(ВИДЕО) Изворот Рашче под постојана закана од депонија со шестовалентен хром – има ли план „Б“ за водоснабдување на Скопје?

January 17, 2023
5 mins read

Скопје, во моментов, нема проблем со водоснабдувањето, но што ако канцерогениот шестовалентен хром од депонијата кај „Југохром“, кој веќе го има во околните подземни води, продре до Рашче?

Каква стратегија има Град Скопје за алтернативно водоснабдување на главниот град и зошто континуирано не се мониторира изворот Врело? Ова се прашања на кои градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, не сакаше да даде одговор пред нашата камера. Иако уредно ја почекавме да заврши со прес-конференцијата по што ги поставивме прашaњата, таа ни возврати со зборовите „На боледување сум, срамота е ова што го правите“.

Идејата била добронамерна, но пораката „Строго забранет влез на неовластени лица“, на ‘ргосана и импровизирана врата, сега тешко дека ќе ја долови вистинската опасност на ридовите зад него. Ова се два милиони отпад – оставштина од работењето на Хемиско-електрометалуршкиот комбинат „Југохром“ од тетовско Јегуновце. Во него се измешани и 7 400 тони шестовалентен хром, кој е канцероген.

Со депонијата стопанисува централната власт, а во склоп на комбинатот има пречистителна станица. Напорот е преку пумпни станици, водите загадени со шестовалентен хром да се вратат на третман во пречистителната станица во „Југохром“. Но:

„Поради сложеноста и застареноста на системот, различниот состав на депонијата, Министерството  се соочуваа со многу проблеми во текот на целиот овој период. Често пати има затнување на дренажниот систем, проблеми со пумпната станица, далечинското управување, тековно одржување и друго. Проблемите сe надминуваат со помош на двете страни и надвор од обврските коишто произлегуваат од одредбите на договорите“,

одговорија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

И додека се прават напори за негово чистење, шестовалентниот хром не мирува. Отпадот си наоѓа свој природен пат и несоодветно третиран се слева во реката Вардар. Ова претставува еколошка катастрофа и потенцијална опасност за изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдува цело Скопје. На ова екпертите предупредуваат со години.

„Индустриската депонија Југохром се наоѓа на позиција која е неповолна по однос на местоположбата на изворото Рашче. Се наоѓа во втора заштитна зона на изворот Рашче и е на место каде што контаминент од депонијата е возможно да стигне до изворот Рашче“,

вели за „360 степени“, проф. д-р Златко Илијовски од Градежен Институт Македонија – Скопје.

проф. д-р Златко Илијовски – Градежен Институт Македонија Скопје

Депонијата е под надзор и на скопски „Водовод“. Преку примероци од 60 контролни бушотини се испитуваат подземните води во и околу Жеденскиот масив.

Иако депонијата и Жеден ги дели реката Вардар, насоката на движење на подземните води, прикажана со стрелките на мапата, е неповолна за Рашче. За среќа, засега, шестовалентниот хром е во зголемени концентрации само околу депонијата.

„Од досегашните наши испитувања, шестовалентниот хром е во граница на MDK од нашите пијазометри што се изработени околу Жеденскиот масив“,

вели Емилија Аневска – раководителка на Сектор за санитарна контрола во ЈП „Водовод и канализација Скопје“.

Во лабораторијата на скопски „Водовод“ се испитуваат и примероци земени директно од Рашче, а секојдневно и од 40 локации на крајни потрошувачи низ Скопје.

„Ние можеме да гарантираме дека скопјани пијат безбедна вода и квалитетна вода за пиење. Наша обврска како претпријатие е да го следиме квалитет на извориштата и контролните пијазометри што се направени околу извориштата. Тие се следат редовно по една определена програма во серија од четири пати во годината и доколку би имале нешто, секако, ние би реагирале“,

вели Аневска.

Емилија Аневска – раководителка на Сектор за санитарна контрола во ЈП „Водовод и канализација Скопје“

Освен континуираниот мониторинг на Рашче, скопски „Водовод“ испитува и алтернативни извори за водоснабдување на главниот град, како Патишка река, Кадина и Мала река. Од мониторингот е исклучен изворот Врело.

„Во минатите години е испитуван и Врело, со тоа што станува збор за една доста чиста вода. Следен е и протокот со тоа што мониторингот е во еден краток период и тенденција е во текот на идните години повторно да се обнови тој мониторинг со тоа што повторно би се земале примероци и би се испитувале истите по однос на својот квалитет и да се следи протокот.

360°: Зошто сега не се мониторира?

Имавме еден прекин на тој мониторинг поради ковидот.

360°: Дали сега продолжувате со мониторирање или запрено е?

Запрено е.

360°: Само за Врело или за останатите?

Само за Врело.

360°: Зошто?

Не беше предвидено во текот на минатата година, склоп на околности, не се реализира, меѓутоа тенденција наша е да се продолжи со мониторингот на алтернативните извори“,

посочи Аневска.

Од „Водовод“ се во комотна позиција оти засега капацитетот на Рашче е доволен да ги задоволи потребите на скопјани. По потреба, на „готовс“ се и двете бунарски подрачја – Лепенец и Нерези.

„До 2022 двете бунарски подрачја во вкупното производство на вода учествувале со 7 проценти. Моментално не работи ниту еден бидејќи целокупното снабдување е од изворот Рашче“,

вели Дејан Димовски – раководител на Сектор Експлоатација и одржување на капацитети (ЕОК) во ЈП „Водовод и канализација Скопје“.

Бунарско подрачје Нерези

Во последните десет години, производството на вода за Скопје се движи од 100 до 103 милиони метри кубни вода, со исклучок на 2017, која била најсушна година, па се трошело повеќе.

„Иако градот урбанистички се развива и се шири, сепак, производството на вода ЈП Водовод и канализација се движи на едно оптимално ниво“,

тврди Димовски.

Алтернативите како Патишка, Кадина и Мала река не можат ниту одблиску да му парираат на Рашче. Реките би можеле да се користат само за надополнување на водоснабдувањето на Град Скопје. Ако се jaви потреба, посериозен капацитет има само Врело.

„Одредени испитувања коишто се вршени преку институциите и Град Скопје ги има правено, укажуваат дека Изворот Врело има некојси капацитет од околу 800 литри во секунда или максимум можеби до 1 метар кубен во секунда, што во однос на просекот на издашноста на Рашче од 4,15 метри кубни во секунда е 4 пати помал. Но, како извор, доколку се мониторира, се испитува, во иднина се направи студија и проект, сигурно треба да се одреди проектантски на кој начин ќе се користи тој извор“,

смета Димовски.

Од јавно достапните информации, мониторингот на Врело може да се најде како буџетска ставка на Град Скопје во 2018 и 2019 година, заедно со Патишка и Кадина река, за што годишно се одвојувале 2,5 милиони денари или околу 40 илјади евра. Зошто мониторингот не е континуиран и каква стратегија има локалната власт за алтернативните извори за водоснабдување, прашавме во Град Скопје прво преку е-маил. Откако со денови не добивме одговор, се упативме на прес-конференција, каде по настапот на Арсовска, се обидовме да ги поставивме нашите прашања. Иако уредно ја почекавме да заврши со прес-конференцијата, по што ги поставивме прашањата, Арсовска ни возврати со зборовите „На боледување сум, срамота е ова што го правите“.

Данела Арсовска – градоначалничка на Град Скопје

Професорот Златко Илијовски укажува дека домаќински е во мирни времиња да се планира за во иднина. Тој вели дека водоснабдување на над 600 000 жители во главниот град е сериозна задача. Во случај на несакана последица за изворот Рашче добро е да се има некаков „адут во ракав“.

„Во моментов сега да имаме неограничени финансиски средства за изградба на било кој од споменатите алтернативни изворишта потребни се најмалку две до три години за било кое од тие изворишта да се изгради и да се стави во функција на Градот Скопје. Значи, не можеме да бараме решенија во моментот кога ќе дојде критичниот момент“,

вели проф. д-р Златко Илијовски.

Според Илијовски, има основа да се продолжи понатаму.

„Има реализирано одреден фонд на истражни работи на подземни води во Скопскиот регион, исто така има реализирано мониторинг на количина и квалитет на изворот Врело и тие се доволна подлога да преминеме во следни фази на реализација, односно следни фази на изработка на техничка документација и реализација на овие решенија“,

дециден е тој.

А додека се стигне прво, до волја, а потоа и до инвестиција, надежта е дека шестовалентниот хром кој „шета“ од Јегуновце, нема да ги претрка надлежните и да го контаминира Рашчe.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Роналдо капитен на дуелот против ПСЖ

Следно

Светиот крст за Водици ќе се фрла на неколку локации во Бутел

Latest from Blog

НАТО предупредува за сериозни саботажи и сајбер напади кон нејзините членки

НАТО предупредува на нови сериозни акти на саботажа и сајбер напади на територијата на алијансата, изјави висок функционер на Северноатлантскиот сојуз на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО

Колку изнесува месечна пензионерска кошничка?

Списокот на потребите на пензионерите не е многу долг, но е прилично скап: храна, лекови, сметки… Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), во октомври 2024 година, просечната пензија

„Помисли двапати“ кампања на ИНТЕРПОЛ за зголемување на свесноста и заштита од онлајн измами

ИНТЕРПОЛ почна со нова кампања за зголемување на свесноста од растечките закани од сајбер или финансиски измами на луѓе, организации или институции. „Помисли двапати“ (Think Twice) кампањата во која целосно се вклучува

Министерот за безбедност на БиХ во посета на МВР

Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ со придружна делегација, денеска ќе престојува во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Како што соопшти МВР, министерот
Go toTop