С Македонија и Бугарија ќе направат сѐ за да не се наруши односот меѓу двете земји, порача Спасовски

2 mins read

Државата ќе има жесток одговор кон секој што мисли дека ќе направи состојба во која мнозинството биде загрозено со тоа што ќе се предизвикува нарушување на јавниот ред и безбедноста, рече Спасовски

Министерот порача дека нема да дозволи никаква ескалација на состојбата. „Нема да дозволиме како држава никаков инцидент и ниту јас ниту МВР нема да дозволиме никакво понижување на македонскиот народ и македонската држава, од кој и да доаѓа“, нагласи тој

МВР ги презема сите потребни активности за обезбедување мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни активности кои се однесуваат во насока на обезбедување мир, стабилност во државата, но и за конкретниот настан. Таму каде што ќе се процени и тогаш кога ќе се процени дека треба да има поголемо присуство на полицијата, тоа ќе го има и за тоа апсолутно упатувам порака за смиреност до сите граѓани. Тука се институциите на системот кои функционираат и кои мора да ги обезбедат сите очекувања што ги имаат. Мора да упатиме јасна порака до сите политичари и политички субјекти да бидеме одговорни во овој процес бидејќи неодговорноста не им прави добро на граѓаните и државата. Напротив, мислам дека неодговорноста нема да донесе ништо добро ниту за политичарите. Ова е состојба во која треба да бидеме сите одговорни бидејќи мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас“,

рече Спасовски.

Тој упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на кој било повик и да не преземаат надлежност што е во ингеренции на институциите.

„Немојте како граѓани да подлегнувате на повик на кои било политички субјекти и да преземате надлежност на институциите. Минатото покажа дека оние што ги мотивираат луѓето наводно да ја чуваат демократијата, државата, националноста тие остануваат нечепнати. Оние што посегнуваат по државата и институциите сега се наоѓаат во затвори. Така што секој да остави чествувањето да биде достоинствено, а државните институции се тука да се грижат за сè што треба, за редот во државата. Никому нема да му биде дозволено да биде над државата“,

порача Спасовски.

Тој додаде дека државата ќе има жесток одговор кон секој што мисли дека ќе направи состојба во која мнозинството ќе биде загрозено со тоа што ќе се предизвикува нарушување на јавниот ред и на безбедноста.

„И ова не го говорам само за луѓе што се наши граѓани. И секој еден што е однадвор, ние сме гостопримливи, но затоа бараме достојна почит кон оваа држава и народ“,

потенцира Спасовски.

Во однос на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и дали ќе биде пуштен во државава на 4 февруари, Спасовски рече дека на основа на сите анализи ќе ја донесат одлуката. Тој нагласи дека во МВР секојдневно се прават анализи и таму работи штаб во кој се вклучени сите агенции.

„Тука се и Агенцијата за безбедност, за разузнавање, военото разузнавање и споделуваме податоци, информации од секаков вид во однос на она што се очекува за 4 февруари. Одлуките за 4 февруари ќе ги носиме кога ќе дојде време за тоа. Секоја одлука ќе биде во свое време. Врз основа на сите анализи ќе ја донесеме одлуката тогаш кога ќе биде потребно“,

додаде Спасовски.

Министерот уште еднаш го потврди заклучокот што произлегол од вчерашната средба со неговиот бугарски колега Иван Демерџиев, дека двете министерства ќе направат сè за да не им се остави простор на радикалите кои сакаат да ги нарушуваат односите меѓу двете држави и тоа е најважната работа.

„Мора да се деескалира состојбата која неодговорни политичари, групи и поединци сакаат да ја доведат до една огромна ескалација. Јасно рековме дека нема да дозволиме никаква ескалација на состојбата, нема да дозволиме како држава никаков инцидент и ниту јас ниту МВР нема да дозволиме никакво понижување на македонскиот народ и на македонската држава од кој и да доаѓа“,

нагласи Спасовски.

Коментирајќи ја средбата со неговиот бугарски колега, Спасовски рече дека се добиени гаранции дека нема официјална политика што може да се базира на негирање на народ или држава и на непочитување.

„Тоа е основа за секакво идно партнерство кое треба да го имаме, а изразивме со колегата Демерџиев дека добрите односи меѓу двете држави и граѓаните се важни не само за нас туку и за целиот регион“,

додаде тој.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Западот влегува премногу длабоко во Украина

Следно

Шентоп: „Туркије не гледа на Африка како западњаците“

Latest from Blog