Македонија ќе загуби пристап до Креативна Европа, ако до 31 мај не се усогласи со Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги

3 mins read

Доколку до 31 мај не се постигне усогласување на националното законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската Унија, Македонија ќе изгуби пристап до програмата Креативна Европа.

Ова беше порачано денеска на презентацијата на проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”. На денешниот настан во организација на Делегацијата на ЕУ во Скопје, учествуваа сите релевантни чинители во процесот на усогласување на медиумската регулатива со таа на ЕУ. А заклучокот беше дека до мај крајот на април или почетокот на мај ќе се излезе со конечниот нацрт-закон, на што ќе претходат јавни расправи за изнаоѓање најдобри решенија за медиумското работење, согласно европските стандарди. Носители на проектот се Министерството за информатичко општество и јавна администрација и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Министерот Адмирим Алити очекува до крајот на април да се дојде со ново законско решение за Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– За Законот за аудио и адуиовизулени медиумски услуги кој е во Министерство, а кој треба да се усогласи со Директивата на ЕУ за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година е формирана група на експерти со поддршка од канцеларијата на Европската Комисија во Скопје. Имаме експерти од надвор, локални експерти, како и од нашето Министерство. Заедно работат и како таргет рок ни е до крај на април да дојдеме со ново законско решение, изјави Алити.

Тој потенцира дека на македонското општество му е потребен моќен јавен радиодифузен сервис, кој ќе ја извршува својата основна улога да информира и едуцира и кој ќе биде ослободен од влијанијата на политичките центри на моќ. Потребен е и независен регулатор кој проактивно ќе ја следи состојбата во медиумите.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир нагласи дека медиумите имаат важна улога да и дадат на јавноста точни, фактички информации за важните прашања, како и за процесот на приклучување кон ЕУ.

– Ова е многу важно особено во контекст на масовните извори на лажни вести. Властите мора заедно со медиумите и граѓанскиот сектор, да промовираат медиумска писменост, способност на граѓаните да ги сфаќаат информациите, со што се гради отпорност кон лажните вести и дезинформациите, рече евроамбасадорот.

Тој упати апел до сите политичари и креатори на политиките да ја почитуваат улогата на медиумите за да се сигурни дека можат да функционираат без никакви притисоци.

– Доколку до 31 мај целта за усогласување на националното законодавство со директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ не се постигне, тогаш Македонија ќе изгуби пристап до програмата и ќе ја изгуби можноста за користење на Креативна Европа, нагласи Гир.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека слободата на изразување е една од најголемите вредности на модерното, демократско општество и клучен елемент на евроинтеграцијата на државата. Таа додаде дека слободата на изразувањето е еден од приоритети и во културниот и креативниот сектор, како на индивудално, така и на општествено ниво.

И таа напомена дека усогласувањето е директно поврзано со обезбедување на непречен пристап до фондовите од програмата Креативна Европа.

-Министерството за култура и Агенцијата за филм како како партнери на ЕУ преку спроведување на програмата Креативна Европа активно ги следат нејзините политики во овие сектори, преку која се повеќе се напушта секторскиот концепт за работа и делување и се тежнее кон воведување на актуелни политики преку дизајнирање на нов интерсекторски модел во  креативниот аудио-визуелен простор. За нашата држава од огромно значење е да го одржиме овој тренд и да продолжиме да ја спроведуваме компактноста на Креативна Европа со двете нејзини потпрограми. Не само култура, туку и медиа и новиот интерсекториски дел, додаде министерката.

Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, пак, напомена дека брзиот развој на технологијата драстично го смени начинот на кој граѓаните ги примаат информациите и останатите содржини. Со оглед на тоа дека постои голема разлика меѓу традиционалните и новите медиуми во однос на преносот и дистрибуцијата , потребни се нови правила на регулација.

-Преносот и дистрибуцијата на основните содржини на видео платформите и социјалните мрежи не се ограничени и со тоа нема уредничка контрола, а користат и различни стратегии за да остварат што поголем профит. Традиционалните медиуми се обидуваат да достигнат до поголема публика, додека социјалните медиуми ги користат перосналните податоци на корисниците за да им испорачаат содржина и да го максимизираат објавувањето на содржини во мрежата, додаде тој.

Трајчевски нагласи дека имајќи го предвид сето ова за нив не може да се применува истата регулативна рамка.

-ЕУ навреме ги препозна овие трендови и ја донесе директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, актот за дигитални пазари, европскиот акт за слобода на медиумите, а крајната цел е да се обезбеди побезбедно дигитално опкружување и заштита на правата на сите корисници, истакна Трајчевски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

Претходно

Кабинетот на Пендаровски се огласи по заканите на Џамбаски, МНР ќе се обрати до Европскиот парламент

Следно

Кабинетот на Пендаровски за Џамбаски: Ставовите на претседателот беа дадени по седница на СБ, надлежностите се кај Владата

Latest from Blog