Синоќа, платото пред Офицерскиот дом во Битола беше исполнето со овации за оперските уметници Ана и Игор Дурловски, кои го изведоа концертот „Песни од срцата“.

Стари македонски изворни песни беа отпеани со светска виртуозност, придружувани од Камерениот оркестар „АЈГА“ под диригентска палка на Иван Еминовиќ. Настапот носеше посебна емотивна нота, која ги пленеше присутните.

Меѓу изведбите беа „Калино моме“, „Дејгиди, луди млади години“, „Разболела се Ленка Пингова“, „Што да правам, што да чинам“ и „Си заљубив едно моме“. Особено впечатлива беше народната љубовна песна „Разболела се Ленка Пингова“, каде Ана ја демонстрираше својата извонредна музичка колоритност.

Меѓу присутните беше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој заедно со публиката уживаше во ова музичко доживување.
Со концертот „Песни од срцата“ заврши богатата летна културна сезона во Битола, оставајќи незаборавни спомени кај сите присутни.