Бочварски не кажува дали има друга фирма како „Електра солушнс“ што добила лиценца А за надзор за само четири дена

3 mins read

Уште еден дискутабилен момент во целата постапка за избор на надзорот е начинот како фирмата ги исполнила критериумите за добивање лиценца. Имено, потребно било компанијата да има вработено најмалку четири инженери, од кои двајца да имаат овластување А за надзор. Достапните податоци покажуваат дека двајца од четворицата инженери биле ангажирани без огласување, во дополнително работно време над 40 часа неделно, што значи дека тие лица редовно работеле во други компании истовремено

Во гостувањето во емисијата „Економски магазин“ што се емитува вечерва на Алсат ТВ, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не одговара дали некоја друга фирма има добиено лиценца А за надзор на градби од прва категорија во рок од само четири работи дена, како што е случајот со „Електра солушнс“.

„Електра солушнс“ е една од четирите фирми што се дел од конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“ кој го доби тендерот за надзор на автопатите, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Иако „ИРД инженеринг“ на хартија се јавува како водечка во конзорциумот, како што е веќе познато, најголем дел од парите од 22,3 милионскиот тендер и работата ќе одат преку „Електра солушнс“.

Оваа фирма, за лиценца А за надзор аплицирала на 27 септември лани (12 дена по распишувањето на тендерот за избор на надзор), а документот од Министерството за транспорт и врски го добила на 3 октомври или за само четири работни деца.

„Ние согласно законот бараме од Комората на инженери и архитекти да ни потврди дали инженерите кои се вработени или ги приложува таа компанија до Министерството за транспорт имаат валидни овластувања. Значи, ние се обраќаме до друга институција. Кога ќе ни одговори таа институција, ние тогаш постапуваме. И ако сите други документи согласно законот за градење се прибавени и се комплетни во предметот, ние тогаш ја издаваме таа лиценца“,

вели Бочварски во емисијата „Економски магазин“ што ќе се емитува вечерва на Алсат ТВ.

Уште еден дискутабилен момент во целата постапка за избор на надзорот е начинот на кој фирмата ги исполнила критериумите за добивање лицена. Имено, потребно било компанијата да има вработено најмалку четворица инженери, од кои двајца да имаат овластување А за надзор. Достапните податоци покажуваат дека двајца од четворицата инженери се ангажирани без огласување, во дополнително работно време над 40 часа неделно, што значи дека тие лица редовно работеле во друга компанија истовремено. Интересен е податокот дека еден од двајцата инженери ангажирани во дополнителни часови е пријавен на денот кога компанијата аплицирала за лиценцата за надзор, односно на 27 септември лани.

За потсетување, за вработените во оваа фирма „360 степени“ во понеделникот објави дека во договорот за надзор потпишан со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) пишува оти конкретната компанија има вкупно 32 перманентно вработени од кои 27 се перманентно вработени инженери. Меѓутоа, според годишната сметка поднесена до Централниот регистар, „Електра солушнс“, во делот за трошоци за вработени, пишува дека фирмата лани потрошила околу 20 000 евра и дека имала во просек само двајца вработени.

„Друштвото во тековната, како и во претходната година, има 2 вработени. Просечната месечна пресметана нето-плата по вработен во годишната сметка за 2022 година изнесува 31 825 денари“,

пишува во обработената годишна сметка на „Електра солушнс“.

„360 степени“ праша и во „Електра солушнс“ – како ја објаснуваат разликата меѓу она што го пријавиле пред ЈПДП – 32 перманентно вработени и она што го навеле во годишната сметка доставена до Централниот регистар – само двајца вработени, по што оттаму ни одговорија:

„’Електра солушнс‘ … во моментот на поднесување на понудата има вработено 32 лица на неопределено време, од кои најголемиот број од нив се предложени како стручни лица во понудата за кои се приложени и обрасци М1/М2 од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија“.

Во прилог на одговорот, од „Електра солушнс“ ни испратија и листа на вработени, која е од 20 октомври 2022 година, пет дена пред крајниот рок за пријавување на тендерот за надзор.

Сегмент од одговорот на „Електра солушнс“ на прашањето на „360 степени“

На листата има 32 имиња, од кои 26 се ангажирани во подржуницата на „Електра солушнс“ во велешко Долно Оризари, а шест во централата во Скопје. Уште повпечатливо е тоа што дури 25-мина од 32 се ангажирани без огласување – во дополнително работно време над 40 часа. Тоа значи дека сите тие лица се редовно вработени во други фирми.

Од „Електра солушнс“ не дадоа директен одговор на нашето прашање – како ја објаснуваат разликата меѓу годишната сметка во Централниот регистар, во која пишува дека лани имале во просек двајца вработени и тврдењето во понудата на тендерот дека имале 32 перманентно вработени?

Дали во целата таа постапка има простор и за кривично гонење, наредниот период одговор треба да даде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кое вчера потврди дека отворило предмет по допрен глас.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,

велат од ОЈО ГОКК.

Покрај „Електра солушнс“, која како домашна фирма е дел од конзорциумот предводен од италијанската „ИРД инженеринг“, останатите две кои се дел од тимот за надзор, се и: домашната „Евро консалтинг“ и шпанско-кинеската „Ептиса“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

На ирски фудбалски репрезентативец му е дијагностициран аутизам

Следно

Во Белгија приведени седум лица осомничени дека планирале терористички напади

Latest from Blog