Канада ќе ја продолжи својата мисија за обука на украински инженери

1 min read

Канада до октомври ќе ја продолжи својата мисија за обука на украински инженери и обука за воена медицина, соопшти канадскиот премиер Џастин Трудо.

– Ќе ја продолжиме инженерската обука барем до есен и ќе распоредиме медицински тренери да им помагаат на украинските сили во воената медицина, рече Трудо на прес-конференција.

Тој говореше заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во воената база Кингстон во близина на Отава. Канадскиот премиер рече дека неговата земја се обврзала да обезбеди три милиони долари за помош во отстранувањето на мините во Украина, како и генератори, сето тоа во соработка со Европската унија.

– Канада ќе биде со народот на Украина сè додека е потребно, додаде Трудо.

Отава, исто така, ќе испорача тенкови Леопард 2 на Украина за да помогне во борбата против руската инвазија.

Претседателката на Европската комисија ја поздрави посветеноста на Отава и потсети дека Европската унија потрошила повеќе од 12 милијарди евра за воена опрема за Украина и оти планира до крајот на годината да ја заврши обуката на 30.000 украински војници. По посетата на Канада, Урсула фон дер Лајен ќе престојува во посета на САД, каде в петок ќе се сретне со американскиот претседател Џозеф Бајден.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Денеска е Меѓународен ден на жената: Масовни протести се одржуваат низ светот

Следно

АПИС бара да се обрати пред пратениците за штетите кои следат доколку се изгласаат законските измени за игрите на среќа

Latest from Blog