Сезона на грип во Европа: Белгија прогласи епидемија, Романија во епидемиолошка тревога

1 min read

Белгиските здравствени институции забележаа дека стапката на заболени е го надминала максималниот број регистриран во претходните три зими. Романскиот министер за здравство, пак, рече дека државата е во состојба на тревога, но не сака да размислува за карантин туку им препорача на граѓаните да носат маски во затворени простории

Ран почеток на зимската сезона на грип бележат повеќе земји во Европа. Белгија веќе прогласи епидемија откако грипот ги погоди сите возрасни групи, но најмногу децата и младите.

Одлуката да се прогласи епидемија денеска ја донесе белгискиот Институт за јавно здравје, а високиот совет за здравство препорача вакцинација, главно за ризичните лица: лицата со над 65 години, бремените жени, хронично болните и оние кои престојуваат во институции и медицински персонал.

Според статистиката на белгискиот Институтот, стапката на заболени од грип веќе ги надминала максимумите постигнати во претходните три зими, а сегашната епидемија на грип е придружена со циркулација на многу други респираторни заболувања, предизвикани од вирусот ковид-19 или бронхитис.

Романија, пак, иако не планира да прогласи епидемија, министерот за здравство, Александру Рафила, денеска изјави дека државата е во состојба на епидемиолошка тревога.

„Не сакам на кој било начин да се вратам на дискусиите поврзани со карантин и изолација. Претпочитам препораки отколку ограничувања“,

истакна Рафила и им препорача на Романците да носат маски во затворени простори.

Во меѓувреме, Националниот центар за надзор и контрола на заразни болести при романскиот Институт за јавно здравје соопшти за први смртни случаи од грип во земјата. Починала 25-годишна жена со потврден вирус на грип од типот А и уште една 50-годишна жена, двете од Букурешт.

Прв смртен случај сезонава вчера регистрираше и Хрватска. Во болницата во Славонски Брод почина средовечен маж кој покрај грип имал и други хронични заболувања.

Хрватскиот инфектолог Горан Тешовиќ во изјава за тамошните медиуми вели дека генерално лицата со грип, претежно деца, немаат тешки клинички слики.

„Она што сега го гледаме се вообичаените клинички слики, претежно кај децата. Главно кај децата од предучилишна и училишна возраст, кои имаат некомплицирана форма на грип. Затоа, не гледаме некои особено тешки клинички форми на грип. Првенствено, сè зависи од вирусот. Во овој момент барем кај нашите пациенти доминира грип од типот А, и тоа оној кој предизвикува полесна форма на болеста“,

вели доктор Тешовиќ.

За сезоната на грип низ Европа денеска пишуваше и „Ројтерс“ наведувајќи дека научниците сметаат оти ограничувањата на движењето за време на ковид-пандемијата може да се „виновни“ за раниот пораст на респираторни инфекции.

Photo: EPA-EFE/JUANJO MARTIN

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

ИМА СМРТНИ СЛУЧАИ: Романија поради грипот е во состојба на епидемиолошка тревога

Следно

Презентацијата на Роналдо во Ал Наср ја следеа три милијарди луѓе, една третина повеќе од финалето на СП

Latest from Blog