Лидерите на ЕУ и НАТО потпишаа трета декларација за подобрување на партнерството

2 mins read

Лидерите на Европската Унија и НАТО денеска во Брисел потпишаа трета Заедничка декларација за соработка, во која укажуваат дека двете организации се соочуваат со најголема закана за евроатлантската безбедност во последните децении и се обврзуваат да го унапредат партнерството.

Потписниците на Декларацијата, претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг наведуваат дека ќе го подигнат партнерството на ЕУ и Алијансата на повисоко ниво врз основа на нивната долгорочна соработка, во време на развој на безбедносните закани и предизвиците со кои се соочуваат.

– Стратешкото партнерство на НАТО и ЕУ се заснова на нашите заеднички вредности, нашата решеност да се справиме со заедничките предизвици и нашата недвосмислена посветеност за промовирање и зачувување на мирот, слободата и просперитетот во евроатлантската област, се наведува во една од 14-те точки на Декларацијата.

Лидерите посочуваат дека денес ЕУ и НАТО се соочуваат со најголемата закана за евроатлантската безбедност во последните неколку децении и „најостро ја осудуваат агресијата“ на Русија против Украина.

– Руската брутална војна против Украина го прекршува меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН. Ја поткопува европската и глобалната безбедност и стабилност. Војната на Русија ја влоши кризата со храна и енергија која влијае на милијарди луѓе ширум светот, се вели во текстот.

Лидерите наведуваат дека Русија „мора веднаш да ја прекине таа војна и да се повлече од Украина“, изразуваат „целосна солидарност“ со Украина и ја повторија својата „непоколеблива и континуирана поддршка за нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет во нејзините меѓународно признаени граници“.

Во Декларацијата се наведува дека „авторитарните актери ги оспоруваат интересите, вредностите и демократските принципи“ на ЕУ и НАТО, користејќи политички, економски, технолошки и воени средства.

– Живееме во ера на зголемена стратешка конкуренција. Зголемената самоувереност на Кина и нејзините политики претставуваат предизвици со кои треба да се справиме. Постојаниот конфликт и нестабилноста во нашето европско соседство ја поткопуваат нашата безбедност и обезбедуваат плодна почва за стратешките конкуренти, како и за терористичките групи да стекнат влијание, да ги дестабилизираат општествата и да претставуваат закана за нашата безбедност, се вели во документот.

Се додава дека тоа е „клучна точка“ за евроатлантската безбедност и стабилност, „што повеќе од кога било ја покажува важноста на трансатлантската врска, повикувајќи на поблиска соработка ЕУ-НАТО“.

– НАТО останува основата на колективната одбрана за сите нејзини членки и клучен фактор за евроатлантската безбедност. Ја препознаваме вредноста на посилна и поспособна европска одбрана која позитивно придонесува за глобалната и трансатлантската безбедност и која е комплементарна и интероперабилна со НАТО, стои во документот.

Во Декларацијата се наведува и дека ЕУ и НАТО „постигнале невиден напредок во сите области на соработка“.

– Постигнавме опипливи резултати во спротивставувањето на хибридните и кибер-заканите, оперативната соработка, вклучително и поморските прашања, воената мобилност, одбранбените капацитети, одбранбената индустрија и истражувањето, вежбите, борбата против тероризмот и градењето на капацитетите на партнерите, се додава во текстот.

Лидерите се обврзуваат да го подобрат партнерството меѓу НАТО и ЕУ со блиски консултации и соработка со сите членки, во духот на целосна взаемна отвореност и во согласност со автономијата на двете организации во донесувањето одлуки.

– Охрабруваме максимално можно вклучување на сојузниците на НАТО кои не се членки на ЕУ во нејзините иницијативи. Охрабруваме максимално можно учество на членките на ЕУ кои не се дел од алијансата во нејзините иницијативи, се наведува во Декларацијата, во која исто така се посочува дека двете страни редовно ќе го оценуваат постигнатиот напредок.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Синот на српскиот претседател го чуваат пет вооружени лица во БиХ – Вучиќ: Тој е таму приватно

Следно

Даравелски ќе биде слободен човек, му застареле делата и ќе биде ослободен од затвор!

Latest from Blog