Претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола дециден: Нема да го смениме името, правата ќе си ги бараме на суд

4 mins read

Ако нè избришат од Централниот регистар, правата ќе си ги барам на суд. А ако судот во РСМ не ни ги даде правата, ќе ги барам во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, вели Љупчо Георгиевски во интервју за „БГ он ер“

Бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола нема да го смени името, тврди претседателот на центарот Љупчо Георгиевски во интервју за „Бг он ер“. Зборувајќи за измените на Законот за здруженија и фондации што ги изгласа Собранието на почетокот на ноември минатата година, Георгиевски вели дека, доколку Централниот регистар го избрише клубот, тој правата ќе си ги бара на суд.

„Ако нè избришат од Централниот регистар, правата ќе си ги барам на суд. А ако судот во РСМ не ни ги даде правата, ќе ги барам во Европскиот суд за човекови права во Стразбур“,

вели Георгиевски.

Тој потсетува на случајот со здружението „Радко“ (Радко е псевдоним на Иван Михајлов) кое во Македонија беше забрането во 2001 година, а Европскиот суд за човекови права во Стразбур одлучи дека името на здружението не е закана за јавниот ред.

Во врска со средбата на министерот за надворешни работи Бујар Османи со претставници на македонските Бугари, Георгиевски рече дека оваа прва средба е само еден чекор напред.

„На средбата му кажавме дека ние не сме надворешен проблем на РСМ, ние воопшто не сме проблем, туку сме решението за Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Властите досега не разговараа со нас. Ние сме спремни да разговараме со сите кои сакаат средба со нас и очекуваме да не внесат во Уставот. РСМ треба да го почитува францускиот предлог на кој што се согласи, исто како и Договорот со Бугарија“,

изјави Георгиевски.

Тој додава дека откако во декември бил повикан на распит во обвинителството, сега има уште една кривична постапка, иницирана од Комисијата за заштита од дискриминација за тоа што не е сменета таблата Културен клуб „Иван Михајлов“.

„По враќањето од Брисел и средбата со еврокомесарот Оливер Вархеји, има нова постапка против мене, овој пат за ширење говор на омраза против луѓе што имале македонско национално чувство. Значи, тие не запираат, туку продолжуваат со обвиненијата против нас. Од една страна министерот Османи нè кани на средба за да се намали тензијата и да ги решаваме проблемите, а од друга страна се продолжува со обвиненијата кои утре може да се реализираат со глоба од 15 000 евра, а говорот на омраза може да доведе и до затвор. Ние, македонските Бугари, не знаеме како ќе се намали тензијата која ние ја чувствуваме на наша кожа, зашто живееме тука и се плашиме за нашата безбедност“,

вели Георгиевски.

Тој уште додава дека има здружение „Дело“ во кое има и адвокати кои поднеле 20 жалби за говор на омраза против Бугарите во РСМ, но на тие 20 жалби немало ниту еден одговор.

Собранието на почетокот на ноември минатата година ги усвои измените на Законот за здруженија и фондации според кои се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл.

Без ниту еден глас против, пратениците ги изгласаа измените на законите за здруженија и за политички партии

Законот за здруженија и фондации предвидува дека одобрение за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.

Законските измени имаат и ретроактивно значење, односно предвидуваат дека сите досега формирани организации, здруженија, фондации, сојузи итн. имаат рок од три месеци да го усогласат своето име или назив согласно законските прописи.

Рокот во кој бугарските клубови, согласно Законот за здруженија и фондации, требаше да поднесат барање до Централен регистар за промена на имињата, истече на 16 февруари.

„Организациите регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16), кои нема да ги усогласат името и/или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите, се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда по претходно добиено негативно мислење од Комисијата. Одлуката за неусогласеност од страна на Министерството за правда се донесува во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации“,

соопштија од Централниот регистар.

До Централен регистар на ден 10.02.2023 година е доставен Допис со наслов – Предмет: Барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „ЦАР БОРИС III“ Охрид со Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 239/2022), додаваат оттаму.

Од Културниот центар „Ванчо Михајлов“ од Битола, пак, не доставија барање за измени.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела изјави дека бугарските клубови кои нема да ги сменат своите имиња согласно Законот за здруженија и фондации, нема да продолжат со својата работа.

„Сите имаа време да ги усогласат имињата согласно новиот Закон. Тие кои го направиле тоа, ќе продолжат да работат, другите нема. Еден клуб, како што разбрав, поднел барање до Централен регистар за промена на името. Штом тоа ќе го направат, ќе продолжат со работа, бидејќи културните клубови треба да бидат места кои ги зближуваат граѓаните, а не да бидат места коишто со своите имиња или на друг начин будат негативни чувства и ги разединуваат граѓаните и народите во соседството. Законот ќе биде спроведен во целост како и сите други закони“,

рече Ковачевски.

Ковачевски: Клубовите кои нема да ги сменат имињата, нема да продолжат со својата работа

Заменик-директорката на Европскиот совет за надворешна политика и поранешна советничка за надворешна политика на бугарскиот експремиер Кирил Петков, Весела Чернева во интервју за БТВ минатата недела посочи дека грешките на Бугарија се во имињата на културните клубови во Охрид и во Битола. 

„Тие се така направени за да ја провоцираат другата страна. Кога отворате еден клуб за тој да биде мост за некакво затоплување на односите, не го правите тоа така што ќе ја вознемирувате другата страна.

рече таа.

На прашањето, на кој начин цар Борис Трети ги провоцира Македонците, Чернева посочи дека за Северна Македонија тоа е периодот на Втората светска војна.

„Во тој период таму имало окупациски војски, тоа биле бугарски војски. Во историски поглед, секој си има свои чувства. И тука треба да игра улога дипломатијата, да гради мостови, да отвора можности и да се обидува да решава проблеми, а не тие да стигнат до физичко насилство. Во Скопје има државен бугарски клуб кој е целосно финансиран од Бугарија и кој се нарекува едноставно Бугарски културен центар. Тој функционира многу години и тоа добро, никогаш кон него немало напади. Тоа ќе беше случај и со овие бугарски клубови ако нивното основање и отворање беше усогласено со другата страна. Бугарските клубови, како и сите останати клубови, ако сакаме тие да учествуваат во јавниот живот, треба да одговараат на законодавството на таа земја како што ние сакаме тука странските субјекти да одговараат на нашето законодавство,

рече заменик-директорката на Европскиот совет за надворешна политика.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Едвај четвртина од ветените тенкови ќе стигнат во Украина пролетва

Следно

На 1 март учениците од четири турски области погодени од земјотресите се враќаат во училиштата

Latest from Blog