Кадиевска Војновиќ за „Пари“: Енергетската криза во Македонија во 2022 година низ бројки

4 mins read

Помина 2022 година, година на висок скок на цените на нафтените деривати, електричната енергија, гасот, дрвата. Помина година на висок скок на цените на храната, лебот, маслото, месото, млекото, но и на останатите цени на многу стоки и услуги кои не беа дискутирани во јавност пр. материјали и услуги за одржување и поправки на живеалиштето, угостителски услуги, услуги за лична хигиена итн. Инфлацијата е висока и широкораспространета. Енергетската криза започна од ноември 2021 година, беше жешка во периодот од февруари до август/септември 2022 година, а потоа стивна во Европа за што помогнаа полните складишта со гас и топлата зима, вели во својата анализа Маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за порталот „Пари“.

-Кај нас дома, цената на електричната енергија за домаќинствата се зголеми во просек за 14,8% во 2022 година, а во јануари 2023 година дополнително за 3,7%. Кризата во енергетскиот сектор уште трае – не е прекината, лебот го нема, производителите се бунат, а Владата се заканува со казни. Сума сумарум, Влада се фали дека ја изменаџирала одлично енергетската криза. Но, што викаат податоците?

Македонија, односно приватниот сектор т.е фирмите и населението и во помал дел државата, плати фантастични 2.141 милион евра за увоз на енергенси и електрична енергија или околу 16,6% од бруто домашниот производ (БДП) во 2022 година, што е речиси двојно поголемо зафаќање на БДП од 2021 година (8,8%).

Поконкретно, Македонија плати 1.134 милиони евра за увоз на нафтени деривати, 579 милиони евра за увоз на електрична енергија, 380 милиони евра за увоз на гас и 48 милиони евра за увоз на јаглен, кокс и брикети. Нафта и гас немаме, моравме да узвеземе, но струја можевме домашно да произведеме. Оваа голема сума на пари на фирмите и на населението се одлеа од домашната економија.

Билансите на фирмите беа погодени, а трошокот го пренесоа врз финалните цени – инфлацијата. Но затоа, ова имаше позитивен ефект врз буџетот на државата. Приходите од бруто ДДВ и увозни давачки годишно пораснаа за 22,4% и за 17,6%, соодветно, додека приходите од акцизите имаа солиден годишен раст во првата половина на годината од 9%, а во втората половина забележаа годишен пад од 7,2%, при намалување на цената на нафтата на светските берзи и со тоа на цената на нафтените деривати. Шокот од увезените цени на енергенсите и електричната енергија беше поголем во првата половина на годината, кога Владата и требаше да реагира. Но…

Колку плати државата за енергетската криза треба Владата да даде отчет. Секоја одговорна влада ќе ги извести граѓаните каде ги потрошила нивните пари. Но веќе сме март 2023 година, а отчет нема.

Она што се знае од податоците е дека од буџетот во 2022 година се префрлени 230 милиони евра на ЕСМ, од кои 97 милиони евра се пријавени како капитални инвестиции. Останува да видиме кои се тие капитални инвестиции, зошто кога тогаш, треба да ги осетиме придобивките од истите. Остатокот од средствата кои беа префрлени или 56 милиони евра се за снабдување со топлинска енергија (веројатно за набавки на гасот) и 78 милиони евра веројатно за набавка на јаглен, мазут, но и за субвениционирање на дел од сметките за струја на домаќинствата (и за мал дел од фирмите). Но, тука симптоматично е што делот којшто се субвенционираше се намали. Зошто? Затоа што зголемениот трошок за производство на струјата (или за увозот) државата полека и суптилно го пренесе врз сметките за струја на домаќинствата. Ја зголемија цената на струјата за домаќинствата користејќи метод на price discrimination или познато кај нас како тарифирање во категории. Затоа и имаме просечен годишен раст на цената на електричната енергија од 14,8% во 2022 година.

Да сумирам за состојбата со електричната енергија во 2022 година.

Вкупните потреби за електрична енергија во Македонија во 2022 година (или нето-увозот) се намалија за 1.605 GWh во однос на 2021 година при: пад на финалната потрошувачка на домаќинствата (за 279 GWh или 8,3%) и на останатите сектори (за 523 GWh или 16,3%), пад на дистрибутивните загуби (за 69 GWh) и пад на потрошувачката во енергетскиот сектор (за 1 GWh), а при раст на домашното нето – производство само за 193 GWh (3,7%). Затоа има пад на увозот од 901 GWh, додека пак извозот пораснал на годишна основа за 164 GWh што значи дека ако не сме извезувале во толкав обем ќе сме имале и понизок увоз (или повеќе струја за домашните фирми). Намалената потрошувачка на домаќинствата (кои започнаат да штедат) и на фирмите (кои го намалија обемот на производство, што се гледа во реалниот годишен раст на БДП во 2022 година од само 1% пресметан по трошковен метод со постојани цени) ѝ помогна на Владата да не мора да произведува количини на електрична енергија како во нормални времиња.

Но, и покрај ваквата поволна состојба, во 2022 година производството од термоцентралите и хидро централите, како најблиска индикација за производството од државната ЕСМ е под просекот од 2012-2017 година. Е затоа пак, има зголемување од 22,8% во однос на 2021 година т.е од историски најниската споредбена основа. Исто така, процентот на месечна покриеност на финалната потрошувачка на домаќинствата од домашно производство во 2022 година е под просекот на 2012-2017 година. Да не зборуваме за 2021 година кога пак покриеноста беше далеку под историскиот просек, особено кога започна енергетската криза во Европа при крајот на 2021 годината и во првите месеци на 2022 година, што услови и висок увоз на струја од државната ЕСМ.

Само помислете, што ќе се случеше во 2022 година ако домаќинствата не намалија значајно со потрошувачката на електрична енергија? Ќе недостасуваше домашно производство, што ќе условеше висок увоз на струја и одлив на уште девизи и пари од буџетот.

Наспроти големо фалење од Владата дека производството од соларните централи (фотоволтаиците) е значајно и дека веќе идеме кон забрзана енергетска транзиција, во 2022 година учество на производството на фотоволтаиците во вкупното нето-домашно производство на електрична енергија изнесува 0,61% (33,1 GWh) од 0,48% во претходната година (25,3 GWh). Ова е годишен раст од 31%, понизок од годишниот раст во 2014 и 2015 година без постоење на криза.

Зголеменото производство од фотоволтаици во најголем дел е заради приватниот сектор, којшто во текот на 2022 година значајно инвестираше во фотоволтаици од мака, заради високите цени на струјата. Просечната увезена цена на електричната енергија во 2022 година беше околу 300 евра за MWh, повисока за 3,1 пати во однос на просечната цена во 2021 година (од 98 евра за MWh). Ова беше голем шок за фирмите, на кои Владата не им помогна навремено. Секоја задоцнета мерка си има своја последица.

И на крај, во 2022 година имаме фалби за забрзана енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија, а производството во најголем дел базира на јаглен и мазут, и притоа учеството на обновливите извори се сведе на 27,9% во вкупното домашно производство на електрична енергија.

Заборавија на испразнетите водни акумулации кои тешко се полнат. Изгубените 106 GWh од хидро централите, наспроти новите 8 GWh од соларните централи? Нека суди јавноста сама.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Продолжува руската опсада на Бахмут, украинските власти не соопштуваат детали за ситуацијата во градот

Следно

Пиоли: На мечот против Тотенхем ќе видите сосема поинаков Милан

Latest from Blog