Бајден: Нема да се извинувам за кинескиот балон, ќе го собориме секој што ќе им се заканува на САД

1 min read

Ние не сакаме нова студена војна. Доколку некој летечки објект ја загрозува безбедноста на Американецот, ќе наредиме да се собори, вели американскиот претседател

Американскиот претседател Џо Бајден нема да се извини за соборувањето на кинескиот балон и дека ќе го стори истото со сите летечки објекти кои ја загрозуваат безбедноста на САД, но не сака нова студена војна. Ова денеска го изјави Бајден и најави средба со кинескиот претседател.

„Ние не сакаме нова студена војна. Доколку некој летечки објект ја загрозува безбедноста на Американецот, ќе наредиме да се собори“,

рече американскиот претседател.

Бајден не посочи кога ќе разговара со неговиот кинески колега Си Ѓинпинг, но нагласи дека САД ќе продолжат дипломатски да разговараат за ова прашање со Кина.

„Очекувам да го разјаснам ова темелно со претседателот Си, но нема да се извинам што наредив да се собори балонот“,

рече Бајден како одговор на жалбите на Пекинг.

Кина тврди дека тоа бил цивилен научен балон, всушност метеоролошки балон, но Вашингтон тврди дека бил шпионски балон и експертите пронашле клучна електроника, како и големи делови од структурата. Поради аферата со шпионски балон, американскиот државен секретар Антони Блинкен ја откажа веќе договорената посета на Пекинг.

До денес, Бајден даде многу малку јавни коментари за летечките објекти, но го прекина молкот откако голем број пратеници побараа повеќе информации за инцидентите кои со денови го полнат медиумскиот простор во САД.

Американската разузнавачка заедница се уште се обидува да дознае повеќе за три неидентификувани летечки објекти, од кои едниот паднал над Алјаска, другиот над Канада, а третиот паднал во езерото Хјурон.

„Сè уште не знаеме точно кои биле тие три објекти, но засега нема индикации дека тие се поврзани со кинеската шпионска програма за балони или дека станува збор за извидувачки авиони од која било друга земја“,

рече Бајден.

Тој рече и дека овие објекти можеле да бидат забележани токму поради зголемениот радарски надзор по падот на кинескиот балон.

„Белата куќа и експертите сега подготвуваат нови протоколи како да постапат во таков случај, односно во кои случаи да одговорат со проектили на таков авион. Разузнавачката заедница смета дека постои голема веројатност овие балони да се поврзани со приватни компании, од рекреативни или истражувачки цели“,

додаде Бајден.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Преглед на денот: Стразбур не ги сруши предметите на СЈО

Следно

ВИДЕО: По 260 часа спасено 12 годишно момче во Турција

Latest from Blog