Најмалку двајца загинати и над 80 заложници во немирите во Колумбија

1 min read

Еден цивил и еден полицаец загинаа за време на насилните протести во колумбиската провинција Какета, а 79 полицајци и девет работници на нафтените полиња беа земени како заложници од локалното население, изјави денеска колумбискиот омбудсман за човекови права Карлос Камарго.
Инцидентот се случил во рурален дел на општината Сан Висенте дел Кагуан, каде демонстрантите нападнале нафтено поле во сопственост на кинеската компанија „Емералд енерџи“, по што го запалиле.

Народниот правобранител порача дека е „жалосно што за време на протестот загинаа полицаец и цивил“, и додаде дека неговата канцеларија „нуди да биде посредник во преговорите“.

Локалните жители го блокираа пристапот до нафтеното поле, барајќи од „Емералд енерџи“ да помогне во поправка на патиштата во таа област.

Протестите во близина на нафтените и рударските компании се редовна појава во Колумбија, бидејќи локалните заедници бараат компаниите да изградат инфраструктура, вклучувајќи училишта и патишта.

Колумбискиот претседател Густаво Петро на својот профил на Твитер напиша дека наредил заедничка комисија на колумбиските министерства за одбрана и внатрешни работи, како и вооружените сили, да бидат испратени во регионот за „да се запре насилството“.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Против Трамп може да се поднесуваат граѓански тужби поради немирите во Капитол

Следно

Јаневска: Четири години немаме никакво образование, власта со лошите реформи уништи многу генерации млади луѓе

Latest from Blog