Сиљановска: Ќе ја почитувам одлуката на Собранието ако го промени Уставот

3 mins read

Вие сте против уставни измени кои се услов за влез во Европската Унија. Тогаш што мислите, како државата ќе ги продолжи преговорите?

Ако однапред ветите дека ќе поддржите уставни измени го суспендирате Собранието како законодавно и уставотворно тело. Уставот вели дека пратениците одлучуваат и гласаат по сопствено уверување. Дали сега повторно ќе правиме, Преспа 2? Значи јас не можам, ниту пак некој друг претседател да ветиме дека ќе има уставни измени.

Но, што доколку се случат овие уставни измени ако вие имате мандат како Претседател на државата?

Не е возможно тоа, не е уставно. Не знам дали сте го читале деловникот, но постапката за уставни измени е долга, таа започнува со иницијатива, па има јавна расправа па предлог. Второ не заборавајте дека ќе се распушти овој состав на парламентот и невозможно е распуштен парламент без легитимитет да носи да носи уставни измени.

Ве прашувам, што ако новиот состав на Собранието ги изгласа уставните измени, а вие сте Претседател на Република Северна Македонија?

Се разбира дека ќе го почитувам тоа бидејќи уставотворен орган е Собранието. Немам проблем.

Во однос на Преспанскиот договор, во вашата програма пишува дека се уште ова прашање го сметате дека е отворено. Зошто е отворено и ако е така како ќе го затворите ова прашање?

Моите колеги експерти кажаа дека Преспанскиот договор не е „win – win“ солуција, туку „win – lose“ по концептот на Тукидид дека силните го прават тоа што можат, а слабите она што мораат. Особено ако сфатиме дека и во внатрешните работи значеше вмешување, бидејќи името, грбот, знамето, уставот, политичкиот систем според повелбата на ООН според пактот за граѓански и политички права се дел од правото на самоопределување. Значи сакам да укажам на спорноста низ призма на меѓународното задолжително право. Ама јас сум загрижена и во поглед на едностраната реализација. Ако ги анализираме изјавите на грчките политичари па дури и на новинари ќе видите дека спомнуваат целосно попуштање од страна на соседот. Кога ќе речам јас дека е отворено објаснете ми како може да речеме само ние да немаме малцинство во Грција, а постои Виножито. Исто се однесува и за Бугарија. Сте биле во Грција? Јас не гледам ништо да е спроведено од Преспанскиот договор.

Како ќе се затвори ова прашање?

Треба да има двостраност, треба да има слободна и добра волја, во добар дух. Сте слушнале ли меморандумите да поминат? Не. Вака е изјавата последна, прво да спроведе Македонија се, па по тоа ние меморандумите. Ајде да се повикаме на самиот Преспански договор. Како вели за административниот и период? Многу убаво пишува таму, дека документите во соседната земја а тоа сме ние ќе се менуваат по отворањето на првото поглавје. Кое поглавје ние го отворивме?

Во Северна Македонија веќе се променуваат документите, може ли да се врати времето назад?

Со добра волја мора некој да исчекори и Грција веќе нешто да направи. Инаку јас не велам назад. Не заборавајте. Јас имам лично право на самоопределување и јас барав од соседот и од соседите, кога знаеше дека сме го сториле она што никој не го направил да стори нешто за да не убеди. Да имаше добра волја и да влезевме во ЕУ. Отворете ги сите изјави дадени назад, весниците, дискусиите велеа дека откако ќе се склучи Преспанскиот договор ние еве готово… Дали се случи тоа? Вака само со преседани, ќе се создаваат нови и повторно ќе чекаме нешто друго.

Велите и дека придавката „северна“ нема да ја користите во вашите јавни настапи. Како ќе настапувате пред меѓународните организации?

Видете јас нема да ги тргам таблите со името, бидејќи тука некој потпишал тоа е факт. Нема да ги корнам горе од „Вила Водно“ иако не знам колку ми се допаѓа таму да одам. Меѓутоа јас зборувам за себе. Тоа сум го правела и во Венецијанската комисија и во советот на Европа никогаш не сум употребувала ФИРОМ. Тоа е бесмислено. Не сум јас волшебничка па да дојдам од бивша држава. Не сум јас питија. Има ли по сегашна држава од Македонија. Ама тоа „бивша“ зборува за кумот не го измисливме ние туку тие што ни го наметнаа тоа име. Значи мене ми е бесмислено и ми е нелогично оти Република Северна Македонија има логика ако има Република Јужна Македонија.

Дали ќе им држите лекции за европско право или ќе ја прифатите реалноста?

Не е тоа лекција, тоа е политика, политиката мора да биде во границите на правото инаку не е политика, од античкото општество до денес. Значи, јас сакам да живеам и староста да ја поминам во една пристојна, досадна држава во која ќе има исти принципи како во Брисел или каде било на кое било друго место.

Целото интервју со кандидатката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова, погледнете го во видеото погоре.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи

Следно

Турски брод со 3,774 тони хуманитарна помош за Газа пристигна во пристаниште во Египет

Latest from Blog