Денеска е Меѓународен ден на жената: Масовни протести се одржуваат низ светот

3 mins read

Во некои земји протестите се забранети, на пример во Лахоре во источен Пакистан. Властите на оваа конзервативна и патријархална земја ја оправдаа одлуката за забрана со „контроверзните транспаренти“, за кои велат дека се пораки за табу-теми како развод, сексуална злоупотреба или менструација

Фото: EPA-EFE/NARONG SANGNAK

Жените ширум светот денеска, на Меѓународниот ден на жената, масовно ќе протестираат за да ги одбранат своите права, кои се загрозени во се повеќе земји. Планирани се многу организирани протести во големите градови како Мадрид, каде што на 8 март вообичаено се одржува голема манифестација.

Мотивите за демонстрациите се многубројни: од репресијата на талибанците врз правото на жените на образование, работа и учество во јавниот живот, преку масовното антирежимско движење во Иран предизвикано од смртта на една млада жена бидејќи таа не се покривала, до загрозувањето на правото на абортус во САД и последиците од војната во Украина врз жените.

„Жените се првите жртви на војната и се недоволно застапени во дипломатските преговори“,

изјавија лидерите пред Советот за безбедност на ОН во вторникот.

„Родовата еднаквост е се подалеку. Со сегашното темпо, таа ќе се постигне за 300 години, проценува ОН вомен“,

рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во понеделникот во Њујорк во говорот пред дебатата организирана од Комисијата за статусот на жените (ЦСР).

ЕУ донесе санкции против талибанскиот министер

Гутереш го искористи Авганистан како пример, каде што „жените и девојките се отстранети од јавниот живот“. Универзитетите во земјата беа отворени во понеделникот по долгиот зимски распуст, но само на мажите им беше дозволено да ги поминат праговите, бидејќи на жените им е забрането да одат на универзитети откако талибанците се вратија на власт во 2021 година.

Во симболичен и сосема нов потег во пресрет на 8 март, Европската Унија воведе санкции против талибанскиот министер за високо образование, Нед Мохамед Надим, кој е „одговорен за општото кршење на правото на образование на жените“.

ЕУ казни со санкции и други поединци или субјекти одговорни за кршење на правата на жените во Иран, Русија, Јужен Судан, Мјанмар или Сирија. Во Лондон, музејот „Мадам Тисо“ го прославува Денот на жената со откривање на новата восочна фигура на суфражетката Емелин Панкхерст, која во 1903 година го основала женското движење кое барало право на глас за жените.

Во некои земји протестите се забранети

Во Европа планирани се собири во повеќе земји, меѓу кои и во Франција, каде што преку манифестации ќе се бара „еднаквост на жените во работата и животот“ и истите ќе се одржат во околу 150 градови, а акцентот ќе биде ставен на противењето на актуелната пензиска реформа, која велат дека е неправедна кон жените.

Во некои земји протестите се забранети, на пример во Лахоре во источен Пакистан. Властите на таа конзервативна и патријархална земја ја оправдаа одлуката за забрана со „контроверзните транспаренти“, за кои велат дека се пораки за табу теми како развод, сексуална злоупотреба или менструација.

Во Куба, поради неможноста за отворени протести, женските независни организации се мобилизираат на „виртуелна демонстрација“, на социјалните мрежи во кампања за сензибилизирање на јавноста за фемицид.

Фото: EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Минатата година во Колумбија беа убиени 614 жени

Во Мексико, под слоганот „Нема повеќе убиени жени“ и „Против насилството на мажите и несигурната работа“, протести се одржуваат во поголемите градови во земјата каде според официјалните податоци во 2022 година имало 969 случаи на фемицид.

Во Колумбија на собирите се бараат мерки против зголемувањето на фемицидите, како што сведочат податоците. Во 2020 година, 182 жени биле убиени само затоа што биле жени, а во 2022 година, според официјалните податоци, биле убиени 614 жени.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и првата дама Џил Бајден во Вашингтон ќе доделат награда за придонес за „подобра иднина“ на „единаесет извонредни жени од целиот свет“.

Правото на абортус е загрозено во Унгарија и Полска

Активистите за правата на жените се мобилизираат за овогодинешниот Ден на жената особено во одбрана на правото на абортус, кое во САД е сè позагрозено со јунската одлука на Врховниот суд да ја отфрли одлуката „Ро против Вејд“, која во 1973 година уставно го гарантираше тоа право.

Во Европа правото на абортус е загрозено во Унгарија и Полска, кои имаат најригиден закон за абортус.

„Се бориме против патријархатот, кој постојано се бори против нашите права, како што е правото на абортус, кое го постигнавме со борба“,

се вели во манифестот објавен во пресрет на маршот во Мадрид закажан за 20 часот.

„Ќе преживеат ли жените овде?“ 

„Ќе преживеат ли жените овде?“ е слоганот под кој денеска ќе се маршира во центарот на Скопје, а по повод Меѓународниот ден за политичка и општествена борба за рамноправност на жените – 8 Март.

Протестниот марш го организира Платформата за родова еднаквост и тој, велат, е одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед.

„Во 2023 година жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот“,

велат од Платформата.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Опасност од пукнато и искривено суво дрво во паркот „Жена – борец“ во центарот на Скопје

Следно

Канада ќе ја продолжи својата мисија за обука на украински инженери

Latest from Blog