Велика Британија го блокираше преносост од неформалниот состанок на СБ на ОН на кој треба да зборува руската комесарка за правата на децата

2 mins read

Според извештајот кој канцеларијата на Лавова-Белова го објави вчера, од 29 март вкупно 16 деца од девет семејства биле повторно обединети со нивните украински роднини. Таа одби да објави целосен список на украински деца донесени во Русија

Велика Британија го блокираше онлајн преносот на ОН на неформалниот состанок на Советот за безбедност посветен на Украина, на кој треба да зборува руската комесарка за правата на децата, Марија Лавова-Белова, за која Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства има издадено налог за апсење.

Состанокот ќе се фокусира на „евакуација на децата од зоната на конфликтот“, а Русија вчера соопшти дека Лавова-Белова ќе зборува преку видео врска. Ваквите состаноци не се одржуваат во салата на Советот за безбедност и сите 15 членки на советот треба да се согласат да дозволат ОН да го емитува на својата интернет страница.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг минатиот месец издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Лавова-Белова, обвинувајќи ги за незаконско депортирање деца од Украина и незаконско префрлање на луѓе во Русија од Украина откако Русија изврши инвазија на 24 февруари минатата година.

„Не треба да ѝ се дозволи платформата на ОН да ѝ служи за ширење дезинформации. Ако сака да даде отчет за своите постапки, може да го стори тоа во Хаг“,

изјави портпаролот на британската мисија во ОН во Њујорк.

Според дипломати во Њуорк, ретко се случува онлајн пренос на ОН да биде блокиран. Сепак, Кина минатиот месец го блокираше преносот на ОН на неформалниот состанок на Советот за безбедност, свикан од САД, за кршење на човековите права во Северна Кореја.

Овојпат блокирањето доаѓа откако Лавова-Белова вчера рече дека е подготвена да ги врати децата назад во Украина, доколку нивните семејства го побараат тоа, пишува „Гардијан“.

Украина ја обвинува Русија дека „украла“ повеќе од 16 000 деца од почетокот на нејзината офанзива пред повеќе од една година. Русија вели дека ги „спасува“ децата од борбените зони и оти има процедура за нивно повторно спојување со нивните семејства.

За време на вчерашната прес-конференцијата, Лавова-Белова рече дека не била контактирана од „ниту еден претставник на украинските власти“ за депортираните деца од почетокот на конфликтот.

Таа рече дека родителите може да ѝ напишат имејл за да им ги побара децата.

„Пишете ми … За да го најдам вашето дете“,

рече таа.

Москва не ја крие програмата според која донесе илјадници украински деца во Русија, но ја претставува како хуманитарна кампања за заштита на сирачињата и децата напуштени во воената зона.

Заменик-амбасадорот на Русија во ОН Дмитриј Пољански возврати на потегот на Велика Британија да го блокира преносот на интернет.

„Русија отсега ќе ги блокира веб-преносите на ОН на сите слични состаноци, повикувајќи се на клаузулата за цензура на Велика Британија“,

рече тој.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија минатиот месец изјави дека неформалниот состанок на членовите на Советот за безбедност што ќе се одржи денеска бил планиран долго пред објавувањето на налозите за апсење од страна на МКС и оти било без намера тоа да значи отфрлање на обвиненијата против Путин и Лавова-Белова.

Според извештајот кој канцеларијата на Лавова-Белова го објави вчера, од 29 март вкупно 16 деца од девет семејства биле повторно обединети со нивните украински роднини. Таа одби да објави целосен список на украински деца донесени во Русија.

Според извештајот, 380 украински сирачиња се сместени во згрижувачки семејства во Русија, вклучително и 22 малолетници пронајдени напуштени во Мариупол – пристаништен град кој речиси беше срамнет со земја пред да го заземат руските сили минатата година.

Лавова-Белова рече дека на посвоените деца им било дадено руско државјанство, а го задржале и украинското.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Арсовска изврши увид во завршните работи на улицата „Димо Хаџи Димов“

Следно

ДАЛИ И НЕГО ЌЕ ГО ГЛЕДАМЕ ВО САУДИСКА АРАБИЈА: На Меси му се нуди договор тежок 400 милиони евра годишно

Latest from Blog