По само еден месец, стадионот „Петар Милошевски“ во Битола повторно ќе биде домаќин на значаен фудбалски натпревар. Репрезентацијата на Македонија до 21 година утре, на 10 октомври 2025 година, ќе ја пречека селекцијата на Ерменија (У21) во рамките на третото коло од квалификациите за Европското првенство 2027. Натпреварот ќе започне во 17 часот.
Ова е уште еден голем момент за битолскиот стадион, кој неодамна ја помина инспекцијата на Европската фудбалска унија (УЕФА) и доби лиценца од втора категорија, со што стекна право да биде домаќин на меѓународни фудбалски натпревари.
Билетите за натпреварот може да се набават електронски преку официјалната страница на Фудбалската федерација на Македонија: https://eticket.ffm.mk/cart/
Општина Битола ги повикува сите љубители на спортот да го поддржат македонскиот младински национален тим и заедно да испишат нова страница во фудбалската историја на градот.