Со премиера на „Некрстени денови“ на Иво Трајков вечерва во Кинотека почнува 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал

3 mins read

Со премерата на филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков, вечерва во 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе започне 13. издание на  Филозофскиот филмски фестивал. Режисерот Трајков е  еден од ексклузивните фестивалски гости со кого публиката ќе има можност да се вклучи во дискусија по прикажување на филмот. Како увертира на проекцијата ќе биде одржан музички перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на Новиот македонски бран на џез музика.

Филмот “Piargy” е прикажан на голем број фестивали и освои голем број награди, но сакав премиерното прикажување во Македонија да биде нешто вонредно. Од тој поглед ми се чини дека и самата идеја за филозофски филмски фестивал е нешто уникатно и надвор од рамките на Македонија. Филозофијата е присутна во секој филм како составен дел на животот. Во овој филм се појавуваат и некои теозофски аспекти вели  режисерот Трајков по повод фестивалската премиера.

 

Фестивалот кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, во осумте фестивалски дена (2-9 јуни) во Кинотеката на Македонија,  на публиката ќе ѝ понуди 40-тина филмови, 50-тина настани, а ќе има 15-тина гости.

 

Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови, сите за првпат во Македонија, меѓу кои и една македонска ко-продукција. Имено, станува збор за погоре споменатиот филм („Некрстени денови“) на нашиот познат режисер Иво Трајков („Големата вода“, „Медена ноќ“), кој долги години живее, твори и предава на престижната FAMU во Прага. „Некрстени денови“ плени со раскошна визуелност и со апокалиптичката приказна сместена во предворјето на Втората светска војна.

Како дел од натпреварувачката програма од утре ќе бидат прикажани, колумбискиот филм „Кралевите на светот“ на Лаура Мора, јапонскиот „План 75“ на режисерката Чие Хајакава, потоа, уште еден силен дебитантски филм, „1976, овојпат на младата чилеанска режисерка Мануела Мартели,  иранскиот „Последниот снег“ на Амирхосеин Асгари. Последниот филм од долгометражната филмска селекција е поврзан со специјалниот гостин на годинешното издание на Фестивалот, односно последното филмско остварување на светски познатиот режисер, Кшиштоф Зануси, „Совршен број“ – филм кој ќе го претстави самиот режисер во Скопје.

Во двојната конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм, ќе бидат 15 филмови од повеќе земји во светот: САД, Канада, Финска, Јужна Африка, Холандија, Португалија, Костарика, Полска, Унгарија, Швајцарија, Кина и Грција. Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражни филмови, а како дел од Фокусот Годар, ревијално ќе биде прикажан неговиот краток филм „Во темнината на времето“.

Селектор на официјалната селекција на долгометражни филмови е проф. м-р Кирил  Трајчев, додека за изборот на краткометражни филмови се погрижи    д-р Дејан Здравков; филмовите во Ревијалната програма, во соработка со гостите на Фестивалот, се филтрирани од Слаѓан Пенев и Ана Дишлиеска Митова.

 

Жирито за официјалната конкуренција на долгометражни филмови го сочинуваат: д-р Елизабета Шелева (професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ), д-р Луис Мартин Ариас (професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија) и д-р Нил Кенеди (професор на Тринити колеџот во Даблин, Ирска). За наградите во официјалната конкуренција на краткометражни филмови ќе одлучува жири во состав: Наташа Неделкова (интердисциплинарна уметница и истражувачка), Том Докал (филмски критичар, Луксембург) и Ана Јакимска (режисерка и сценаристка).

 

Мотото на годинешното издание на ФФФ гласи „Сè е филм, во множина“, и е  инспирирано од големиот филмски великан од Францускиот нов бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого Фестивалот подготвува специјален интерпрограмски фокус.

 

Во чест на фестиваскиот фокус за прв пат на голем екран ќе биде прикажан серијалот што режисерот го подготвува и снима 10 години, култниот „(И)стории на филмот“.

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката на Македонија. Институционални поддржувачи на ФФФ се Агенцијата за филм и Министерството за култура на Република Македонија. Во подготовката на ова издание значајна поддрѓка дадоа Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, МЕДИА Деск Мк, Музејот на современата уметност Скопје, како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.

 

Филозофскиот филмски фестивал е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки што продуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот.

 

 

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Претходно

ПСЖ ја откажаа прославата на титулата, нивниот голман се бори за живот (ФОТО)

Следно

Трета жртва во сообраќајката на автопатот Штип-Миладиновци, почина и 37-годишна жена

Latest from Blog