ПОИСТОВЕТУВАЊЕТО СО НЕМОЌНИТЕ МУ ДАВА СИЛА НА АЦО ШОПОВ ДА НЕ МОЛЧИ ПРЕД НЕПРАВДИТЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ВО УНЕСКО ВО ПАРИЗ НА СТОГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА ПОЕТОТ

2 mins read

Дали нашето време е мртво за поезија? Чуму ни се поетите и уметноста?, праша денеска претседателот Стево Пендаровски во седиштето на УНЕСКО во Париз, каде се одржува целодневна програма во чест на стогодишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО. Одбележувањето на јубилејот е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а Пендаровски е покровител на Националната програма „2023-Година во чест на Ацо Шопов“. Попладнево ќе се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо, не е и време што ја убива поезијата?’ Дали нашето време е мртво за поезија, или пак таа е мртва за него?’ Со овие зборови Ацо Шопов ги отвори првите Струшки вечери на поезијата во далечната 1962 година. Далечна, а, сепак блиска затоа што додека зборуваме, алгоритмите на вештачката интелигенција веќе генерираат текстови што ги имитираат големите книжевници. Шумот на социјалните мрежи и медиуми ја нарушува тишината неопходна за уметничко промислување и согледување на светот. И како и во времето на Шопов, некои сметаат дека научниот и технолошкиот напредок и современите предизвици ја истиснуваат човековата потреба да создава поезија. Значењето на слободата, правдата и демократијата како клучни човекови достигнувања стануваат жртви на војната, вклучително и онаа во Украина. И денес, распнат меѓу многубројни стравови, кризи и војни, светот ‘морничаво настојува да се најде себеси’“, рече Пендаровски и додаде:

„Затоа, и ние, како и Шопов, сме соочени со дилемата: Дали нашето време е мртво за поезија? Чуму ни се поетите и уметноста? Одговорот би можеле да го бараме во животот и творештвото на Ацо Шопов. Иако најважните пораки во неговата поезија не се експлицитно кажани, туку се имплицитно сугерирани, сепак можеме да препознаеме неколку клучни параметри“.

Првата поетска вертикала на Шопов е слободата. За време на Втората светска војна, рече Пендаровски, како партизан учествуваше во создавањето на современата македонска држава, а потоа, како поет се вгради во темелите на современата македонска книжевност. Неговото име е врзано со почетоците на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонската академија на науките и уметностите.

Претседателот рече и дека втората поетска вертикала на Шопов е еднаквоста, а третата е човечноста.

„Но, за овие три вертикали на слободата, еднаквоста и човечноста да не бидат сведени на убави желби, потребно е уште нешто. А тоа е сочувствување со страдањата на светот. И повторно Шопов ни го покажува патот затоа што тој секогаш настојувал светот и настаните околу него да ги доживува како лична судбина и да се идентификува со нив. Но, освен што со длабока емпатија ги доживува оние кои се маргинализирани, Шопов се чувствува одговорен кон нив и да ги застапува. Токму поистоветувањето со немоќните му дава сила да не молчи пред општествените и системските неправди и преку силата на зборовите да ја менува реалноста“, рече Пендаровски.

Во Париз имаше и проекција на анимираниот филм „Грозомор“, според истоимената песна на Ацо Шопов инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година. Отворена е и изложбата „Патот по кој чекорам“ за творечкиот пат на Шопов.

Како дел од денешната програма, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, беше објавен лауреатот на Златниот венец на годинашното, 62. издание на Струшките вечери на поезијата, академик Влада Урошевиќ, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО, ирскиот поет Гевин Бредли.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Шкупи по втор пат го отпушти Седлоски

Следно

Троица скопјани вчера каснати од улични кучиња

Latest from Blog