Српскиот парламент по дводневна дебата го усвои извештајот за преговорите со Приштина 

3 mins read

За усвојување на извештајот гласаа 154 пратеници, 23 беа „против“, а девет се изјаснија како „воздржани“. На гласањето присутвуваа 186 пратеници, а претставниците на Народната партија денеска ја напуштија седницата бидејќи владејачкото мнозинство одбило да дискутира за нивната предлог-резолуција за отфрлање на француско-германскиот предлог

Српскиот претседател, Александар Вучиќ во своето завршно обраќање по дводневната дискусија во парламентот на земјата рече дека треба да се подготват за тешки времиња и оти прифаќа дел од вината за тоа. Тој рече дека се согласува со констатацијата дека Србија ја плаќа цената во меѓународните односи затоа што не воведе санкции кон Русија

Пратениците во српскиот парламент со 154 гласа „за“ вечерва го прифатија извештајот на Владата за преговорите со Приштина. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во своето обраќање пред пратениците рече дека претстојат тешки дискусии и „тешка борба за Заедницата на српски општини“. 

Српскиот парламент два дена распараваше за извештајот на владата за преговорите со Косово/Фото: Принтскрин

Против извештајот гласаа 23 пратеници, а девет беа воздржани. На гласањето присуствуваа 186 пратеници, пренесува РТС. 

Српскиот претседател рече дека треба да се подготват за тешки времиња и дека прифаќа дел од вината за тоа. 

„Нашата позиција не е лесна токму затоа што ситуацијата на Косово и Метохија не е лесна…Ви гарантирам само едно – секогаш ќе бидеме заедно. Србија ќе го зачува мирот. Србија ќе се однесува одговорно“,

изјави Вучиќ. 

Тој рече дека се согласува со констатацијата дека Србија ја плаќа цената во меѓународните односи затоа што не воведе санкции кон Русија.  

Вучиќ рече дека Србија го избрала тој пат, бидејќи тоа е патот на независна Србија, која и самата била изложена на санкции во минатото поради Косово и други прашања. 

 „Ако не можеме да издржиме, ќе дојдам и ќе кажам дека не можеме повеќе“,

рече српскиот претседател во своето завршно обраќање по дводневната дебата на српскиот парламент.  

Тој рече дека нема илузии дека притисоците ќе се зголемат. 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е негова вина бидејќи Србија не воведе санкции кон Русија. 

„Тоа беше моја иницијатива. Јас ја предложив“,

рече Вучиќ и додаде дека владата во Србија ја осудува Русија за инвазијата на Украина во согласност со меѓународното право, бидејќи во спротивно нема да може да се бори за Косово. 

Тој изрази благодарност до оние кои покажале дека можат да издржат и под тешки околности, а упати критики до дел од пратениците кои, како што рече се удираат во гради дека можат да издржат на бојното поле, а не се во состојба да седат ниту еден час во топла собраниска клупа. 

Српскиот претседател, Александар Вучиќ најави тешка борба за Заедницата на српски општини/Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Неговата забелешка се однесуваше на пратениците на Народната партија кои ја напуштија седницата на српскиот парламент за Косово.  

 „Претседателот на Србија ја претвори дебатата во циркуска претстава и неговиот рејтинг е поважен од се, вклучително и од Косово и Метохија“,

изјави Стефан Јовановиќ, претставник на Народната партија, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.  

Тој изјави дека Вучиќ не дошол во парламентот како претседател на Србија, туку се појавил како претседател на Српската напредна странка (СНС). 

На прес-конференција во српскиот парламент, Јовановиќ рече дека Народната партија му предложила на парламентот резолуција со која Србија ќе го отфрли француско-германскиот предлог, бидејќи во него е предвидено Косово да биде примено во Обединетите нации. 

Тој изјави дека владејачкото мнозинство одбило да расправа за тој предлог на собраниската седница. 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, презентирајќи го извештајот за преговорите со Приштина, вчера рече дека целта на расправата е да се отвори разговор за најтешките работи со кои се соочува земјата, а не префрлање на одговорноста. 

Вучиќ претстави план од десет точки за политиката на Србија во наредниот период. Тој зборуваше за т.н. француско-германски предлог и притоа ја истакна точката 4 како особено тешка, која предвидува дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација. 

Лидерите на пратеничките групи на владејачкото мнозинство и на опозицијата вчера ги изнесоа своите ставови, а тензичната дискусија во еден момент прерасна во инцидент во кој дојде до судир на пратениците на власта и опозицијата. 

Во четвртокот вечерта неколку десетици граѓани протестираа пред собранието на Србија барајќи парламентот да не го поддржи потпишувањето на француско-германскиот предлог ниту кој било друг што на кој било начин би претставувал признавање на самопрогласената независност на Косово. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

(ВИДЕО) Нема да бидат дозволени собири околу црквата „Свети Спас“, вели министерот Спасовски

Следно

Ново издание на 360°: Дали ќе се дозволат собири околу „Свети Спас“ и дали ќе има забрани за влез во земјава?

Latest from Blog