ПОСЛЕ 30 ГОДИНИ, ЌЕ СЕ СНИМА ПРОДОЛЖЕНИЕ НА АВСТРАЛИСКИОТ ФИЛМ „АВАНТУРИТЕ НА ПРИСИЛА, ПУСТИНСКАТА КРАЛИЦА“

1 min read

Ќе се снима продолжение на филмот од 1994 „Авантурите на Присила, пустинската кралица“, потврди режисерот Стефан Елиот, а пак ќе глумат ѕвездите од филмот Теренс Стaмп, Гај Пирс и Хуго Вивинг. Елиот потврди за „Гардијан Австралија“ дека ќе биде режисер, сценарист и продуцент на продолжението и дека сценариото е завршено, а го пишувал пет години. Тој додаде дека сѐуште се преговара со продуцентските куќи и спонзорите.

Во првиот филм, Вивинг, Пирс и Стaмп глумеа трансродови лица кои возат автобус, именуван Присила, од Сиднеј до Алис Спрингс. Сите тројца ќе се вратат во ликовите на Тик/Мици Дел Бра (Вивинг), Адам/Фелисија Џолигудфелоу (Пирс) и Бернадет Басенџер (Стамп), потврди Елиот.

Елиот вели дека не сакал да снима продолжение, но почнал да сфаќа дека „има нешто што треба да се каже“.

„Луѓето веќе 30 години ме убедуваат да го снимам. И одеднаш сфатив дека сите старееме. Губиме луѓе“, рече Елиот.

Вели дека иако Стамп сега има 85 години, „Теренс е најдобриот човек што некогаш сум го сретнал во мојот живот. Никогаш не пиел и главно јаде трева. Му требаше долго време да размисли за тоа додека не се одлучи,  но на крајот ми рече: ‘Знаеш што? Во право си, уште не сме завршиле. Приказната не е раскажана’“.

Приказната делумно ќе биде сместена во Австралија, но Елиот рече дека ќе  се снима и во странство.

„Треба да запомните дека Тик имаше дете – сега тоа дете порасна и сега има свое семејство“, додаде режисерот.

По премиерата на Канскиот фестивал 1994, „Присила“ доби Оскар за најдобра костимографија и две номинации за Златен глобус за најдобар мјузикл или комедија и за главна улога на Стамп. Од филмот се создаде и мјузикл чија премиера беше во Сиднеј во 2006  и на Бродвеј во 2011.

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Тилев за МИА: Преговарачката рамка е исклучително тешко да се промени

Следно

АДВОКАТ СОВЕТУВА: На ова прашање не одговарајте кога ќе ве запре полиција

Latest from Blog