Делегација на ЕУ: Употребата на европското знаменце на законите за коридорите 8 и 10-д не е во согласност со стандардите на Унијата

3 mins read

Употребата или означувањето на законите со европско знаменце, велат од Делегацијата на ЕУ за „360 степени“, навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на С Македонија во ЕУ, но во конкретниот случај нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со стандардите на ЕУ

Оттаму велат дека ја изразиле својата загриженост по ова прашање и побарале објаснување од македонските власти. Европското знаменце, како што наведуваат во својот став, не треба да се користи за заобиколување на на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Собранието

Предлог-законите кои Владата денеска најави дека ќе ги достави во Собранието со европско знаменце, според ставот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.

Зградата на Делегацијата на Европската Унија во Скопје/Фото: Архива

Откако првиот вицепремиер и координатор на проектот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, Артан Груби, денеска на прес-конференција соопшти дека Владата усвоила пет предлог-закони кои ќе бидат доставени во Собранието со европско знаменце, со образложение да се забрза изградбата на коридорите, „360 степени“ побара став од Делегацијата на Европската Унија токму во врска со најавата дека европското знаменце ќе се најде на овие документи.

„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување на (македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда кон ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Законодавниот дом“

пишува во одговорот на Делегацијата на ЕУ

Инаку, одлуката петте предлог-измени на закони да одат во Собранието со европско знаменце, првиот вицепремиер го оправда со тоа што Европската Унија го додала Коридорот 8 на мапата на европските коридори, како и неговото стратегиско значење.

Станува збор за предлог-измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, за експропријација, Законот за прогласување јавен интерес за изградбата на коридорите 8 и 10-д и на Законот за работни односи.

Со владините предлог-измени треба да се надмине блокадата на предлог-решенијата на осум закони кои беа предложени од пратеници на владејачкото мнозинство, кои беа поднесени по скратена постапка, но заглавија во собраниска процедура поради големиот број амандмани во текот на комисиските расправи по нив.

„Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата Владата на денешната седница усвои пет предлог-закони кои ќе ги достави до пратениците. Со оглед на фактот што европската Унија го додаде на мапата на европските коридори и коридорот 8 како и неговото геостратегиско значење заедно со Коридорот 10 и кракот 10-д и дека за овие закони веќе подолго време во нашата јавност се води дебата и во Собранието и во Владата и во медиумите одлучивме законите да се предложат со европско знаме. Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратегиски проекти само заради дневна политичка агенда. Од пратениците зависи дали ќе се гради побрзо и поевтино или побавно и поскапо. Ние сите заедно во Владата сме за опцијата поевтино и побрзо“,

рече Груби на денешната прес-конференција во Владата на која присуствуваа речиси половина министри и повеќемина директори на јавни претпријатија поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е избрана за стратегиски партнер за реализација на проектот за изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, беше потпишан во Владата на 8 март во Владата, а изградбата на делниците ќе чини 1,3 милион евра.

Првиот вицепремиер Артан Груби на прес-конференцијата рече дека договорот со „Бехтел и Енка“ е склучен според постојното законодавство, но доколку сакаме тој да се спроведе побрзо и поевтино, неопходни се законски измени кои  ќе го забрзаат таквиот процес и ќе заштедат пари на граѓаните.

„Наместо проектот да чини 1,5 милијарди евра и две години подолго со постојните законски решенија, има можност да чини 1,3 милијарда евра со поефикасни решенија“,

рече Груби.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во чиј ресор е изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, рече дека предложените-измени не се однесуваат само на конкретниот проект што ќе го гради американски „Бехтел“ и турска „Енка“, туку и за сите други проекти од стратегиски интерес. Меѓу нив тој ги спомена и проектите финансирани од Европската Унија.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски/Фото: Принтскрин

„Граѓаните имаат право да знаат дека овие законски измени не се однесуваат само на изградбата на коридорите 8 и 10-д. Тие се носат со цел да се забрзаат сите постапки за изградба на патиштата, железничките пруги, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес. Овде припаѓаат и проектите финансирани од страна на Европската Унија и грантови што ги добиваме и од други институции, а посебно би ги нагласил магистралните гасоводи и железничката пруга кон Бугарија и Албанија. Нема заобиколување на постапките, нема скратување на фазите при градењето. Со законските измени само ги забрзуваме процедурите и ги намалуваме роковите заради ефикасност и економичност во изградбата“,

рече Бочварски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Започна пролетна генерална акција за чистење на сите јавни паркиралишта

Следно

Недоразбирање во сообраќајот заврши со групна тепачка

Latest from Blog