„Кумот“ на вештачката интелигенција си даде отказ од „Гугл“, вели дека последиците од ваквата технологија можат да бидат прилично страшни

2 mins read

Пионерското истражување на Хинтон за длабоко учење и невронски мрежи го трасира патот за развој на сегашните системи за вештачка интелигенција, како што е Чет ГПТ. Британско-канадскиот научник вели дека чет-ботот наскоро би може да го надмине нивото на информации што ги поседува човечкиот мозок

Џефри Хинтон, човекот кој се смета за кум на вештачката интелигенција (ВИ), објави дека си заминува од „Гугл“ и предупреди на опасностите од развојот на ваквата технологија.

Седумдесет и петгодишниот британско-канадски компјутерски научник и когнитивен психолог во изјава за Би-би-си вели дека последиците од чет-ботовите со вештачка интелигенција можат да бидат прилично страшни.

Британско-канадскиот научник во разговор за Би-би-си зборува за заминувањето од „Гугл“ и опасностите од вештачката интелигенција/Фото: Принтскрин

„Во моментов тие не се поинтелигентни од нас, колку што можам да забележам. Но, мислам дека наскоро може да бидат“,

вели научникот.

Тој ја наведува и својата возраст како една од причините што влијаеле на одлуката да си замине од технолошкиот гигант.

Пионерското истражување на Хинтон за длабоко учење и невронски мрежи го трасира патот за развој на сегашните системи за вештачка интелигенција, како што е Чет ГПТ.

Британско-канадскиот научник вели дека чет-ботот наскоро би може да го надмине нивото на информации што ги поседува човечкиот мозок.

„Во моментов она што го гледаме е како ГПТ 4 го засенува обичниот човек во количеството на општо знаење и дури и го надминува. Во однос на расудувањето, четот не е толку добар, но веќе прави едноставни расудувања… И, со оглед на стапката на напредок, очекуваме работите да одат напред мошне брзо. Затоа треба да бидеме загрижени“,

вели Хинтон за Би-би-си.

Вештачката интелигенција во „лоши раце“ е кошмарно сценарио

Во напис на „Њујорк тајмс“, научникот се осврнува на „лошите актери“ кои би се обиделе да ја искористат вештачката интелигенција за „лоши работи“.

Прашан од британскиот национален сервис да го елаборира ова, Хинтон вели:

„Ова е само едно од најлошите сценарија, еден вид кошмарно сценарио. Можете да замислите, на пример, некој лош актер како (рускиот претседател Владимир) Путин да реши да им даде на роботите способност да создаваат свои потцели“,

Научникот предупредува дека на крајот ВИ може да создаде свои потцели, како на пр., „треба да добијам повеќе моќ“.

„Дојдов до заклучок дека интелигенцијата што ја развиваме е многу поразлична од интелигенцијата што ја имаме (како луѓе). Ние сме биолошки системи, а овие се дигитални системи. И сите овие копии можат да учат одделно, но веднаш да го споделат своето знаење. Значи, како да имате 10 000 луѓе и секогаш кога едно лице ќе научи нешто, секој автоматски го поседува истото знаење. И на тој начин овие чет-ботови можат да знаат многу повеќе од која било човечка личност“,

објаснува Хинтон.

Тој нагласува оти не сака да го критикува „Гугл“ и дека технолошкиот гигант бил многу одговорен.

„Всушност, сакам да кажам некои добри работи за ‘Гугл’. И тие би добиле на кредибилитет ако не работам за нив“,

вели научникот.

По повод заминувањето на Хинтон, главниот научник на „Гугл“, Џеф Дин, вели:

 „Остануваме посветени на одговорен пристап кон вештачката интелигенција. Постојано учиме да ги разбереме ризиците што се појавуваат, истовремено храбро работејќи на иновации“

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Апсења во Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба поради дрога

Следно

Веројатно и Вајс ќе го изеде банкрот

Latest from Blog