Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој престојува во официјална посета на Вооружените сили (ВС) на Република Албанија, во Тирана оствари средби на највисоко воено и државно ниво на кои се разговараше за понатамошно унапредување на меѓуармиската соработка.
Во рамки на посетата, генералот Лафчиски оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која беше разговарано за безбедносната состојба во регионот, сојузничката соработка и заедничките предизвици во современото безбедносно опкружување. Притоа беше истакната и континуирано добрата билатерална соработка помеѓу Армијата и Вооружените сили на Република Албанија, особено во областа на заедничката обука, вежбите и учеството во регионални и НАТО активности, што претставува значаен придонес за регионалната и колективната безбедност.
По приемот со високи воени почести во Генералштабот на Вооружените сили и Министерството за одбрана на Република Албанија, генералот Лафчиски имаше одвоени средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Албанија, генерал-потполковник Арбен Кинџи и со министерот за одбрана, Ермал Нуфи.
На средбата помеѓу началниците на Генералштабовите беа опфатени повеќе прашања меѓу кои унапредување на воената соработка преку реализација на заеднички активности, обуки и вежби, учество во меѓународни операции, актуелните безбедносни предизвици, како и можностите за користење на капацитетите со кои располагаат двете армии и меѓусебната соработка при справување со кризи.
Меѓусебната воена соработка и нејзиното унапредување, како значаен фактор за регионалната и колективната безбедност, беа тема на разговор и на средбата на генералот Лафчиски со министерот за одбрана, Ермал Нуфи.
За време на разговорите беше истакната важноста на соработката помеѓу двете армии во зацврстување на стабилноста и безбедноста во регионот, како и придонесот во рамки на НАТО. Притоа беше потврдена заедничката заложба за континуирано унапредување на билатералната воена соработка.
Армиската делегација го посети и Полкот за специјални операции на Вооружените сили на Република Албанија, каде беше запознаена со мисијата, задачите и способностите на единицата, а беше реализирана и демонстрација на дел од нивните оперативни капацитети.
„Армијата има развиено добра билатерална соработка со ВС на Република Албанија која е најизразена на полето на военото образование, обуката и вежбите, како на билатерален план, така и во рамките на Јадранската повелба, Форумот на началници на Генералштабови на армиите од балканските земји и SEDM процесот. Посетата на ВС на Република Албанија претставува одлична можност за унапредување на соработката помеѓу двете армии“, соопштија од Генералштабот.
Извор: zurnal.mk

