Судан: Воздушните напади се интензивираат – поранешен функционер вели дека конфликтот може да стане полош од оние во Сирија и Либија

3 mins read

И покрај примирјето, армијата на Судан соопшти дека напаѓа позиции во Картум со цел да ги истисне ривалските паравоени сили за брза поддршка (РСФ). Милиони луѓе остануваат заробени во главниот град Картум, каде тешко стигнуваат до храна, вода и медицинска помош. Како одговор на тешката ситуација, која се заканува да прерасне во хуманитарна криза, во земјата денеска пристигнал првиот авион натоварен со големо количество медицински материјал

Поранешниот премиер на Судан, Абдала Хамдок предупреди дека конфликтот во земјата може да стане полош од оние во Сирија и Либија кои доведоа до стотици илјади загубени човечки животи и предизвикаа нестабилност во пошироките региони. Говорејќи во Најроби, Кенија тој рече: „Мислам дека тоа ќе биде ноќна мора за светот. Ова не е војна меѓу војска и малубројни бунтовници. Станува збор за речиси две армии“

Воздушните напади во главниот град на Судан, Картум се интензивираат и покрај примирјето кое беше договорено за да имс е овозможи на цивилите да го напуштат градот, јавува Би-би-си. 

Сателитска снимка од аеродромот во Картум/Фото: EPA-EFE/MAXAR TECHNOLOGIES HANDOUT

Армијата на Судан соопшти дека напаѓа позиции во градот со цел да ги истисне припадниците ривалските паравоени сили за брза поддршка (РСФ).  

„Повторно се разбудивме од звукот на борбените авиони и противвоздушното оружје кои одекнуваат низ нашето соседство“, 

изјавил денеска жител на Картум за новинската агенција АФП.

Примирјето беше договорено да трае три дена и требаше да заврши ноќеска на полноќ. Од РСФ, пак соопштиле дека тоа наводно е продолжено за уште три дена.  

Во меѓувреме милиони луѓе остануваат заробени во главниот град Картум, каде тешко стигнуваат до храна, вода и медицинска помош.  

Пристигна првиот лет со осум тони медицинска помош

Како одговор на тешката ситуација, која се заканува да прерасне во хуманитарна криза, во земјата денеска пристигнал првиот авион, натоварен со големо количество медицински материјал.  

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопшти дека авион слетал во Порт Судан со осум тони помош, вклучително и здравствени комплети за болниците. 

Сепак, како што соопштија од Црвениот крст, нивните тимови ќе треба да добијат гаранциите од завојуваните страни за безбедни коридори преку кои ќе можат да ја достават помошта до болниците.  

 „Со непријателствата кои сè уште се во тек, на тимовите на МКЦК ќе им требаат гаранции од страните во конфликтот за безбеден премин,  за да го достават овој материјал до медицинските установи на локации со активни борби, како што е Картум“,

се вели во соопштението на Црвениот крст.  

Жители на Картум се потешко доаѓаат до храна и вода/Фото: EPA-EFE/STRINGER

Повеќе од 70 отсто од здравствените установи во Картум беа принудени да прекинат со работа, поради борбите што избија на 15 април, што оневозможи голем број повредени да ја добијат потребната медицинска нега.  

Во досегашните борби, според достапните информации, пријавени се повеќе од 500 загинати луѓе, но проценките велат дека вистинскиот број на загинати и повредени се очекува да биде далеку поголем. 

Судирите избија на 15 април како резултат на борбата за власт меѓу редовната армија и РСФ. 

Армискиот командант, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан и началникот на РСФ, генерал Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемедти, не можат да се договорат околу предложената транзиција на земјата кон цивилно владеење, а особено во врска со временската рамка за прием на 100 000 припадници на РСФ во армијата. 

Суданската армија е огнено надмоќна, но ривалските РСФ се помобилни

Според дописникот на Би-би-си кој ги следи настаните од Најроби во Кенија, на армијата која, иако е супериорна во огнената моќ ќе и биде тешко да ги протера РСФ од Картум кои се од друга страна поподвижни и добро подготвени за борба во урбани услови.  

Во меѓувреме продолжуваат евакуациите што ги организираат владите на странските земји за извлекување на своите државјани од Картум.  

Велика Британија денеска соопшти дека го организира последниот лет за евакуација, кој е најавен за утре.  

Во меѓувреме конвој организиран од Соединетите Американски Држави пристигнал во Порт Судан од каде со брод преку Црвеното море до Џеда во Саудиска Арабија треба да бидат евакуирани повеќе американски државјани. Стотици американски државјани, меѓу кои и дипломатскиот персонал ја напуштија земјата пред една недела. 

Луѓе кои побегнале од Судан на автобуска станица Асван во јужен Египет/Фото: EPA-EFE/KHALED ELFIQI

Денеска и Министерството за надворешни работи на С Македонија соопшти дека четворица македонски државјани се евакуирани од Судан со асистенција на Саудиска Арабија.   

Вчера, поранешниот премиер на Судан, Абдала Хамдок предупреди дека конфликтот во земјата може да стане полош од оние во Сирија и Либија кои доведоа до стотици илјади загубени човечки животи и предизвикаа нестабилност во пошироките региони.  

„Мислам дека тоа ќе биде ноќна мора за светот. Ова не е војна меѓу војска и малубројни бунтовници. Станува збор за речиси две армии“,

рече Хамдок говорјќи во Најроби, Кенија.  

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Путин го смени и генерал Мизинцев – заменикот-министер за одбрана, задолжен за логистика на руската армија 

Следно

Роналдињо создава Светска лига во уличен фудбал

Latest from Blog