Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави големи промени во партијата ВМРО-ДПМНЕ, но и во Владата.
Како што вели, примерот за промени мора да го дадат токму они.
„Најавувам дека веднаш по редовиот конгрес на крајот на годинава, најдоцна на почеток на наредната ќе има големи промени во партијата и во Владата. Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Го кажувам уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единственото најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам се тоа да остане најчистиот дел од нашата работа“, вели Мицкоски.
Според него, тоа сите заедно му го должат на народот.
„Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари“, рече Мицкоски, во обраќање на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Ќе ја санкционира, како што рече, секоја забеганост и ќе ги разреши сите оние кои “ќе не посрамотат како структура и како луѓе“, примерот за промени мора да го дадеме ние, и од секој од нас зависи како и со каков интензитет ќе се случуваат промените.
ИЗВОР: ТВ 21