(ВИДЕО) „Попатно“ до партија, на митинг, во маркет и дома – масовна (зло)употреба на службени возила

11 mins read

Членови на редакцијата на „360 степени“ неколку недели набљудуваа како институции од различно ниво на власт ги (зло)употребуваат државните возила кои ги користат

Антикорупциска предлага државните коли да добијат табличка во боја, како таксистите, за секој да може да ги препознае бидејќи досегашните мерки не го дадоа посакуваниот резултат

Среда, 5 април. 16 и 30 часот. Владејачкиот СДСМ, од дворот на партиското седиште, ја најавува кампањата „Рамо до рамо“. Најавуваат дека ќе посетат речиси илјада места во државата. Не затоа што догодина има редовни парламентарни избори, туку „за подобра иднина на татковината“.

Седиштето на СДСМ е близу до центарот на Скопје, но повеќето министри и други функционери, кадри на партијата, од владините канцеларии до партиското седиште дојдоа со коли – и тоа службени.

Меѓу првите, во државна „шкода“, пристигна министерката за труд и социјала Јована Тренчевска. Среќа што возачот ја остави надвор од партискиот двор зашто во него веќе беше сообраќаен хаос.

Јована Тренчевска – министерка за труд и социјална политика

Дојде и едно од двете службени „сандера“ што ги поседува Министерството за правда. Во метежот не успеавме да видиме кој излезе од него, освен дека остана паркирано покрај партиската зграда. Не видовме кој излезе и од вториот службен автомобил на Министерството за правда присутен на настанот – „БМВ“ со регистарски таблички SK-9210-AB.

Две коли на Министерството за правда во дворот на СДСМ

Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, излезе од „шкода“ што поради црниот „сеат“ пред неа не можеше веднаш да влезе во дворот, па личеше како Димовски да дошол пеш.

Виктор Димовски – генерален секретар на Влада на РС Македонија

Црните службени коли продолжија да се редат. Следуваше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Фатмир Битиќи – вицепремиер за економски прашања

Потоа, со неколку службени возила стигна премиерот Димитар Ковачевски.

Пеш дојдоа други министри – за транспорт и врски Благој Бочварски, за животна средина Каја Шукова, вицепремирката за добро владеење Славица Грковска.

Партискиот двор веќе беше преполн со коли, голем дел државни.  

Партискиот настан беше почнат кога во дворот влезе уште една државна „шкода“ која се паркираше на последното слободно место. Од неа излета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања

Откако заврши најавата за „рамо до рамо“, хаосот од коли некако требаше да се среди. Меѓу оние што требаше да си заминат беше и владиниот генерален секретар Димовски кој откако ја забележа нашата камера, само го искористи багажникот на службеното возило и тргна пеш. Дел од функционерите подолго останаа во партијата, а службените возила ги чекаа паркирани наоколу.

Преку електронска пошта, пративме прашања до сите што дојдоа до партиското седиште со службено возило.

Од Министерството за труд и социјална политика ни одговорија дека министерката Тренчевска, всушност, ја возеле дома, а партијата ѝ била попатна точка бидејќи живее во истата општина, па не гледаат ништо спорно.

„Притоа, ако сте ги следеле возилата, сигурно сте забележале и дека веднаш по симнувањето на министерката на попатната точка на движење, возилото се повлекува односно си заминува од местото“,

велат од Министерството за труд и социјала.

Од ПР-службата на Битиќи ни одговорија дека вицепремиерот пред и по завршувањето на кусата прес-конференција извршувал владина агенда. На аеродром го испраќал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ па „промена на возилата не можело да се направи поради безбедносни и логистички причини“.

Вицепремиерот Маричиќ, пак, вели дека „возможно е меѓу неколку владини активности да се случи посета на партиското седиште, а при тоа времето и логистиката да не дозволуваат промена на возилото“. Тврди дека партиските теренски активности ги реализира исклучиво со партиско возило.

Во Владата прашавме и за службената кола со која се возеше генералниот секретар Димовски, но не добивме одговор.

„Не се сеќавам, можно е“

Освен во дворот на СДСМ, „БМВ-то“ и „сандерото“ може да се најдат и на паркингот зад Министерството за правда. Како што посочивме, тоа се службени возила на ресорот со кој сега раководи Кренар Лога, од Алијансата за Албанците.

Едно утро, уште пред почетокот на работното време, решивме да провериме како се користат ТИЕ. Џипот „БМВ“ со регистарската табличка SK-9210-AB го затекнавме на паркингот. Но, едното „сандеро“ го донесе овој човек дури околу 9:15 часот.

Во 9:30 дојде црна „шкода“, за која претпоставуваме дека ја користи министерот Лога. Ова возило, неколку пати во текот на денот, на кратко заминуваше и се враќаше.

Околу 9:45 пред нас се паркираше второто „сандеро“, а од него излезе овој човек. Очигледно, дел од службените возила на правда се носат дома или на други места по завршувањето на работното време.

Ги прашавме во Министерството за правда – зошто ги користат возилата за партиски и други цели? Оттаму ни стигна одговор само во однос на едно од возилата и од тоа од државниот секретар Мухамед Точи.

„Не се сеќавам за конкретниот ден. Никогаш службеното возило не го користам за партиски активности, тоа може да било само инцидентно, во деновите во кои сум имал низа службени активности“,

вели Мухамед Точи – државен секретар во Министерството за правда.

Во маркет

Црните службените „шкоди“ може да се забележат и на други локации. Оваа снимка е од паркингот на голем супермаркет во скопската населба Тафталиџе. Во колата влезе човек со полна ќеса по пазарење во маркетот. Тргнавме по неа, а патот не одведе до владината зграда близу адвокатската уличка во која се сместени повеќе државни институции.

За „шкодата“ се крена рампата и таа продолжи кон подземната гаража. Дознавме дека возилото го користи владината Служба за општи и заеднички работи со која раководи Пеце Мирчевски, кадар на СДСМ. По електронска пошта прашавме зошто со службено возило и во работно време некој си пазари во маркет, но одговор не добивме.

„Тој доаѓа“ во колона со службени коли

Понеделник, 20 март. 19 часот. „Тој доаѓа“ – со овој слоган речиси една недела беше најавуван митингот на владејачката ДУИ во скопската населба Чаир.

Неколку часа пред настанот дојдовме и ние. Долго пред почетокот, на паркингот пред спортската сала стоеше паркирана црната службена „шкода“ што ја користи Артан Груби, првиот вицепремиер и шеф на кабинет на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Автомобилот во кој се вози првиот вицепремиер Артан Груби

Булеварот беше речиси блокиран од едно чудо црни возила што влегуваа во дворот на салата или се обидуваа да го направат тоа, а полицијата пропушти само дел од нив.

Груби нестрпливо го чекаше и „тој“ навистина дојде, а со него во колоната дојдоа уште две службени „шкоди“.

До Ахмети беа претседателот на Собранието, Талат Џафери, и министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.  

Службените коли потоа ги чекаа во дворот на салата, во која, откако искористија државни ресурси, одржаа партиски говори.

На прашањата за овој настан, од кабинетот на вицепремиерот Груби, ни одговорија дека тој никогаш лично не ја вози „шкодата“ туку таа во секое време е кај возачот.

„Г. Груби живее на 50 метри од местото на настанот во Чаир и при враќање од работа е однесен и оставен од страна на возачот по што со се возилото е заминат“,

велат од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Но, на терен не беше така. Возилото за цело време беше паркирано пред спортската сала.

Државен настан со партиски предзнак

Девет дена претходно. Сабота, 11 март, околу пладне. Промоција на книга организирана од ДУИ во хотелот „Хилтон“ во Скопје.

Меѓу првите што стигнаа со службена кола беше министерот за образование Јетон Шаќири. Со него, од Струга, возилото донесе уште еден патник – градоначалникот Рамиз Мерко. Така, Мерко, не морал да го „пали“ службеното „ауди“ што пред четири години го купи за речиси 70 илјади евра. Дошле на државен, ама барем со еден трошок.

Министерот за образование Јетон Шаќири и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко

И на овој настан следуваа едно чудо црни „шкоди“. Повеќето од нив, најверојатно, откако ја забележуваа камерата, бараа паркинг на друго место.

Голема колона со флешери и полициски возила го најавува доаѓањето на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Се појави и „шкодата“ што ја користи Артан Груби. На оваа телефонска снимка се гледа како тој излегува од неа.

Со службено возило на партиски настан го донесоа и министерот за финансии Фатмир Бесими. По него наоколу се развозуваа и други црни „шкоди“. Додека траеше настанот службените коли ги чекаа функционерите на ДУИ, дел паркирани по тротоарите.

Фатмир Бесими – министер за финансии

Сите функционери што ги снимивме по електронска пошта ги прашавме зошто на партиски настан дојдоа со службените коли? Министерот за образование Јетон Шаќири и вицепремиерот Артан Груби тврдат дека на настанот биле службено, на покана на државна институција – Институтот за духовно и културното наследство на Албанците, кој бил и организатор, па според тоа не се работело за партиски настан. Но, наспроти ова тврдење се фактите дека известувањето до медиумите за настанот го испрати ДУИ и дека во него пишуваше оти тој е „под покровителство на претседателот на ДУИ г-дин Али Ахмети“. Никаде не беше споменато името на Институтот.

Од кабинетот на министерот за финансии Бесими, пак, кратко ни одговорија дека „службеното возило го користи исклучиво за службени потреби на настани каде е поканет во својство на министер за финансии“.

Со службена кола на две минути од дома  

ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, но само на централно ниво. Меѓу градоначалниците, најбројни се кадрите токму на партијата што ја води Христијан Мицкоски. Па, решивме барем во една општина со градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ да провериме како се користат службените возила.

Ова е зградата на Општина Ѓорче Петров. Ова е влезот на паркингот. Првиот ден, четврток, шести април, уште пред почетокот на работното време, се паркиравме и чекавме од спротива. Точно во осум часот пристигна службеното „ауди“, кое претходно го немаше на паркингот. Од него излезе, најверојатно, возачот на градоначалникот. За кратко време, некаде замина со колата и се врати за само неколку минути. Од возилото излезе и градоначалникот Александар Стојкоски, па претпоставуваме дека го зеде од дома.

Следниот ден – иста рутина. Точно во осум часот некој си доаѓа на работа со службеното „ауди“. За петнаесетина минути си замина, па решивме да тргнеме по него. По две поминати сокачиња низ населбата, возилото застана пред една зграда и во него влезе градоначалникот. Продолжија до основното училиште „Мирче Ацев“ кое е на минута подолу. Таму градоначалникот кратко зборуваше со една жена, веројатно вработена во училиштето. Назад во службената кола кон главниот булевар во населбата. Кратко до дуќан… И градоначалникот стигна на работа.

Александар Стојкоски – градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Но, службената кола не остана на паркингот. Низ уличките зад општинската зграда влезе во тесен сокак и застана пред приватна куќа. Возачот и уште еден човек натоварија автомобилски гуми. Потоа, службеното „ауди“ си замина придружувано од бело „мицубиши“ и се паркираа пред вулканизер на главната улица во „Ѓорче Петров“. Гумите ги претоварија во „мицубишито“, а возачот заедно со другиот човек си замина со службеното „ауди“. За кратко ги изгубивме, но на крај видовме дека „аудито“ беше вратено на општинскиот паркинг.

Околу 9:30 часот градоначалникот и уште неколкумина со службената кола заминаа на литургија во црквата „Свети Петар и Павле“. Дента беше празникот Свето Благовештение.

Попладнето, сè уште не беше 15 часот, а во „аудито“ влегоа возачот и градоначалникот. По истата рута Стојкоски го вратија пред зградата од каде утрото го зедоа. „Google mаps“ вели дека растојанието меѓу оваа зграда и општината е 700 метри или две минути со кола, а девет минути пеш.

Потоа, возачот тргна назад кон општината. Но, наместо службеното возило да го врати на паркингот, си продолжи право. „Аудито“ го најдовме паркирано зад населбата, кај Вардар. Тука се задржа околу половина час. Потоа, повторно отиде во сокакот пред куќата пред која утрото ги товареше автомобилските гуми. Но, додека свртевме круг по уличките за да дојдеме пред куќата и да видиме што се случува, „аудито“ веќе го немаше, а во дворот на куќата беше паркирана белата кола со која утрото беа на вулканизер.

Кај зградата на општината чекавме и по истекот на работното време, но службената кола никој не ја врати. Следуваше викенд.

И до Општина Ѓорче Петров пративме прашања за начинот на употреба на службеното возило што го регистриравме. Оттаму ни одговорија дека менувале гуми на службеното „ауди“, а не на приватно возило, а „аудито“ градоначалникот го користел исклучиво за подолги службени патувања надвор од градот. Тврдат дека возилото „никогаш не било употребено за какво било превезување стоки и приватни работи“ и додаваат дека нема да дозволат „никакви неосновани инсинуации“ – можеби мислат на оваа снимка на која со службената кола градоначалникот го земаат од дома, или оваа на која го носат дома, не надвор од градот, туку на нецел километар од работното место.

Тетовскиот градоначалник користи партиско возило

Во Тетово затекнавме поинаква состојба. Градоначалникот Биљал Касами се вози во овој црн „мерцедес“, кој е регистриран на скопски таблички. Бидејќи автомобилот не е службен, прашавме – чиј е, на кој начин се користи и како се плаќаат трошоци за негово користење. Од Општината ни одговорија дека „мерцедесот“ е на Движењето БЕСА, но дека се води на приватно лице бидејќи во тек е процедура за префрлање на сопственоста.

Трошоците велат дека ги плаќа партијата, освен ако Касами не оди на подолг пат.

„При редовно користење на возилото трошоците за бензин и сервисирање паѓаат на товар на Движењето Беса. Доколку има службено патување, согласно правилникот, тоа се реализира со платен налог и во ваква ситуација Општина Тетово ги покрива трошоците, согласно законските процедури“,

велат од Општина Тетово.

ДКСК: Службените возила да бидат со таблички во боја

Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата. Вака е насловен документот од септември 2020 година во чиј член 19 користењето на службените коли е ограничено за службени потреби, а потенцирано е дека не смеат да се користат за приватни или партиски цели.

Тој можеби директно не се однесува на градоначалниците, но како што видовме, уште помалку го почитуваат оние за кои е наменет – владините функционери.

Државната комисија за спречување корупција во јуни 2021 година објави извештај за располагањето и користењето на државните средства од службени лица.

Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК

„И дојдовме до следните заклучоци – институциите во најголем дел немаат донесено правилници за користење на службеното возило, немаат донесено одлуки или определени лимити колку можат во месецот да потрошат. Повеќе од 50 отсто од овие институции ги даваат колите за користење 24/7“,

вели Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.

По објавувањето на извештајот на Антикорупциска, тогашниот вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, започна постапка за донесување владина одлука со која се уредува користењето службени возила во сопственост или на користење на државата. Во одлуката донесена набргу пишува дека користењето службени возила треба да биде одобрено, оправдано, наменско и рационално и во сообразност со визијата, мисијата, целите и делокругот на работата на државниот орган согласно неговите надлежности.

Пропишани се и формулари, како месечен налог за користење службено возило и налог за службено патување што треба редовно да се пополнуваат – кој го користел возилото, кој го возел, кога, каде и зошто и колку километри се поминати.

„Меѓутоа, ние немаме сознанија, немаме увид дали се почитува и кој врши контрола на неговото спроведување дотолку повеќе што сме сведоци дека возилата сè уште се злоупотребуваат на некој начин“

додава Ивановска.

Во хаосот од возила, особено по скопските улици, може само да се претпостави колку службени возила се користат секојдневно спротивно на правилата.

Веројатно многу полесно би било да се забележат службените возила ако се некако означени, па така полесно и би се констатирале злоупотребите.

Од Антикорупциска имаат идеја – службените возила да се со регистарска табличка во друга боја, како што се жолти оние на такси возилата.

„Тогаш многу лесно граѓаните ќе ги забележуваат и надвор од работно време каде се користат, дали ќе бидат пред кафеани, теретани, пред џамии или не знам каде сè се паркирани овие службени возила“,

смета Ивановска.

Антикорупциска еднаш се обиде да стави ред, кога направи и објави регистар на службени возила со регистарските таблички. Тој регистар ни послужи и нам. Но, лесно се забележува дека колите на многу институции ги нема во него.

„Иако имаат законска обврска сите да ги пријават, меѓутоа тој регистар се полни врз основа на пријавите од институциите. Ние разговаравме со МВР како тие да го унапредат регистарот на службени возила. Тие имаат единствен регистар во кој ги има и службените и приватните возила. Разговаравме да се унапреди тој регистар, таа база на податоци и точно да се знае кои се службените возила и оттаму полесно да се црпат податоци. Меѓутоа и тоа е сè уште во тек“,   

вели таа.

Службена кола дома носи ризици

Ако некој си ја носи службената кола дома постојат и ризици. Што ако нешто му се случи на возилото? Таков беше случајот со заменик-директорот на затворот „Идризово“, Феми Јонузи, чиј службен „пасат“ изгоре паркиран пред џамија во неговото родно Студеничани.

За настанот самиот пријавил во полиција. Директорот Зоран Јовановски потврди дека на заменикот му дал службено возило на користење 24/7 поради службени обврски, но не знае зошто Јонузи со него бил во џамија.

Во светот за злоупотреби се поднесува оставка

За разлика од нашите функционери, поранешната министерка за образование на Естонија, Маилис Репс, во ноември 2020 година поднесе оставка откако медиумите објавија дека нејзиниот возач со службен автомобил ѝ ги носел децата на училиште.

Премиерот застана во нејзина одбрана, но ја прифати оставката, а Репс ја призна злоупотребата и им се извини на граѓаните.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

„Роња, ќерката на ограбувачот“ наградена за најдобра претстава на „Новосадски театарски игри“

Следно

КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ МУ ОВОЗМОЖИ ГОЛЕМ КАМБЕК НА ЏОНИ ДЕП СО ПРЕМИЕРАТА НА НЕГОВИОТ НОВ ФИЛМ НА ОТВОРАЊЕТО (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Latest from Blog