествено економски развој. Благодарни сме

Германската војска отпуштила 62 војници поради врски со екстремната десница

Германските вооружени сили минатата година отпуштиле 62 војници поради активности и изјави поврзани со екстремната десница, соопштија денеска официјални лица, пренесува Анадолија. Меѓу отпуштените се 41 војник, 11 подофицери и 10 офицери,
Go toTop