Чавушоглу: Шведска намерно ја загрозува својата кандидатура за НАТО

2 mins read

АНТАЛИЈА (АА) – Шведска намерно гази врз мини кои терористите ги поставија на нејзиниот пат кон членство во НАТО, изјави денес турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, јавува Анадолу.

„Терористичките организации поставуваат мини, а Шведска намерно гази врз нив. Можат да ги исчистат ако сакаат“, рече Чавушоглу во јужната турска област Анталија.

За провокациите на терористичките групи кои целат на Туркије и претседателот Реџеп Таип Ердоган во Шведска, Чавушоглу рече:

„На Шведска е да одлучи дали ќе ги исчисти мините или ќе гази по нив. Ако згазите по нив ќе експлодираат.“

Додаде дека терористичките организации талкаат низ Шведска, истакнувајќи дека доколку Стокхолм ги исполни своите обврски преземени во трипартитниот меморандум за пристапување кон НАТО, турската страна „ќе седне, ќе разговара и ќе си го одржи зборот“.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО минатиот мај, напуштајќи го повеќедецениското воено неврзување, одлука поттикната од војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.

Меѓутоа, Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, изрази приговори, обвинувајќи ги овие две држави дека толерираат и поддржуваат терористички организации, како ПКК и терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за пуч на 15 јули 2016 година во Туркије.

Во јуни, Туркије и двете нордиски држави потпишаа меморандум на самитот на НАТО за решавање на легитимните безбедносни грижи на Анкара, отворајќи го патот за нивно членство во Алијансата.

Во меморандумот, Шведска и Финска се согласија дека нема да даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД и ФЕТО, дека ќе ги спречат сите активности на терористичките организации, ќе екстрадираат осомничени за тероризам, ќе воведат нови закони за казнување на терористичките злосторства и дека повеќе нема да спроведуваат национални ембарга за оружје меѓу трите држави.

Меѓутоа, турските власти велат дека тие земји, особено Шведска, допрва треба да ги преземат неопходните чекори против тероризмот.

Разговорите за нордиските кандидатури за членство се во застој по неодамнешните провокациски демонстрации и палењето на Куранот во Стокхолм.

Анкара, исто така, навести дека ќе го разгледа барањето на Финска за членство во НАТО одвоено од Шведска.

Критикувајќи го неодамнешното затворање на некои западни конзулати во Истанбул, шефот на турската дипломатија рече:

„Доколку не направите чекор наназад, ние ќе ги преземеме неопходните чекори.“

Истакна дека турската страна знае дека некои амбасадори повикувале други да се приклучат на потегот.

„Ги поканивме во Министерството. Ги дадовме потребните предупредувања. Рековме дека знаеме што сакаат да направат- вие се обидувате да ја покажете Туркије како нестабилна“, рече турскиот министер за надворешни работи.

Изјавите на Чавушоглу уследија откако Туркије ги повика амбасадорите на западните држави, вклучително и на Соединетите Американски Држави, за да упати критики за нивната одлука за привремено затворање на дипломатските мисии и издавање безбедносни предупредувања по неодамнешното палење на исламската света книга Куран во некои европски земји.

Во Министерството за надворешни работи на Туркије беа повикани и амбасадорите на Белгија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Шведска, Швајцарија и Велика Британија.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS).

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Ливерпул со нов пораз, Јунајтед победи против Кристал Палас

Следно

ПУКНА ТИКВАТА: Бугарското МНР ја искара македонската Влада, го понижила бугарскиот народ и нивната држава

Latest from Blog