(ФОТО+ВИДЕО) Пендаровски пред дипломатскиот кор: Единствено С Македонија и Украина се соочиле со идентитетски напади во поновата историја

3 mins read

Претседателот на државата истакна оти е важно дали ќе дозволиме историјата да ни се повторува на тој начин што анахрони политички режими ќе управуваат со нашите животи и ќе решаваат за нашата иднина, нагласувајќи дека демократијата мора да надвладее

Пендаровски посочи дека уставните промени наскоро би требало да се најдат на домашната агенда, поради што ни е потребна атмосфера во која сите проевропски сили ќе се обединат да ги испорачаат тие промени. Тој процес, додаде шефот на државата, нема да биде лесен, а секоја натамошна провокација или атака врз нашиот идентитет само дополнително ќе го усложнува

Во дел од своето обраќање на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, шефот на државата Стево Пендаровски направи паралела меѓу С Македонија и Украина во однос на непринципиелните напади врз идентитетските параметри со кои изминатиот период се соочува земјава на вербално ниво.

Момент од обраќањето на шефот на државата Стево Пендаровски на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор/Фото: Кабинет на претседателот на државата

Говорејќи во тој контекст, претседателот на државата истакна оти е важно дали ќе дозволиме историјата да ни се повторува на тој начин што анахрони политички режими ќе управуваат со нашите животи и ќе решаваат за нашата иднина.

Шефот на државата во обраќањето се осврна на актуелните домашни меѓународни случувања кои ги сумираше во три точки:

  • Јакнење на европската солидарност и партнерство и натамошно интензивирање на трансатлантските врски;
  • Северна Македонија да продолжи по патот на евроинтеграциите, дијалогот и соработката со сите соседи;
  • Политики на проширување на Европската Унија базирани врз долгорочна стратегија за целосна интеграција на регионот во ЕУ, а не само како краткорочен одговор на војната во Украина.

Пендаровски истакна дека мирот и ослободување на Украина се приоритет кој нема алтернатива и дека преку претседавањето на С Македонија со ОБСЕ оваа година ќе се обидеме да дадеме придонес, заедно со сите останати субјекти.

„Во годината што претстои, очекувам уште поинтензивно јакнење на европската солидарност и партнерство, како и натамошно интензивирање на трансатлантските врски. Тоа е влогот, но и гаранцијата која ќе обезбеди мир, просперитет и дополнително зајакнување на демократијата и кај нас и во Европа. Припаѓаме на генерација политичари кои се соочени со ни малку лесната задача да ги дефинираат контурите на европскиот поредок во кој ќе живеат нашите граѓани, кога војната и страдањата во Украина ќе завршат. Нашиот денешен одговор на трагичните случувања во Украина зборува за тоа како ги замислуваме Европа и светот откако таа војна ќе заврши. Во овој контекст е важно дали ќе дозволиме историјата да ни се повторува на тој начин што анахроните политички режими ќе управуваат со нашите животи и ќе решаваат за нашата иднина. Демократијата мора да надвладее“,

рече Пендаровски, потенцирајќи дека најголемата одговорност за тоа ја имаат оние држави кои ги отворија вратите на демократијата за нашите општества кога Берлинскиот ѕид беше срушен пред повеќе од 30 години.

Затоа, истакна шефот на државата, живееме во време кога декларативните заложби треба да бидат заменети со смели одлуки без разлика дали станува збор за воената и хуманитарна помош за Украина, проширувањето на Европската Унија или за безбедноста и економскиот напредок на целиот европски простор.

Во рамките на своите надлежности, шефот на државата е дециден дека како и досега ќе настојува Северна Македонија да продолжи по патот на евроинтеграциите, дијалогот и соработката со соседите.

„Сепак, морам да нагласам дека за мојата држава изминатиот период беше исполнет со големи предизвици и непринципиелни напади врз идентитетските параметри со кои можеби, на вербално ниво, само уште Украина се има соочено во поновата историја на Европа“,

рече Пендаровски.

Сепак, како што додаде претседателот пред дипломатскиот кор, и во такви услови земјата покажала зрелост и визија, носејќи одлуки критикувани од дел од јавноста, но со кои како држава покажавме капацитет за компромис за тешки прашања.

„Без лажна скромност, досега сме единствени во регионот кои покажавме капацитет за компромис за тешки прашања и дека кога велиме дека веруваме во вредностите на демократијата, тоа за нас не е само реторика, а најмалку слабост. Преку тие компромиси, станавме членка на НАТО и ја отворивме првата фаза од преговорите со ЕУ“,

потсети претседателот на државата.

Во тој конктекст, Пендаровски посочи дека уставните промени наскоро би требало да се најдат на домашната агенда, поради што ни е потребна атмосфера во која сите проевропски сили ќе се обединат да ги испорачаат тие промени.

„Тој процес нема да биде лесен, а секоја натамошна провокација или атака врз нашиот идентитет само дополнително ќе го усложнува. Со други зборови, потребен е стабилен амбиент и предвидливост на европскиот пат“,

посочи шефот на државата.

Отворањето на преговорите на С Македонија и Албанија, кандидатскиот статус на Босна и Херцеговина, одлуката за укинување на визите за Косово и серијата економски мерки за поддршка на националните стопанства, делумно го повратија кредибилитетот на Европската Унија, истакна Пендаровски, но посочи дека ваквите политики ќе имаат стабилизирачки ефект на подолг рок само ако бидат базирани врз долгорочна стратегија за целосна интеграција на регионот во Унијата.

„Просперитетен регион фокусиран на соработка, а не врз конфронтации е возможен само ако Европската Унија е наш заеднички именител“, подвлече шефот на државата.

Во своето обраќање, тој откри дека во претстојниот период ќе биде домаќин на најмалку тројца претседатели од регионот и Европа, а во текот на годината се веќе договорени неколку билатерални и мултилатерални посети.

„Мојата цел е надворешната политика на Северна Македонија да биде водена транспарентно и во интерес на заедничките вредности кои ги споделуваме со мирољубивите и демократски земји“,

порача шефот на државата.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Палудан вети дека секој петок ќе пали Куран

Следно

Санино: Путин од концептот специјална воена операција премина на концептот војна против НАТО

Latest from Blog