8 Март: Од борба за глас до борба за заклетва – каде се С Македонија и Западен Балкан

5 mins read

Во регионот Ана Брнабиќ (Србија) и Бојана Кришто (БиХ) се жени премиерки, а Вјлоца Османи (Косово), пак, е единствена жена претседател на држава. Албанската влада е далеку пред другите во однос на партиципацијата на жени на вицепремиерски и министерски позиции – од 16 члена во тимот на Еди Рама дури 13 се жени

Од осамостојувањето до денес Северна Македонија немала жена на функциите: шеф на држава, претседател на Собранието и премиер. До локалните избори во 2021 година идентична беше и ситуацијата со функцијата градоначалник на Град Скопје. На овие избори Данела Арсовска стана првата жена градоначалник на Скопје од независноста на државата

Од борбата на суфражетките пред повеќе од 100 години за право на глас до актуелните битки за учество на жените во највисоките органи на државната власт каде што се одлучува за прашањата од витално значење за локалните општества, но и глобалниот политички дискурс. По оваа линија се движеше непоколебливата акција на жените за еднакви права која трае до ден денес, а чиј симбол е 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Максимата под која може да се сумира оваа битка би гласела: „Од борба за глас до борба за заклетва“.

Последното во смисла на правото на жената да биде избрана во телата на власта и да даде заклетва пред највисоките државни акти дека ќе ги почитува и ќе се води според вредностите запишани во нив, а за доброто на сите.

Оваа максима преведена на англиски јазик: „From struggle for the vote to struggle for the oath“, уште повеќе го има својот автентичен призвук, можеби затоа што борбата почна од англофонските подрачја. Од социјалистичките движења на суфражетките во 19 век во Соединетите Американски Држави за право на глас, кои потоа се префрлија и на европска почва, за на крајот да ја добијат битката – некаде порано, некаде подоцна.

Но, битката за заклетва и понатаму трае. Актуелна е и денес, особено во земјите во развој кои сакаат да станат дел од систем на вредности во кој родовата еднаквост не е само декларативна одредба на парче хартија, туку реален контекст.

До каде е Северна Македонија во приказната

Декларативно напредува, но реалните бројки покажуваат дека има уште многу работа.

На ова прашање во неделата се осврна премиерот и лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, на осмомартовскиот марш во Прилеп.

 „Еднакви и моќни жени се потреба на државата, како што се потреба на светот. Затоа ја имате мојата почит сите кои бевте столбови во семејствата дома и борци на теренот – кога требаше да се добие една од најважните битки во современа Македонија, обновата на демократските вредности. Почит и кон сите определени кон рамноправност и еднакви човекови права, со што обезбедивме мир во нашата држава и успешно градиме едно општество за сите, без разлика на какви било различности, кон сите вас кои сте и денес столбови на семејствата, но и столбови на државата – моторна, движечка сила на прогресивна, современа атлантска и европска Република Северна Македонија“,

порача Ковачевски од маршот.

Премиерот посочи дека со именувањето на Каја Шукова за министерка за животна средина и просторно планирање има 50 – 50 рамноправна застапеност на жени и мажи, на министерските позиции на коишто се кадри од СДСМ.

Унапредување на родовата еднаквост тој најави преку измени на Изборниот законик чија цел ќе биде постигнување целосна родова еднаквост на листите за пратеници и советници.

 „Измени и дополнувања во Законот за Влада за воведување најмалку 40 проценти жени во извршната власт, а и измени и дополнувања на Изборниот законик за воведување квота од 30 проценти од помалку застапениот пол за избор на градоначалници. Иницираме донесување родово сензитивен деловник за работа на Собранието кој ќе се усвои до крајот на оваа година. Иницираме и законско регулирање на интернет просторот за спречување говор на омраза“,

рече Ковачевски во Прилеп.

Каква е застапеноста на жените во актуелната влада во споредба со регионот

Но, каква е моменталната ситуација со застапеноста на жените во актуелната влада во целост, а не само кај еден од коалициските партнери во неа и како таа котира во споредба со владите на земјите од регионот на Западен Балкан, се обидовме да одговориме преку мини-анализа.

Податоците ги земавме од официјалните интернет-страници на владите на земјава, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, односно шесте земји од Западен Балкан, аспирантки за членство во Европската Унија.

Кога ќе се погледнат составите на владите, апсолутен предводник, според бројот на жени што партиципираат во извршната власт, е Албанија.

Влада на Албанија

Предводен од Еди Рама, владиниот кабинет на Албанија има вкупно 16 министерства. Од нив со дури 13 управуваат жени, меѓу кои е и вицепремиерката Белинда Балуки, која, освен што е заменичка на Рама, раководи и со Министерството за инфраструктура и енергетика.

Владата на Рама е и единствената од земјите од Западен Балкан каде што односот на жени и мажи не е 50 – 50, туку жените се далеку пред своите колеги од спротивниот пол.

Во статистиката се пресметани само вицепремиерските/министерските места без премиерската функција

Најгломазна, според бројот на министри, е владата на Србија – вкупно 28 без премиерот. Но, ова е една од двете држави од западнобалканската шесторка која има жена за премиер, Ана Брнабиќ.

Сепак, од 28 министерства под раководната палка на Брнабиќ, жени има во девет, но мошне значајни – министерствата за култура, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за заштита на животната средина, за рударство и енергетика, за правда, за европски интеграции, за здравство, за грижа за семејството и демографија и за наука, технолошки развој и иновација.

Во статистиката се пресметани само вицепремиерските/министерските места без премиерската функција

Релативно далеку од соодносот 50 – 50 е и владата на Косово на премиерот Албин Курти, но земјата, пак, е единствената од Западен Балкан чиј шеф на држава е жена, Вјолца Османи.

Кабинетот на Курти, според она што може да се види на официјалната интернет-страница на косовската влада, брои вкупно 17 министерства, а со шест од нив раководат жени.

Во статистиката се пресметани само вицепремиерските/министерските места без премиерската функција

Најмалку жени партиципираат во владата на Црна Гора и во Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Во црногорската влада предводена од Дритан Абазовиќ има 21 министерско или вицепремиерско место, од кои на жени им припаѓаат само три.

На чело на Советот на министри на БиХ во моментов е жена – Бојана Кришто. Меѓутоа, од девет министерства, само едно е предводено од жена – Министерството за граѓански работи со кое раководи Дубравка Бошњак.

Во статистиката се пресметани само министерските места без претседателската функција

На крај, владиниот кабинет на Северна Македонија, предводен од премиерот Димитар Ковачевски, според бројот на министерки, се вклопува во сликата на другите држави од Западен Балкан, со исклучок на Албанија.

Владата на Ковачевски има 20 члена – министри и вицепремиери. Од нив само пет се жени.

Четири се министерки: Славјанка Петровска за одбрана; Јована Тренчевска за труд и социјална политика; Бисера Костадиновска-Стојчевска за култура и Каја Шукова која со реконструкцијата на Владата беше избрана за министерка за животна средина и просторно планирање.

Петтата жена во македонската Влада е вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Сите пет се од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, додека другите коалициски партнери немаат жена во извршната власт.

Во статистиката се пресметани само вицепремиерските/министерските места без премиерската функција

Инаку, од осамостојувањето до денеска С Македонија немала жена на функциите: шеф на држава, претседател на Собранието и премиер. До локалните избори во 2021 година идентична беше и ситуацијата со функцијата градоначалник на Град Скопје.

На овие избори Данела Арсовска стана првата жена градоначалник на Скопје од независноста на државата.

Дали ќе се исполнат заложбите за постигнување родова еднаквост во редовите на власта, за кои говореа учесниците на осмомартовскиот марш во Прилеп во неделата, меѓу кои во прв ред Ковачевски, во голема мера ќе зависи од одговорноста што со себе ја носи правото на глас и правото на заклетва.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Група незадоволни граѓани се одговорни за нападот на Северен тек, а не Америка

Следно

Министрите за одбрана на ЕУ на разговори за снабдување на Украина со муниција

Latest from Blog