Путин ненадејно го посети Крим еден ден откако беше издаден налогот за негово апсење

1 min read

Руската режимска новинска агенција РИА објави дека Путин посетил уметничко училиште и детски центар во Севастопол

Рускиот претседател Владимир Путин го посети Крим за да ја одбележи деветгодишнината од анексијата, објавија руските државни медиуми. Регионот беше анектиран од Кремљ во 2014 година, потег што најголемиот дел од светот го осуди како нелегален.

Руската режимска новинска агенција РИА објави дека Путин посетил уметничко училиште и детски центар во Севастопол. Очигледно тие локации се избрани како своевиден одговор на налогот за апсење на Путин, кој вчера беше издаден од Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Во потерницата, Путин е обвинет дека е одговорен за учество во киднапирање на украински деца и нивно одведување во Русија.

Путин отпатувал со авион од Москва до Севастопол, најголемиот град на Крим. Потоа, според прорускиот гувернер на Крим Михаил Развожајев, тој бил префрлен со автомобил на неколку локации во градот. Освен уметничко училиште и детски центар, Путин посетил и археолошки локалитет во близина на остатоците од античкиот грчки град Херсонсос, објавија руските државни медиуми. Развожајев рече дека се работи за ненадејна посета.

Потерницата за Путин, издадена од Меѓународниот кривичен суд, е прва ваква потерница која се однесува на лидер на една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Судот со седиште во Хаг, Холандија, издаде ваква наредба и за Марија Лвова-Белова, комесарка за човекови права во Канцеларијата на рускиот претседател.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Ердоган: Обезбедивме да се продолжи Договорот за житниот коридор што истекува на 19 март

Следно

Се уште трае средбата во Охрид, на иста маса се Борел, Лајчак, Вучиќ и Курти

Latest from Blog