АРХИТЕКТКАТА ЗОРИЦА БЛАЖЕВСКА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“

2 mins read

Архитектката и професорка Зорица Блажевска синоќа ја прими наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело, за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството за 2022. Наградата ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), а на свеченоста во Галеријата на МАНУ, наградата на Блажевска ѝ ја врачи претседателот на Асоцијацијата, архитектот и професор Мишко Ралев.

Творештвото на Блажевска, како што велат од ААМ, е длабоко посветено на архитектурата на домувањето со особен фокус на една од најчувствителните теми – архитектурата за третото животно доба.

Дипломирала на Архитектонскиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на професор Георги Константиновски. Докторирала на тема Повеќесемејната куќа во функција на хумано домување на старите лица во рамки на семејството, под менторство на  Константиновски (1991), а била и негов асистент на Архитектонскиот факултет, соработник и рамноправен партнер во низа клучни дела.

Наградата на Блажевска ѝ ја врачи претседателот на Асоцијацијата, архитектот и професор Мишко Ралев.  (Фото: К. Попов)

„Професорката Зорица Блажевска на Архитектонскиот факултет во Скопје ја продолжи линијата на нејзините претходници, професорите Јован Ранковиќ и Георги Константиновски, но даде и еден личен поглед на проектот на домувањето. Како професорка на Проектирање на станбени згради, како и на низа предмети поврзани со областа на домувањето, ја постави и разви темата на живеење во третото доба како дел од педагошкиот проект и како одреден општествен ангажман“, вели ААМ.

Низ развојот на својата кариера, Блажевска се формира во творец со особен авторски пристап. Во периодот на транзитот на бруталистичката архитектура кон почувствителните регионални теми и отворањето кон плуралистичките тенденции на современиот свет, таа умешно ја задржува мерката на една длабоко човечна и просветена архитектура, што е видливо низ нејзините дела: Соборна Православна Црква, Струмица(1993 конкурс, прва награда), Дом за нега „Сју Рајдер“ (1996), Типски станови за социјално домување, (1999/2000, специјална награда), Урбанистички-архитектонски проект за дел од реонски центар Карпош 3, (2004, конкурсен проект, прва награда), Меморијален центар АСНОМ (2004, конкурсен проект, втора награда), Основно училиште „Димо Хаџи-Димов“, Скопје (2004, конкурсен проект, прва награда), Дом за стари лица, Дузлак, Штип (2011, конкурсен проект), Типски решенија на семејни куќи (2015, конкурсен проект), Здравствен дом Охрид (2008, основен проект), Еко куќа, Бардовци, Скопје (2008).

„Нејзината лична ориентација е на планот на колективното домување и живеењето во трето животно доба. Како ментор на престижниот меѓународен студентски конкурс ЕААЕ-АГ2Р за архитектура за трето животно доба, од 2004 (прва награда), дава своевидна платформа за просторните основи на третото животно доба. Овој проект се надоврза на комплексното истражување за можната екстензија на Геријатриската болница во Ѓорче Петров, Скопје, од продлабочената настава на Архитектонскиот факултет (1995) и резултираше во исклучителниот објект на Дом за нега “Сју Рајдер“ (1996). За тоа сведочат и Наградата за посебен придонес во архитектурата на град Скопје 1999-АСК, и Наградата за реализација на успешно архитектонско творештво со особен социјален и хуман карактер БИМАС 2000“. Зорица Блажевска работи во пресекот на праксата и теоријата, во сѐ потенката маргина на интелектуалноста на архитектонскиот проект, кој е сѐ потесен, но и сѐ посуштествен за генерирање на идеите на архитектурата. Со нејзиното дело таа подари низа иновативни и осмислени типолошки поместувања на архитектонските задачи – во Домот за нега ‘Сју Рајдер’ даде начини за хумано згуснување на просторот, додека во проектот за Домот за стари во Штип, нов периметарски концепт на еден урбан блок“, вечат од ААМ.

Творештвото на Блажевска, како што велат од ААМ, е длабоко посветено на архитектурата на домувањето со особен фокус на една од најчувствителните теми – архитектурата за третото животно доба. (Фото: К. Попов)

Од Асоцијацијата велат дека она што дополнително ја издвојува Блажевска е нејзината педагошка работа.

„Денес се повеќе ја доживуваме архитектурата како еден материјален свет, материјален акт, од камен, тула, малтер, бетон, челик, стакло и финансии кои тоа го овозможуваат, но постои и еден подлабок план, план на идејата и уште подлабок, личноста која ја носи и отелотворува. Токму во тие длабоки корени се препознава личноста на професорот Зорица Блажевска. Нејзината дејност, покрај материјален отпечаток, е и несебично споделување на знаењето и учењето на архитектурата“, велат од ААМ.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Вучиќ и Радев на почетокот на изградбата на гасниот интерконектор во Костинброд

Следно

Снег ја прекри турската метропола Истанбул

Latest from Blog