(ВИДЕО) Доза никотин со вкус на ванила – нова детска мода со слаба контрола

5 mins read

„360 степени“ излезе на терен со двајца малолетници на возраст од 13 и 14 години кои без проблем успеаја да купат т.н. „вејпови“ во три од вкупно 10 трафики/продавници кои ги тестиравме

На купените производи пишува дека тие се забранети за лица под 18 години и за бремени жени, како и дека предизвикуваат силна зависност поради присуството на никотин. Истражувањето на „360 степени“ покажа и дека практично никој не контролира дали трговците се однесуваат одговорно – кому ги продаваат овие производи

Класичните цигари одамна се забранети за рекламирање, но на интернет, каде е присутна помладата публика, многу инфлуенсери слободно ги промовираат електронските цигари. Наводно наменети за возрасни, овие т.н. вејпови доаѓаат во пакувања во силни бои и со вкусови како ванила, цреша, банана, манго. Најголем дел од производите, сепак, не смениле една работа – имаат иста, па и поголема количина никотин како и традиционалните цигари. 

По реакциите што „360 степени“ ги доби од повеќе родители дека нивните деца лесно доаѓаат до вејпови и дека тие се сè попопуларни, тргнавме во теренско истражување. Со дозвола од нивните родители, со нас дојдоа и две момчиња – едното на 14, другото на 13-годишна возраст. На тест ставивме 10 помали продавници, трафики и ланци на супермаркети, каде нашите „малолетни колеги“ се обидоа да купат електронски „вејпови“.  

Првиот обид беше во трафика, близу автобуска станица каде има средно училиште.

360: Добар ден, имате „вејп“?

Продавач: Нема за под 18 години.

360: Ама за татко ми е.

Продавач: Ама не ми кажувај сега.

Ова беше само еден од неколкуте неуспешни обиди.

360: Имате вејп?

Продавач: Мали сте за вејп, не смеам да ви дадам.

Се обидовме да купиме и во продавници во близина на основно и средно училиште во Центар, но и таму продавачите беа совесни.

360: Имате вејп?

Продавач: За кој бе вејпот?

360: За брат ми.

Продавач: Немаме.

И токму кога помисливме дека електронските цигари се тешко достапни за лица под 18 години, се уверивме дека натписот дека продажба на цигари на малолетници е забранета, на некои места е само декларативен.

360: Да ве прашам вејп дали имате?

Продавач: Макс вејп оние што се електронските?

360: Да.

Продавач: Чекај да видам, еве овде имаш.

360: Колку пари се?

Продавач: 490 денари.

360: Какви има?

Продавач: Од што сакаш, има со различни вкусови.

360: Било што.

Продавач: Било што дај му.

Тоа не беше единственото место каде нашите 14 и 13-годишни придружници купија електронски цигари. Во друга продавница, продавачот дури се обиде да им го продаде поскапиот производ.

360: Вејп дали имате.

Продавач: Има.

360: Колку пари е?

Продавач: Две имаш, за 600 и за 400.

360: Од 400 еден дадете ни.

Продавач: Од овој сакате, од 600, на вовлекување?

360: Од 400.

Продавач: Може овој тропик?

360: Може.

Без никаков проблем успеавме да купиме вејп и на локација која во доцните часови е збирно место за голем број малолетници.

360: Вејп имате?

Продавачка: Има.

360: Од портокал има?

Продавачка: Од портокал не.

360: Од што има?

Продавачка: Имаш од овие izzy – манго и праска, овие другиве од праска, лимон.

360: Од праска, колку е

Продавачка: 350 денари.

Сè на сè, од вкупно 10 продажни места на трафики, продавници и ланци на маркети што ги посетивме, на три места им продадоа електронска цигара на деца на 13 и 14-годишна возраст. Во проценти, тоа се 30% од трговците и тоа во радиус од три-четири километри од центарот на Скопје.

Откако се уверивме дека електронските цигари се релативно лесно достапни за малолетни лица, се обративме до Државниот пазарен инспекторат. Нè изненади одговорот дека најголемата инспекциска служба во земјава може да ја контролира трговијата, но не и кому се продава одреден производ.

„Лицата кои се купувачи и потрошувачи, легитимирањето на истите по однос на нивната возраст, малолетници или полнолетни, го врши исклучиво Министерството за внатрешни работи односно припадниците на МВР. Пазарните инспектори немаат право да легитимираат физички лица, во случајов потрошувачи или консументи на тутунски производи во угостителски објекти или купувачи во трговијата“,  

вели Александра Котели, самостоен инспектор во ДПИ.

Александра Котели, самостоен инспектор во ДПИ.

По упатствата од Државниот пазарен инспекторат се обративме до МВР. Од таму ни ги испратија законските одредби – кога полицијата прави идентификација на лица. Во тој контекст посочија дека прават редовни контроли со пазарната инспекција, но за точење алкохол во локали.

Во изминатиот период од страна на полицијата заедно со Државниот пазарен инспекторатот извршени се контроли на точење алкохол на малолетници во голем број на локали на локално и регионално ниво и за откриените случаи се преземени соодветни законски мерки, а не се откриени случаи во врска со продажба на електронски вејпови и цигари на лица под 18 години“,

велат од МВР.

А кога полицијата не споменува дека прави контроли по продавници, а пазарната инспекција тврди дека таа нема право на такво нешто – тогаш кој е надлежен да ја контролира продажбата на тутунски производи на малолетници?

Според член 24 од Законот за трговија, проверка прави продавачот кој не смее да продава цигари на малолетници. За тоа на кој начин се прави проверката, во законот е предвидено да има подзаконски акт. Но:

„Не е пропишан посебен подзаконски акт за начинот на утврдување на возраста на купувачот. Трговецот може да побара лицето да ја докаже возраста во секој случај кога истото изгледа помладо од 18 години, односно да побара истото во таков случај да се легитимира со лична карта, пасош или возачка дозвола. Доколку лицето одбие да ја докаже возраста , трговецот нема да изврши продажба на цигари“,

велат од министерство за економија

Тоа што продавачот може да одбие продажба на цигари, не го одговара и прашањето – кој го контролира продавачот. Според сите одговори што ги добивме, се чини – никој.

Член 24 од Законот за трговија

Во Лешок, се наоѓа специјализирана болница за белодробни заболувања. Пулмологот Исмаил Ваити вели дека електронски или обични, цигарите се штетни. Особено за детскиот организам, кој е во развој.

Секако, никотинот, и во цигарите и во електронските цигари, ги зазема местата на никотински рецептори коишто ги имаме по слузницата. Така, се создава таа зависност, секако паралелно и за едните и за другите. Некои посебни студии немам јас досега видено дека може да има разлика помеѓу, а рекламите се реклами“,

вели Ваити.

Во рекламите за електронските цигари, пак, се тврди дека тие се побезбедна варијанта од цигарите. Д-р Ваити вели – потребна е контраакција со едукативни пораки. 

Особено кај младите, кај 14-15 години, веќе кога се осмолетка, сега веќе е деветолетка, гимназија, средно образование, така да таму треба најповеќе да се делува зашто од тука се регрутираат фактички пушачите. Ако им се прикажат некои емисии, што претставува, па со слајдови, веројатно ќе има некој ефект“,

кажа Ваити.

д-р Исмаил Ваити

Возраста од 14-15 година е клучна и за психолозите. Тој период го сметаат за години кога едно дете почнува да се бара себеси и да гради свој идентитет.

И во тој период е многу нормално, тоа било отсекогаш така, да пробуваат различни работи, пробуваат да пушат, пробуваат нешто што се нуди околу нив, нели ако не се нуди они нема ни га бараат, а бидејќи ги има бидејќи се лесно достапни, бидејќи меѓу нив се шири некоја мода, значи за да се докажат, покажат, изградат себеси, спремни се да пробаат, да земаат, да консумираат било што околу нив“,

вели Јовановска.

Според психологот Мирјана Јовановска, младите често се наведени да направат некои избори. Некои од тие избори, ако станат зависност, ги смета за катастрофи.

Страда развојот нивни, невролошки, ментално и ги губат капацитетите што може да ги постигнат и остварат оптимално понатаму во својот живот“,

кажа Јовановска.

Мирјана Јовановска, психолог

Но, иако на многумина им е јасно дека шарените, светкави и со егзотични вкусови електронски цигари не се добри за здравјето на децата, не стекнавме впечаток дека некој сериозно се бори против тоа. Освен што не е јасно кој смее да легитимира купувач кога купува производ наменет за лица над 18 години, нема закон или одредба што спречува скриено рекламирање на електронските цигари, како кај инфлуенсерите. Засега, Државниот пазарен инспекторат на оваа пракса не гледа како на реклама туку како на искажување коментар или лично мислење.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Гази Баба ќе испрати 500.000 денари помош на Турција и Сирија

Следно

Земјотресот во Турција и Сирија погоди милиони бегалци

Latest from Blog