МНР побара Софија да се огради од недоличните изјави на Џамбаски и на Костадинов

1 min read

Министерството за надворешни работи го прекина молкот по провокациите кои ги направија бугарските пратеници на вчерашното чествување на македонската револуционерка Мара Бунева на Кејот во Скопје.

Јавноста побара од МНР да реагира на националистичката реторика на европратеникот Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарското собрание и лидер на Преродба, Костадин Костадинов кои среде главниот град на Македонија извикува „Да живее бугарска Македонија“ и го нарекоа Скопје „втора бугарска престолнина“.

„Министерството за надворешни работи со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Р. Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави.

Министерството, по дипломатски пат соодветно реагира до официјална Софија, во кое побара оградување од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Северна Македонија, и воедно серизно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји“, се вели во реакцијата на министерот Бујар Османи до властите во Софија.

Европратеникот Ангел Џамбаски, познат по провокациите кон македонскиот народ и оспорувањето на историските факти не пропушти шанса во Скопје да го искористи чествувањето по повод 95 години од смртта на македонската револуционерка Мара Бунева за да упати националистички пораки.

– Се собираме на Кејот на Вардар за да и оддадеме почит на големата Бугарка Мара Бунева и да укажеме поддршка на браќата Бугари во Македонија. Тука присуствуваат Бугари од различни делови, организации, но заедно сме да кажеме многу јасно на владејачките србомански политички елити да ги остават македонските Бугари. Да не ја продолжуваат политиката на геноцид кон Бугарите наложена од Коминтерната. Браќа Бугари во Македонија, ние Бугарите од Бугарија сме вашиот грб и потпора, нема да ве оставиме и нема да дозволиме никој да биде спречен како да се чувствува.

Нема да допуштиме наметнување на туѓ културно-историски и политички модел на Бугарите во Македнија. Вечна слава на Мара Бунева и вечна слава на сите бугарски херои. Да живее обединетата и неделива бугарска нација од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море. Да живее бугарска Македонија – рече Џамбаски и ги повика околу 500 присутни клекнувајќи да и оддадат почит на Бунева.

По овие пораки, Џамбаски сподели видео со коментар “Еден народ! Две држави!“ во кое Бугари среде Скопје извикуваат “Мизија, Тракија, Македонија!“ алудирајќи на картата на Голема Бугарија и обединувањето на трите географски области за кои Бугарите сметаат дека се нивни.
Лидерот на Преродба, Костадин Костадинов пак, по неодамнешните изјави дека ние Македонците сме Бугари кои живеат во друга земја, овојпат рече дека Скопје е втора бугарска престолнина.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Опаѓа капацитетот на белите дробови кај децата од Скопје, некои од нив цел живот ќе се борат со астма

Следно

(ФОТО+ВИДЕО) Авионот со двa пропелери што се урна во Непал бил стар 15 години: Спасувачите губат надеж дека има преживеани 

Latest from Blog