Колумна на Ристо Симеонов: Новиот Клинички центар

2 mins read

„Неделава ќе се финализира локацијата за изградба на новиот Клинички центар. Големи се шансите де биде во Општина Ѓорче Петров, бидејќи локацијата е најповолна од сегашните резултати“ – Венко Филипче.

„Верувам дека на почетокот на 2019 година ќе можеме да распишеме тендер за избор на изведувач, а некаде до крајот на 2019 година да почнеме со изградба на Клиничкиот центар“ – Зоран Заев.

Ова се изјави на поранешниот министер за здравство и поранешниот премиер за новиот Клинички центар на крајот на 2018 година. Од ова, како и многу други најавени проекти не видовме ништо. Предвиден беше клинички центар во Веле Поле, област во периферијата на Скопје. Земјиштето неиспитано, но тендерите се спремаа. За 4-5 години, тогашната влада предвидуваше да потроши околу 500 милиони евра на овој мега проект.

Од недостатокот на капацитет и бездушноста на овие поранешни функционери со благодарност не’ двои се повеќе време. Денеска имаме реални планови за иднината. Посветла, домаќинска иднина за Македонскиот народ во кој ќе имаме меѓу другото и нов, модерен Клинички центар од кој ќе се гордееме.
Во центарот на Скопје се наоѓа локација опкружена со булевари. Од едната страна булеварот Партизански одреди, од другата Октомвриска револуција, од третата пак поминува булеварот Илинден. Ова се разбира е локацијата на болницата ГОБ „8-ми Септември“. Место до кое лесно се стигнува, урбанизирано. Околу сегашната болница има слободно земјиште кое може лесно да се искористи за изградба на нови објекти. Зградата на старата „Воена болница“ со темелно реновирање ќе послужи како срце на новиот модерен Клинички центар во Скопје.

Новиот Клинички центар предлагам да биде локализиран во комплекс на меѓусебно поврзани згради на местото на ГОБ „8 Септември“. Старата зграда, темелно реновирана, во која ќе се сместени хируршките и интернистички клиники. Делот кој до неодамна го користеше болницата „Филип Втори“ реновиран во модерен ургентен центар, каде се примаат сите итни пациенти и каде специјалистите од сите области доаѓаат за консултација. Модерни одделенија со напредна опрема и можност за усовршување на вработените во врвни центри низ светот, особено САД и земјите на ЕУ. Со проширување на ПЕТ центарот ќе се оформи новиот простор за Клиниката за онкологија. Во просторот околу постоечките објекти, изградба на нов педијатриско-гинеколошки и инфектолошки центар како и простории за научно-истражувачки лаборатории. Во просторот на стариот клинички центар би можеле да се задржат мал дел од услугите на сегашните клиники во зависност од предвидените потреби.

За посета на новиот Клинички центар, покрај олеснетиот пристап, ќе бидат обезбедени и паркинг места. Во близина ќе бидат изградени големи катни гаражи кои со подземни и надземни топли ходници ќе бидат споени со зградите на Клиничкиот центар. Одделни паркинг места за вработените и посетителите и голем број на влезни и излезни места од зградите и гаражите ќе овозможи ефикасно движење на сообраќајот. Ќе заврши времето на пренесување на критични пациенти по разорени улици на дожд и снег од една до друга зграда како што сеуште се случува во стариот Клинички центар.
Во реализацијата на оваа визија за нов, модерен и централно локализиран Клинички центар предвидено е да се потрошат половина од народните пари кои претходниот премиер и министер за здравство планираа да ги потрошат за изградба на Клиники во периферијата на Скопје. Ќе овозможиме врвна грижа и квалитет за пациентите и вработените во новиот Клинички центар.

Ристо Симеонов

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Вo Хрватска протекоа повеќе од 180.000 лични податоци на граѓани

Следно

Мбапе: Чест е да се ​​биде капитен на својата земја, ние претставуваме милиони Французи

Latest from Blog