(ФОТО+ВИДЕО) Католиците и протестантите го слават најголемиот христијански празник Велигден

2 mins read

Папата Франциск од Ватикан порача дека луѓето треба да ја отстранат „тежината“ од гревовите и стравовите за да ја почувствуваат моќта на воскресението Христово, и упати отворена покана за сите да ја откријат повторно милоста Божја внатре во нив

Папата пристигна во базиликата на св. Петар во инвалидска количка, откако претходно, тој три дена беше задржан во болница поради бронхитис. Службата започна во темница, а потоа ентериерот на базиликата беше ненадејно осветлен, рефлектирајќи ги христијанските верувања дека Исус воскреснал откако бил распнат, а на тој начин доброто го победило злото.

Фото: EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

На службата присуствуваа 40 кардинали и околу 200 свештеници кои носеа запалени свеќи за да ја означат светлината Христова со која се отстранува темнината.

„Сетете се на тоа моќно внатрешно чувство на Светиот дух. Таа радост која ја имате кога ви се простува по признание. Тој интензивен и незаборавен момент на молитва, тоа светло кое тлее во вас и кое ви го менува вашиот живот. Секој од нас го знае местото на внатрешното воскресение, тој почеток и фундамент, тоа место каде работите се менуваат. Не можеме ова да го оставиме во минатото, воскреснатиот Бог не поканува да се вратиме таму за да го празнуваме Велигден“,

рече Папата.

Според грегоријанскиот календар, денеска е Велигден, а празникот го слават над 2 милиони католици и протестанти ширум светот. Денеска, околу пладне, Папата од централната ложа го дава традиционалниот благослов „Urbi et Orbi“, а според традицијата, Папата ќе го искористи благословот за актуелните светски настани, како војната во Украина, насилството во Блискиот Исток и смртните случаи на мигрантите кои доаѓаат од Африка во Европа.

Фото: EPA-EFE

Традиционално во С Македонија, централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена  Воскресна литургија.На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Велигденската литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов. Тој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.

„Бог, наша иднина, доаѓа кај нас во Христа. Тој ни се манифестира како неизмерна љубов. Во Исусовото воскресение ни се покажува нашата иднина, целта на нашиот живот. Треба само да ја прифатиме, а потоа ќе ни се смени секојдневието и начинот на живот. Кога ќе му дозволиме како пријател да биде со нас во нашите работи, нашите планови и секојдневниот живот, тогаш сè ќе има поинаков акцент и ќе бидеме поопуштени во нашите грижи“,

рече скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов.

Скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

„Годинава Велигден се празнува во време на голема неизвесност и на човечки страдања предизвикани од бројни кризи, воени жаришта, елементарни непогоди и социјални неправди. Особено се погодени најранливите меѓу нас. Велигденската порака нѐ поттикнува, да се поистоветуваме со оние коишто страдаат и со длабока хуманост, солидарност и со емпатија да се застапуваме за мир, за социјална правда и за општество со еднакви можности за сите“,

се вели во честитката на Пендаровски.

Честитки упати и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски

„Посакувам добро здравје, мир, разбирање и лична и колективна благосостојба за сите. Големите празници секогаш носат голема духовна сила. И овој празник, што ја слави победата на животот над смртта, нека ја обнови вербата кај секого дека храбрите дела, базирани на љубовта и меѓусебното разбирање, се патот до заедничкото добро“,

стои во честитката на Ковачевски.

Честика пристигна и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој посака сите верници да имаат мигови на радост, спокој и љубов во секој дом, а овој најсветол празник да биде потсетување како да бидеме исправни пред себе и пред Бог, да бидеме чесни и да простуваме.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Ливерпул подготви 50 милиони евра за аргентинската ѕвезда

Следно

Наскоро започнуваат градежни активности на просторот на поранешната фабрика „Треска“, инвеститорите треба да изградат градинка

Latest from Blog