Каков е американскиот дрон чие уривање ја вжешти комуникацијата меѓу Вашингтон и Москва

2 mins read

Леталото е долго 11 метри со распон на крилата од над 22 метри. Може да носи дури 16 ракети од типот „хелфајр“ (hellfire), што е е еквивалентно на носивоста на еден хеликоптер „апачи“

Американски дрон „MQ-9 рипер“ / EPA-EFE/Airman 1st Class William Rio Rosado

Судирот на руски борбени авиони „су-27“ со американскиот дрон од типот „MQ-9 рипер“ над Црното Море ги зголеми стравувањата за ескалација на конфликтот во Украина, пишува британски „Гардијан“.

Блиските средби меѓу западните и руските авиони не се невообичаена работа, но инцидентот што се случи вчера, според весникот, е многу посензитивен бидејќи епилогот во случајот е уривање на американскиот дрон во морето.

Употребата на дронови, односно летала без пилот и екипаж – накратко беспилотни летала, трае со децении во и околу воените зони низ светот.

Вчерашниот инцидент е прв физички контакт меѓу руски борбен авион и американски воен дрон од почетокот на војната во Украина пред повеќе од една година.

Што е познато за американскиот дрон „MQ-9 рипер“, за неговите перформанси и мисиите во кои се распоредува и употребува?

Станува збор за големо беспилотно летало произведено од американскиот производител на воена опрема „Џенерал атомикс“ (General Atomics). Со леталото далечински управува двочлен тим, составен од „пилот“ задолжен за навигацијата и член на екипаж кој управува со сензорите и командите за оружјето.

Двочлен екипаж кој управува со дрон од класата MQ, односно „Предатор“/Фото: U.S. Air Force/Master Sgt. Steve Horton

Леталото е долго 11 метри со распон на крилата од над 22 метри. Според воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави, нивната примарна употреба е како „средство за собирање разузнавачки информации“. Но, истовремено се истакнува нивната уникатна способност да изведуваат прецизни напади против важни и временски чувствителни цели.

„Рипер“, како што се наведува во анализата на „Гардијан“, може да носи дури 16 ракети од типот „хелфајр“ (hellfire), што е е еквивалентно на носивоста на еден хеликоптер „апачи“.

Во текот на календарската 2018 година „MQ-9 рипер“ поминал вкупно 325 000 часа во лет за американските воздухопловни сили, од кои 91 отсто биле за поддршка на борбени операции, наведува „Гардијан“.

Инцидентот што ја вжешти комуникацијата меѓу САД и нивните сојузници од една и Москва од друга страна се случи вчера во 19:03 часот, кога, според американската војска, два руски авиона „су-27“ се обиделе да го пресретнат дронот кој бил на рутинска мисија во меѓународниот воздушен простор над Црното Море.

Американските власти ја обвинија руската страна дека нивните пилоти во случајот се однесувале невнимателно и дрско во меѓународен воздушен простор.

„Пред судирот, руските авиони неколкупати испуштиле гориво врз дронот на несовесен, нееколошки и непрофесионален начин. Еден авион притоа го допре пропелерот на дронот, кој потоа се урна во Црното Море“,

соопшти американската војска.

Од друга, Русија ги повика САД да ги прекинат „непријателските летови“, пренесе АФП цитирајќи го рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, кој за руската државна новинска агенција Тасс изјавил дека секоја акција во која се користи американско оружје е отворено непријателска.

„Тие нè испровоцираа да преземеме одредена акција, што ќе им овозможи да ги обвинат Русија и руската војска дека се непрофесионални“,

рекол Антонов за ТАСС.

Тој посочил дека руските борбени авиони не користеле оружје против американското беспилотно летало и оти дронот летал со исклучени транспондери и влегол во зоната на специјалната воена операција, како што Москва ја нарекува воената агресија врз Украина.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Жителите на Автокоманда добиваат нови паркинг места

Следно

Два ловци „Тајфун“ пресретнале руски авион во близина на воздушниот простор на Естонија

Latest from Blog