(ВИДЕО) Дивоградбата на државна парцела на Пластичарска стигна до владина седница, но и понатаму никој не ја чепка

5 mins read

Општината Центар и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам презентираат различни верзии во јавноста за тоа – која е основата што предметот за дивоградбата сега е кај инспекторатот, што пак е административна бариера за да се изврши решението за рушење на објектот

За изградбата на објектот известуваа повеќе медиуми во повеќе наврати во изминатите месеци. Сега, се вклучи и премиерот кој вели дека за дивоградбата ќе се расправа и на владина седница. Сепак, ниту една институција не се осмелува да упадне на државната парцела на која е изграден објектот, како што на пример се случи со обидот за изградба на паркинг во дворот на болницата „Бит пазар“

Минатата недела објавивме дека објектот што на диво се гради на државно земјиште на Пластичарска во Скопје е при крај. Прво, Општината Центар немаше фирма за рушење, па потоа МВР немаше полицајци за асистенција, за кога се создадоа услови – предметот да заврши во Државниот инспекторат за градежништво.

На самиот ден кога требаше да се изврши самата акција и рушење, акцијата беше пробиена. Од страна на Државниот инспекторат стигна барање да самите предмети им бидат дадени на увид. Ние како општина истото го направивме“,

рече Герасимовски во гостување на ТВ Сител.

Кога прашавме во Општината Центар, кој е основот за одземање на предметот од Државниот инспекторат, ни одговорија – член 145 од Законот за градење. Тој предвидува одземање предмет од Општина поради непостапување, но за да се случи тоа, потребен е и потпис од министерот за транспорт.

Дел од дивоградбата, поглед од булевар „Никола Карев“

А министерот за транспорт Благој Бочварски тогаш ни одговори дека не се потпишал на такво нешто. Тогаш, како е можно државата самата да постапува незаконски за незаконски изграден објект? Ако се суди по изгледот од надвор, дивоизградениот објект на државна земја на Пластичарската улица е речиси готов. А додека на булеварот „Никола Карев“ во Скопје градењето е завршено… во четвртокот во Штип почнуваше изградба на нов објект – канадска фабрика за автомобилски делови. Отидовме таму за лично да го прашаме премиерот Димитар Ковачевски – како негов директор не го прашал надлежниот министер кога одзел предмет и спречил рушење дивоградба?

Ковачевски кажа дека темата ќе се разгледува на највисоко ниво. Но, не пропушти да додаде и дека нема намера Владата да се меша во општинската надлежност за рушење дивоградби, преку алузија на екс-премиерот Никола Груевски и случајот „Космос“.

„Од мене не можете да добиете уверување дека ќе оди премиер да руши дивоградби, имавме еден премиер што рушеше дивоградби, сега не е тука. Така да, се ќе биде спроведено во рамки на законските надлежности и точно со министерот за транспорт ќе разговараме на владина седница за овој случај.“

рече премиерот Ковачевски.

На нашите прашања дали ќе побара одговорност од директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Фатмир Арифи, кадар на ДУИ, но и од неговиот сопартиец – градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, затоа што објектот не само што не е срушен, туку е речиси готов – Ковачевски не даде конкретен одговор. Но, посредно, најави рушење.

Ќе бидат спроведени сите постапки како што веќе ги има отпочнато Општина Центар“,

вели Ковачевски.

Премиерот на С Македонија, Димитар Ковачевски

Постапката што ја има отпочнато Општината Центар во моментов е до фаза на решение за рушење. Но, дивоградбата не се руши бидејќи, како што и јавно кажа градоначалникот, предметот им го зел Државниот инспекторат. Но, откако минатата недела од Центар ни кажаа дека предметот го дале согласно член 145 од Законот за градење, а ние потоа откривме дека министерот не го ставил неопходниот потпис за Инспекторатот да им го одземе предметот, прашавме во Општината – зошто го дале предметот на Инспекторатот кога немало потпис од Благој Бочварски?

На барањето одговорите да ни ги даде градоначалникот Горан Герасимовски во интервју пред камера, од Општината Центар одговорија негативно со образложение дека ќе бил на пат. Па, побаравме да добиеме барем писмени одговори. Судејќи по Фејсбук страницата на Герасимовски, градоначалникот не бил на пат.

Фото: Фејсбук страница на градоначалникот Горан Герасимовски

Па, добивме одговор само на писмено и тоа по речиси цела недела чекање. Во него, општината не го споменува ниту членот 145 од Законот за градење, ниту кој било друг член и закон по кои го отстапиле предметот. Сега велат дека биле цел на „вонреден инспекциски надзор“.

„Од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) до Општина Центар доставено е Барање до Општина Центар на 23.3.2023 година, за прекин на постапка за посочените предмети, со цел вршење на вонреден инспекциски надзор и увид во предметите од страна на ДИГУ. Од ДИГУ до Општина Центар на 27.3.2023 е пристигнато барање за преземање на предметната документација со цел утврдување на фактичката состојба за спорните парцели“,

се вели од Општина Центар.

Од општината велат дека сега го чекаат Записникот од извршениот инспекциски надзор, па според тоа ќе одлучат за следните чекори.

А неколку дена пред одговорот од општината Центар, односно истиот ден кога првпат го соочивме премиерот со развојот на настаните на државната парцела на Пластичарска, стигна одговор од Државниот инспекторат за градежништво. Сепак, немаше ниту збор за прашањата на кои баравме одговор со недели, како на пример  – кога ќе го рушат објектот на Пластичарска, туку само став за основата за преземање на предметот.

„По однос на предметот од Општина Центар на таканаречена Пластичарска (Инспекторатот н.з.) има постапено по поднесена претставка … Градежниот инспектор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам постапил по член 131 став 4 од Законот за градење и член 79 став 2 точка 1 од Законот за инспекциски надзор и со известување до овластениот градежен инспектор при Општина Центар побарал увид во документација за горенаведениот предмет“,

одговорија од ДИГУ.

Ова, првенствено, значи дека од Државниот инспекторат тврдат постапиле по сосема други членови од закони, за разлика од тоа што го тврдат од Општината Центар.

Првенствено, ако се погледнат законите и членовите што ги цитира Државниот инспекторат, излегува дека не е потребен потпис од министерот за транспорт бидејќи не постапувале по член 145. Но, има друг проблем.

Градежен инспектор при вршењето на инспекциски надзор проверува дали овластениот градежен инспектор ги врши работите согласно со овој закон. Надлежните органи на општините се должни на барање на градежен инспектор да му овозможат да изврши увид во документацијата“,

стои во Законот за градење.

Во оваа законска одредба јасно пишува дека државните инспектори може да ги проверат нивните општински колеги и дека Општините се должни да дозволат увид. Но, никаде не пишува дека под увид се подразбира одземање на предметот од Општината, уште помалку дека со увид може да се стопира извршно решение за рушење дивоградба. Во другите одредби на кои се повикуваат од Државниот инспекторат за градежништво во одговорот до „360 степени“, од Законот за инспекциски надзор, никаде не се споменува вонреден инспекциски надзор туку само правата на инспекторот.

Инспекторот при вршењето инспекциски надзор има право на пристап онаму каде што смета дека е неопходно и во секое време, во простори и деловни простории, локации и транспортни средства и право непречено да ја разгледува целокупната потребна документација на субјектот на инспекцискиот надзор“,

стои во Законот за инспекциски надзор.

Бидејќи, случајно или не, одговорот од инспекторатот го добивме по изјавата на премиерот од четвртокот, веќе следниот ден заминавме за Битола, каде се одржуваше свеченост за почеток на изградбата на автопат од коридорот 10-Д. Целта овојпат ни беше да го слушнеме министерот Благој Бочварски. Му пристапивме пред церемонијата, објаснивме што бараме и ни закажа средба за подоцна. По свеченоста, министерот за транспорт прифати разговор, но не и да даде официјална изјава. Единствено, добивме уверување дека ќе добиеме одговор откако Владата ќе добие официјални информации од Државниот инспекторат за градежништво. 

Дел од разговорот со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски

Ова значи дека уште едно локално прашање – за дивоградба на државно земјиште, кое би требало да се реши по брза постапка, станува тема на највисоко ниво за кое ќе расправаат премиер и министер и тоа на владина седница. Познати се имињата на државните функционери кои ја дозволија и ја дозволуваат оваа пародија со владеењето на правото. Непознати се само оние, барем не јавно, што очигледно имаат поголема моќ од државата.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Фестивал на јапонска култура во „Мала станица: Работилници, изложби, модна ревија, дегустација на храна…

Следно

Радев на средба со Вархеји: Очекуваме ЕУ да реагира кога се засегнати правата на граѓаните на РСМ со бугарска самосвест

Latest from Blog