УНИЦЕФ: Во Пакистан 10 милиони луѓе се уште немаат вода за пиење поради минатогодишните поплави

1 min read

УНИЦЕФ денеска предупреди дека по големите поплави во Пакистан, 10 милиони луѓе, вклучувајќи и деца, сè уште живеат во области без пристап до безбедна вода за пиење.

Во соопштението на УНИЦЕФ се истакнува лошата ситуација во сиромашниот Пакистан, земја со 220 милиони жители која сè уште се бори со последиците од поплавите и растечката економска криза.

Во поплавите, кои експертите делумно ги припишуваат на климатските промени, животот го загубија 1.739 луѓе, меѓу кои 647 деца и 353 жени.

УНИЦЕФ наведува дека дури и пред поплавите во јуни минатата година, само 36 отсто од водата од пакистанскиот Водовод била безбедна за користење.

Поплавите оштетија голем дел од водоснабдувањето во погодените подрачја. Затоа сега повеќе од 5,4 милиони луѓе, вклучувајќи и 2,5 милиони деца, се потпираат исклучиво на вода од бари и бунари, соопшти УНИЦЕФ.

„Безбедната вода за пиење не е привилегија, тоа е основно човеково право“, рече Абдула Фадил, претставник на УНИЦЕФ во Пакистан.

Поради ова, наведе тој, милиони деца се изложени на ризик од здравствени проблеми, а страдаат и од неисхранетост.

„Потребна ни е постојана поддршка од нашите донатори за да обезбедиме безбедна вода, да изградиме тоалети и да обезбедиме основни санитарни услуги за овие деца и семејства на кои им се најпотребни“, додаде Фадил.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Ердоган ја потврди решеноста за зајакнување на односите со Израел

Следно

Вучиќ: Се што кажав ќе спроведеме, а за признавање и членство во ОН или телата на ОН нема ни говор

Latest from Blog