МОЖЕБИ ПОДОЦНА ЈА ДОБИВ УЛОГАТА НА ТРУБАДУР, НО ЌЕ ДАДАМ СЀ ОД СЕБЕ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ ЗОРАН СОТИРОВ КОЈ СЛАВИ 25 ГОДИНИ КАРИЕРА

1 min read

Tенорот од Националната опера и балет (НОБ) Зоран Сотиров ќе одбележи 25 години кариера со насловната улога од операта „Трубадур“, со која на 9 мај ќе се отвори 52. издание на Мајските оперски вечери (МОВ). Сотиров вели дека токму на овој фестивал, гледајќи претстава во 1984, донел одлука операта да биде негова професија, а на Мајските оперски вечери и дебитирал во 1999, во „Боеми“.

„Секој тенор кога ќе почне да се занимава со опера сонува за оваа улога. А дали ќе се оствари зависи дали има зрела конструкција на гласот, каква што бара оваа улога, но и дали ќе има прилика да настапи во таа опера, дали таа ќе биде поставена на сцената. Можеби ја добив подоцна оваа улога, но сум среќен и ќе дадам сѐ од себе“, рече Сотиров.

Операта „Трубадур“, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“, ја режира Иван Поповски, диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија. Костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.

Улогата на Ацучена ќе ја пее мецосопранот Сања Анастасија од Србија, првенка во Народно позориште во Белград. Таа по третпат учествува на Мајските оперски вечери.

„Ацучена е сериозна и комплексна улога, одговорна за заплетот во целата приказната во која се судираат две емоции – љубовта и омразата“, рече Анастасија, додавајќи дека оваа улога ја пеела над 200 пати.

Во „Трубадур“ ќе учествуваат и Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски, Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ.

Според уметничкиот директор на Операта, Орце Ицковски, премиерата е распродадена, а репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и Чиле.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

24 отворено: Полошкиот регион се празни

Следно

УТРЕ Е ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК: Првото фарбано јајце има волшебна моќ – еве што да направите со него!

Latest from Blog

Кој е Роберт Фицо?

Словачкиот премиер Роберт Фицо (59) е во критична состојба откако беше ранет во пукање по политички